Физичка активност и вежбање, клучна стратегија при ревматоиден артрит

Дневна доза здравје

септември 11, 2023

Ревматоидниот артритис е вид на воспалителен артритис и еден од најчестите. Тоа е автоимуна болест која најчесто ги зафаќа зглобовите на дланките, рачниот зглоб, рамената, лактите, колената, глуждот и стапалата. Може да се појави кај луѓе со различна возраст, но најчесто се појавува кај луѓе на возраст помеѓу 40 и 60 години. Почесто се јавува кај жените отколу кај мажите.

Симптоми на ревматоиден артри

Постојат голем број на симптоми кои може да укажуваат на ревматоиден артрит, но сепак варираат индивидуално. Најчестите вклучуваат :

  • Отечени и болни зглобови подолго од 6 недели;
  • Оток и вкочанетост на зглобовите наутро (симптоми кои траат повеќе од 30 минути);
  • Чуство на силен замор;
  • Чуство на општо влошување на секојдневието и можно губење на тежината;
  • Намалена издржливост;
  • Губење на мускулна маса;
  • Намалена способност за извршување на секојдневните активности, на пример одење на работа, или извршување на активностите низ домот или во слободното време;
  • Кожни грутки (јазли), сувост или црвенило на очите.

Кардиоваскуларните заболувања во комбинација со ревматоидниот артритис

Луѓето со ревматоиден артрит и други воспалителни заболувања на зглобовите имаат зголемен ризик од кардиоваскуларни болести. Луѓето со ревматоиден артритис имаат 1,5 до 2 пати поголем ризик за коронарна артериска болест и двојно поголем ризик за да развијат срцева слабост споредено со општата популација.

Изборот на здрав начин на живот, вклучувајќи ја и редовната физичка активност, претставуваат важен фактор во справувањето со ревматоидниот артритис и намалувањето на ризикот од кардиоваскуларни заболувања.

Физичка активност и вежби

Физичката неактивност и седечката положба се почести кај луѓето со ревматоиден артритис. Помалку од 14% од луѓето со ревматоиден артритис вршат физичка активност во граници на препораките. Сепак, да се биде физички активен ги подобрува здравствените резултати и се препорачува за лица со ревматоиден артрит. Физичката активност и вежбањето може да помогнат за:

  • Физичка кондиција – зајакнување на срцето и белите дробови
  • Подобрување на мускулната сила и издржливост
  • Флексибилност и обем на движења во зглобовите
  • Рамнотежа
  • Болка и замор
  • Депресија
  • Спречува губење на коскена маса (намалување на густината на коските).

Видови вежби

Физичката активност и вежбањето се важни за одржување на зглобовите колку што е можно помобилни и за зајакнување на мускулите. Исто така, може да го намалат ризикот од развој на други болести како што се кардиоваскуларните заболувања, висок крвен притисок, остеопороза и дијабетес. Постојат различни видови вежби кои можете да ги правите, а се погодни за луѓе со ревматоиден артрит. Треба да целите кон комбинација од следните:

  • Вежби за мобилност
  • Вежби за зајакнување на мускулите
  • Аеробни вежби
  • Вежби за баланс

Дури и ако на почетокот можете да издржите да вежбате само 10 минути, важно е да почнете од некаде. Имајте за цел да ја зголемите физичката активност и да го намалите времето поминато во седење и постепено да го зголемувате времето во кое сте физички активни. Вашиот физиотерапевт може да ве води во програмата за активности која што е соодветна за вас.

Симптомите на ревматоидниот артрит може да варираат од ден на ден. Така, еден ден вашите зглобови ќе ги чувствувате прилично добро, а веќе следниот ден ќе бидат исклучително болни, често пати ова чувство ќе биде придружено со замор и изнемоштеност. Може да дојде и до акутна ескалација на симптомите. Доколку болеста дојде до овој стадиум, болките и стравот од ваквата состојба, може да ги обесхрабри луѓето со ревматоиден артрит да бидат физички активни и да вежбаат. Физиотерапевтот ќе ви даде различни вежби кои ќе бидат прилагодени на вашата состојба, во зависност од симптомите кои што ги искусувате во моментот.

Вежбањето е клучна стратегија за намалување на попреченоста и подобрување на целокупното здравје кај луѓето со ревматоиден артритис. Физиотерапевтот може да ја процени вашата состојба, да ве води како да менаџирате со симптомите и ви даде вежби кои се соодветни за вас со цел безбедно да ја зголемите вашата физичка активност.

Блаже Арсов,
Дипломиран физиотерапевт