Остеопороза – кога и зошто се појавува?

Дневна доза здравје

септември 23, 2021

Што е остеопороза?

Остеопорозата е болест која означува губење на коскената маса и намалување на структурниот квалитет на коските. Всушност коските стануваат порозни. Зголемувањето на животниот век, промените во навиките во исхраната и седентарниот (седечки) начин на живот предизвикаа оваа болест да достигне навистина алармантни бројки.

Коската е живо ткиво кое постојано се обновува. Во континуитет се гради и надополнува за да не се наруши неговата структура. Овој процес се спроведува на координиран начин од страна на клетките наречени остеобласти и остеокласти.
До пубертетот преовладува процесот на градење структури (моделирање), по оваа фаза следува одржување (ремоделирање).

Ова ремоделирање на коските е контролирано од хормони. Најважни се: естрогенот (женски полов хормон) и тестостеронот (машки полов хормон), кои го забавуваат уништувањето на коските и помагаат во одржување на фосфорот и густината на коските.

Количината на коскената маса на една личност постепено се зголемува од раѓање додека расте скелетот. Ја достигнува максималната вредност на возраст од 30 до 35 години. Овој врв на коскената маса е моментот кој е познат како скелетна зрелост. Во тоа време имаме најголема количина коскена маса во нашиот живот. Потоа следуваат неколку години стабилност, а подоцна коскената маса постепено се намалува физиолошки.

Остеопороза, почеста кај жените отколку кај мажите

Бидејќи кај мажите производството на тестостерон (што го намалува уништувањето на коските) останува постојано во текот на животот, констатирано е дека болеста постои само кај лицата во многу напредна возраст или кај оние мажи кои имале мала вредност на максималната коскена маса.

Остеопорозата е позастапена кај жените. Нивна максимална вредност на коскената маса е секогаш помала отколку кај мажите. Жените,исто така, минуваат низ менопауза, период во кој јајниците престануваат да произведуваат естроген. Од тој момент, тие често претрпуваат забрзано губење на коскената маса.
Но, иако болеста е многу честа, истата не се развива кај сите жени.

Фактори на ризик за остеопороза

  • Рано губење на менструацијата: по природни или хируршки причини. Коклу подолго време отсуствуваат оваријалните хормони, толку повеќе страдаат коските
  • Наследност: Пациентите со остеопороза имаат поголема веројатност да и нивните деца страдаат од истата.
  • Исхрана: Статистички, намаленото консумирање на млечни производи е поврзано со повисока инциденца на остеопороза.
  • Раса: Белите жени имаат поголема веројатност да имаат остеопороза.
  • Нулипарност: Немањето деца го зголемува ризикот од заболување од оваа болест.
  • Тежина: Жените со низок БМИ (индекс на телесна маса: тежина/висина) се со поголема веројатност да страдаат од остеопороза.
  • Тутун: Статистички гледано, пушачите покажуваат поголема инциденца на остеопороза.
  • Седентарен начин на живот: Физичката активност е извонреден стимуланс за растот на коскената маса, а одморот од друга страна го поттикнува намалувањето на коскената маса.

Последици од појава на остеопороза

  • Намалена густина на коските
  • Болки во мускулите во грбот
  • Деформација на ‘рбетот
  • Губење рамнотежа
  • Ризик од скршеници

Остеопорозата е „тивка болест“. Првите симптоми на остеопороза се досадна болка во грбот, а понекогаш и тие се непријатности што самите пациенти не ги сметаат за толку важни, особено кога процесот на губење на коскената маса е бавен. Ова е една од причините зошто болеста е тешко да се открие. Може дури и да остане незабележано додека не се појави фрактура на пршлен, зглоб или колк.
Како што коската станува поостеопоротична, секој пад, без разлика колку е незначителен, може да предизвика фрактура.

Дијагноза и третман

За да се дијагностицира остеопороза и да се процени ризикот од фрактури и да се утврди дали ви е потребен третман, вашиот доктор најверојатно ќе препорача да направите остеодензитометрија (скенирање за утврдување на густината на коските).
Препораките за третман често се базираат на проценка на ризикот од фрактура на коска во следните 10 години преку добивање на информации од дексаскенерот (апаратот за мерење на густината на коските). Ако вашиот ризик не е висок, третманот може да не вклучува лекови и може да се фокусира на модифицирање на факторите на ризик за губење масната коска и препораки за да се винмава и да се избегнуваат падови.

Како за мажите и така и за жените со зголемен ризик од фрактура, најчесто пропишаните лекови за остеопороза се бисфосфонати:

  • Алендронат (Биносто, Фосамакс)
  • Риседронат (Актонел, Ателвија)
  • Ибандронат (Бонива)
  • Золедронска киселина (Рекласт, Зомета)