Д-р МАРИЈА КОСТАДИНОВСКА: Чувството на стрес е нормално, но неговото потиснување прави тој да расте

Дневна доза здравје

октомври 12, 2022

Обидете се да размислите за околностите или факторите кои прават да се чувствувате поранливи и какви стратегии ви се потребни за да се справите со нив. Сето ова ќе ви помогне лесно да ги препознаете моментите на преоптоварување и да почувствувате дека сте способни да се заштитите

Нашето темпо на живот, одредени ситуации од минатото, тековни настани со голем емоционален набој или долготрајна негативна ситуација, може да имаат последици врз нашата благосостојба и да предизвикаат емоционален стрес.
„Соочени со вакви околности, односно изложени на стресни дразби, влегуваме во состојба на психолошка напнатост. Доколку опстојува подолг период, ги зголемува шансите за појава на телесни и психички последици, како, на пример, срцеви заболувања, хормонални нарушувања, вознемиреност и/или депресија“, објаснува д-р Марија Костадиновска, специјалист психијатар.

Што е емоционален стрес и како да се соочиме со него? Кои се всушност нивоата на емоционален стрес?

Д-р Костадиновска: Емоционалниот стрес е неопходен и претставува одговор на прилагодување кон одредени ситуации и не` подготвува за пребродување на животните предизвици.
Нашата реакција е прилагодена на нивото на закана или опасност и е сеопфатна, односно се јавува на физиолошко, емоционално и на ниво на однесување. Тежината и непријатноста ќе зависат од степен на емоционален стрес, нашето претходно животно искуство, возраста и актуелните животни случувања.
Акутен стрес – овој тип на емоционален стрес е најчест и одговара на оние специфични моменти кои вклучуваат моментално покачување на адреналин. Такви се оние со краткорочни ефекти како на пример: преселба, развод, сообраќајна несреќа, скокање со падобран, барање работа или полагање испит, испрашување во училиште. Овие ситуации се краткотрајни, брзо завршуваат и потоа можеме да се вратиме во секојдневната рутина.
Епизоден акутен стрес – ситуации на акутен стрес кои често се повторуваат. Лицата имаат чувство дека се во постојан хаос и криза, најчесто условен од брз и начин на живеење под притисок. Епизоден акутен стрес се јавува кај луѓе кои се со многу самонаметнати барања и кај оние кои имаат рутина полна со обврски и континуирано полна агенда активности. Повремено се соочуваат со исцрпеност, намалена концентрација и успех, односно овие ситуации ги истоштуваат и им предизвикуват секојдневни проблеми.

Кога стресот преминува во хронична состојба?

Д-р Костадиновска: Хроничниот стрес се јавува во состојби при нерешени прашања кои опстојуваат константни со текот на времето. Постојат одредени ситуации кои можат да предизвикат хроничен емоционален стрес со текот на времето, како што се: сиромаштија, нефункционални семејства (семејно насилство, лице корисник на дрога или алкохол, справување со тешка хронична болест и сл.), несреќен брак, работа, кариера или пак живот кој не е прилагоден на карактерот и способностите на личноста.
Акутниот стрес е оној одговор што можеме да го сметаме за возбудлив, може да биде и мотивирачки, од кој можеме да извлечеме поука, да му дадеме значење и да растеме како луѓе. Но, кога ќе премине кон епизоден акутен или хроничен емоционален стрес, работите постануваат сериозни.

Како да се бориме против емоционалниот стрес, како да ги препознаеме предупредувачките сигнали и аларми кои ни ги испраќа нашето тело?

