25-ти Септември – Светски ден на фармацевтите

Дневна доза здравје

септември 24, 2021

Единаесети пат, годинава на 25 – ти Септември се одбележува светскиот ден на фармацевтите, а акцентот овој пат е поставен на довербата која пациентите ја имаат токму кон овој здравствен работник.

Целта на означувањето на овој ден е да се постигне поинакво, малку повисоко општествено поставување на оваа професија, на овие здравствени работници кои се активно вклучени во подигнување на свеста за личното здравје. Ден кој го посветуваме за да се потсетиме колку фармацевтот е важен дел од севкупниот здравствен систем.

Фармацевтот е експерт за терапија, преку проверка на соодветноста при комбинирање на истата, советување за начинот на примена и чување, пренесување на точни и проверени информации за лековите на разбирлив начин за пациентот, континуирани совети за имунизација и важноста на истата, особено за време на пандемија, советување за лекови и додатоци кои може да се подигнат без рецепт, ги менаџираат хроничните заболувања преку совети за важноста на терапијата како и континуирано следење на состојбата.

Фармацевтот постојано учи и се надоградува. Тој ги потврдува, проверува, подговтвува и ги издава лековите. Правилната употреба, личната доза согласно потребите на пациентот, е она што спречува лекот да биде отров, во тој процес, главната улога ја завзема фармацевтот. Тој е последниот филтер пред употреба на лекот.

Токму поради овој начин на работа кој пациентите го препознаа и преку низа анкети потврдија, фармацевтот заслужува да му се довери здравјето, а тој како вистински професионален здравствен работник, тоа да го потврди и оправда, преку континуирана грижа кон пациентот.


Сакаме да го честитаме овој ден, на сите фармацевти во нашата земја, со порака да продолжат да бидат здравствените работници на кои пациентите им го доверуваат своето здравје и здравјето на своите најблиски.