Поврзаноста на дијабетот и кардиоваскуларните болести

Дневна доза здравје

април 25, 2023

Ова е тема која сме сигурни е обработена многу пати, но сепак добро е да се потсетиме како треба да постапуваме доколку ние или некој наш болизок се справува со дијабет.
Дијабетот e болест при која нивото на шеќер во крвта е покачено во тек на подолг временски период. Дијабетот или уште попознат како ,,шеќерна болест,, предизвикува сериозни здравствени проблеми кои всушност произлегуваат од оштетувањето на малите и големите крвни садови и нервите. Како резултат на овој процес, страдаат повеќе органи меѓу кои: срцето, очите, бубрезите, а се јавуваат и проблеми со циркулацијата.

Во зависност од возраста кога за прв пат се појавил дијабетот и причините кои довеле за појава на болеста, постојат два типа: дијабет тип 1 и дијабет од тип 2.
Дијабетот од типот 1 се јавува во помлада возраст и за истиот потребен е третман со инсулин уште од самиот почеток. Додека пак дијабетот од тип 2 е покарактеристичен за повозрасната популација.
Ако веќе имате поставена дијагноза дека боледувате од шеќерна болест, потребно е во соработка со вашиот лекар да се направи план како најдобро ќе се справувате со болеста.

Како да живеете со дијабетот?

Информирајте се за вашата болест!
Соберете доволно информации за шеќерната болест и за компликациите што произлегуваат од неа со цел полесно да се справите со неа.

Научете да ги препознавате симптомите!
Научете сами да ги препознавате симптомите кои произлегуваат засегнатите органи од дијабетот и навреме да побарајте лекарска помош.

Параметри кои треба да ги знаете и редовно да ги контролирате:

  • Ниво на HbA1C – гликолизиран хемоглобин. Тој ја покажува просечната вредност на шеќерот во крвта во тек на изминатите два до три месеци. Вредностите под 7 укажуваат на добра регулација на
  • шеќерот што треба да биде и ваша цел.
  • Нивото на LDL или лош холестерол треба секогаш да е под 3,5 mmol/l.
  • Горната граница на крвниот притисок да биде до 130/80 mmHg.

Придржувајте се до хигиено –диететски режим!

Придржувајте се на режимот на исхрана што ви го пропишал вашиот лекар. Хранете се здрaво и одржувајте ја телесната тежина во граници на нормалата. Храна која се препорачува:
Овoшје, зеленчук, риба, грашок, леќа, обезмастено млеко и производи од него, леб од цели зрна, нерафинирано, ладно цедено масло, сол и шеќер во ограничени количини.

Практикувајте редовна физичка активност!

Спортувајте редовно во склад со вашата возраст и согласно препораките на вашиот лекар. 30-60 минути брзо одење 4-5 пати неделно значително ќе ја подобри вашата состојба.

Прекинете со пушење!

Пушењето во комбинација со шеќерната болест повеќекратно го зголемува ризикот од појава на кардиоваскуларни болести.

Редовно земајте ја пропишаната терапија! Не ја прекинувајте иако се чувствувате добро!

Проверувајте ги вашите стапала секојдневно, одржувајте добра хигиена и носете удобни обувки!

Побарајте лекарска помош секогаш кога ќе почувствувате некоја промена со вашето здравје!