Д-р Костадиновска: Долгото негативно искуство може да има многу силно влијание врз нашата личност, верувања и начин на гледање на светот. За да научиме како да се бориме против емоционалниот стрес, треба да ги препознаеме предупредувачките сигнали и аларми кои ни ги испраќа нашето тело.
Телесни аларми за емоционален стрес – телото испраќа алармни сигнали со соматизирање. Тоа значи дека психолошката непријатност се трансформира во физичка. Како резултат на тоа можеме да чувствуваме повеќе умор од вообичаено. При емоционален стрес, чести се и следните симптоми:

  • Невролошки – главоболка, парестезии, фасцикулации, вртоглавица или пресинкопа.
  • Дигестивни- абдоминална болка, гадење, сува уста или “чувство на кнедла во грло“. Хормоните на стрес ослободени во вознемирена состојба имаат влијание врз функцијата на цревата и може да манифестираат физички симптоми кои можат да придонесат или да го влошат синдромот на вознемирени црева, да се има зачестена течна столица и сл.,
  • Респираторни- отежнато дишење, зевање, „чувство за глад за воздух“ или воздивнувања.
  • Срцева- срцебиење, забрзана срцева работа или болка/стегање во градите.
  • Мускулен- замор, тремор или грчеви.
  • Кожна- потење или чешање на кожата.
  • Урогенитален- често мокрење, уринарна итност, диспареунија или импотенција, синдром на хронична карлична болка.

Емоционални симптоми на стрес – отсуство на задоволство во активностите кои дотогаш ни биле возбудливи и не правеле среќни. Лошо расположение, честа иритабилност и намалување на желба за активност. Исто така, може да предизвика намалување на сексуалната мотивација и желба, како и да направи да чувствуваме постојан страв исполнувајќи ни го умот со страшни и непријатни мисли и исчекувања.

Што е најбитно при соочување со емоционалниот стрес?

Д-р Костадиновска: Битно е да се препознае ситуацијата по која се чувствува немир и вознемиреност и ситуација која создава непријатност. На тој начин се зголемува контролата над таквите ситуации бидејќи се запознаваме себе си, нашите потреби. Доколку постои потешкотија да дознаеме што е тоа кое не доведува во состојба на одредена психичка вознемореност потребно е да си поставиме прашање што ни е тоа кое во моментот ни е потребно а потоа и да се направи стратегија за реализирање на нашата потреба.
ЗАПОМНЕТЕ: Чувството на стрес е нормално. Но, неговото потиснување прави тој да расте.
Исто така, обидете се да размислите за околностите или факторите кои прават да се чувствувате поранливи и какви стратегии ви се потребни за да се справите со нив. Сето ова ќе ви помогне лесно да ги препознаете моментите на преоптоварување и да почувствувате дека сте способни да се заштитите.

Кои се другите форми за намалување на емоционалниот стрес?

Д-р Костадиновска: Постојат и други форми со кои може да се намали емоционалниот стрес, а кои се поврзани со дел од вашето секојдневие: истото би опфатило дополнителна физичка активност во која можете да уживате и да се ослободите, како на пример одење на прошетка, танцување, практикување јога, свесно дишење.
Се препорачува и зајакнување на социјалните односи, имајќи превид дека добрата мрежа за поддршка т.е. луѓето на кои можете да им верувате, ќе ве потсетат дека не сте сами, а тоа ќе ви овозможи да се справите со лошите емоции. Во препораките вклучуваме и грижа за вашите навики за јадење, спиење и одмор.

Кога треба да се побара стручна помош?

Д-р Костадиновска: Вашите сопствени ресурси и овие совети понекогаш може да бидат токму тоа што ви е потребно и доволно за справување со ситуацијата. Но, доколку не можете да се справите сами, тоа не е ништо страшно! Во ред е да ви треба помош, на сите понекогаш ни треба помош.
Затоа, не двоумете се да контактирате со некој од нашите професионалци кои ќе ви помогнат да ги решите овие проблеми.
Барањето помош е голем чекор кој ќе ве приближи до намалување на емоционалниот стрес. Посветете се на себе си и поставете си мали цели, чие остварување ќе ви помогне да продолжите напред без притисок, со свое темпо кон поголеми амбиции.

Во клиничката болница „Жан Митрев“ стручниот тим од психијатар, психолози и психотерапевти ви стои на располагање преку индивидуални психотерапевтски и медикаментозни третмани.

Закажете го вашиот преглед на 02 3091 484

Извор: panacea.mk