Дијабетес – видови и симптоми

Дневна доза здравје

април 28, 2022

Дијабетес (дијабетес мелитус) е хронично метаболичко нарушување кое се карактеризира со покачена концентрација на гликоза во крвта. Тоа се случува кога телото не е во состојба да го регулира нивото на шеќер поради проблеми со хормонот инсулин, произведен од панкреасот.

Зголеменото ниво на гликоза во крвта може да доведе до хронични проблеми во очите, бубрезите, малите и големите крвни садови, познати како микроваскуларни и макроваскуларни компликации. Овие хронични промени во голема мера го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни болести.
Ризикот од дијабетес се зголемува со возраста, особено кај луѓето кои голем дел од својот живот го поминуваат седечки и лицата со прекумерна тежина.

Видови на дијабетес

  • Дијабетес тип 1: oва е автоимуна болест која се јавува кога имунолошкиот систем ги напаѓа и уништува клетките во панкреасот одговорни за производство на инсулин, предизвикувајќи телото да произведува помалку или воопшто да не произведува инсулин. Обично се дијагностицира во детството и младоста, иако може да се појави на која било возраст. Клиничката слика може да се развие многу брзо, дури и со денови, а точната причина е непозната, иако најверојатно се работи за присуство на генетски фактори.
  • Дијабетес тип 2: oва е најчестиот тип на дијабетес во светот. Тоа се случува главно кога инсулинот произведен во панкреасот не може лесно да дејствува, станува збор за отпорност на инсулин, што ќе предизвика прогресивно зголемување на нивото на гликоза. Обично се појавува кај лицата над 40 години, со малку почетни или незабележителни симптоми, па може да потрае со години за да се дијагностицира. Овој тип на дијабетес е главно поврзан со прекумерна тежина (дебелина) и е поврзан со други хронични болести како хипертензија или покачен холестерол и триглицериди.
  • Гестациски дијабетес: oвој тип на дијабетес е оној кој се јавува кај жени од вториот триместар од бременоста. Причините се хормоналните промени, кои можат да ја променат функцијата на инсулинот, а со тоа и да ја зголемат количината на гликоза во крвта. По породувањето, промената може да се намали, иако понекогаш опстојува, развивајќи дијабетес тип 2.

Симптоми

Иако симптомите обично варираат во зависност од типот на дијабетес и од самиот пациент, овие се најчестите симтоми:

  • Зголемена жед
  • Зголемен апетит и зголемена желба за слатка/блага храна
  • Често мокрење
  • Губење на тежина
  • Замор и слабост
  • Проблеми со видот
  • Инфекции
  • Бавно заздравување на рана
  • Дигестивни нарушувања
  • Раздразливост и промени во расположението

Дијагноза и третман

Дијагнозата на дијабетесот се поставува со различни типови на тестови на крвта кои го мерат количеството на гликоза во крвта (гликемија), а третманот се заснова на исхрана, лекови и физички вежби, со цел одржување на нивото на гликоза во крвта до нормални нивоа и на тој начин да можат да се контролираат симптомите. Сепак, понекогаш е потребен инсулински третман.

Бидејќи дијабетесот може да предизвика оштетување на различни органи и системи и да го зголеми ризикот од сериозни здравствени проблеми, неопходно е да се открие што е можно порано за да се започне со негово лекување.

Во случај да имате или да се појави некој од горенаведените симптоми, во ендокринолошката област на Клиниката болница Жан Митрев имаме мултидисциплинарен тим од професионалци со кои пациентите може да се советуваат и да добијат персонализирано внимание од дијагноза до третман и следење.