Физиотерапија при Осгуд Шлатер или остеохондроза

Дневна доза здравје

декември 5, 2022

Болеста на Осгуд Шлатер или остеохондроза претставува честа причина за појава на болки во предниот дел на коленото кај атлетски незрелата популација.

Клинички се манифестира како атрауматска, подмолна болка во предниот дел на коленото, со осетливост на местото на припојување на пателарната тетива кај тибијалниот туберозитет. Состојбата се јавува секундарно при репетитивни (повторувачки) стресни активности на механизмот на екстензорите на коленото, како што се скокање, спринт, при кошарка, одбојка, фудбал и сл.

Целокупното менаџирање и третман на оваа состојба вклучува третман со мраз, НСАИЛ (нестероидни антиинфламаторни лекови), модифицирани активности како и одмор од сите предиспонирачки фактори.

Етиологија

Ова заболување обично се развива во фазата на созревање на коските (10 – 12 години кај девојчињата и 12 – 14 години кај момчињата). Основната етиологија може да се препише на микротрауми на тетивите, фрактури, воспаленија и слично, кои потоа се манифестираат со оток, болка и осетливост. Како предиспонирачки фактори може да се наведат и слабост на квадрицепсите и тетивите.

Ризик фактори:

  • Машки пол;
  • Возраст: машки 12 – 15 години и девојчиња од 8 – 12 години;
  • Ненадејно растење (во висина);
  • Повторувачки активности како скокање, спринт и слично.

Клиничка манифестација

Најчесто се појавува болка која што е пропратена со оток која што се јавува непосредно по спроведување на активности од видот: трчање, возење велосипед, скокање, качување по скали, удирање со топка (максимална екстензија). Клиничката слика најчесто е локализирана на тибијалниот туберкулум.

Се карактеризира со:

  • Болна палпација на тибијалниот туберкулум;
  • Болка во истата регија која што се зголемува при одредени активности;
  • Затегнатост (напнатост) во предел на натколеницата – квадрицепсите;
  • Болка во натколеницата.

Третман

Најчесто при појава на симптомите се даваат НСАИЛ, мраз на место на болката, одмор и сл.

Физиотерапија

  • Кинезиотејпинг апликација за намалување на едемот и стабилизација на коленото;
  • Функционална магнетна стимулација;
  • Криотерапија (локално);
  • Истегнување во зглобот на коленото;
  • Ограничени спортски активности 6 – 8 недели.

После соодветно спроведена дијагностика се прави индивидуален план за физиотерапија и се започнува со третманот. Не дозволувајте болките да ве ограничат во секојдневното функционирање.

Никодин Велјаноски
Дипл. физиотерапевт, Спец. за рехабилитација