Влијанието на високиот притисок врз здравјето

Дневна доза здравје

септември 28, 2023

Даталите од катастрофалното влијание на хипертензијата и начините како тоа да се запре, за прв пат излегоа годинава во официјален извештај направен од СЗО, кој беше објавен на 19 септември.
Во него се истакнува разорното глобално влијание на високиот крвен притисок, заедно со препораките во однос на начините како да се победи во трката против овој тивок убиец.

Извештајот покажува дека приближно 4 од 5 лица со хипертензија не се соодветно третирани. Она што треба да се истакне е заклучокот дека доколку поединечните здравствени системи во секоја земја во светот би можеле да го зголемат опфатот, 76 милиони смртни случаи би можеле да бидат избегнати во следниот период меѓу 2023 и 2050 година.

Хипертензијата погодува 1 од 3 возрасни луѓе ширум светот. Оваа честа смртоносна состојба, доведува до мозочен удар, срцев удар, срцева слабост, оштетување на бубрезите и многу други здравствени проблеми.

Алармантен е бројот на луѓе кои живеат со хипертензија (крвен притисок од 140/90 mmHg или повисок или земаат лекови за хипертензија). Истиот се удвоил помеѓу 1990 и 2019 година, односно пораснал од 650 милиони на 1,3 милијарди. Речиси половина од луѓето со хипертензија на глобално ниво моментално не се свесни за нивната состојба. Повеќе од три четвртини од возрасните со хипертензија живеат во земји со низок и среден приход.

Постарата возраст и генетиката може да го зголемат ризикот од висок крвен притисок, но модифицираните фактори на ризик, како што се исхраната богата со сол, физичката неактивност и прекумерната конзумација на алкохол, исто така, може да го зголемат ризикот од хипертензија.

Промените во животниот стил, како што се поздрава исхрана, откажување од тутун и зголемена физичка активност, можат да помогнат во намалувањето на крвниот притисок. Некои луѓе можеби ќе имаат потреба од лекови кои можат ефикасно да ја контролираат хипертензијата и да спречат поврзани компликации.

Превенцијата, раното откривање и ефективно управување со хипертензијата се меѓу најисплатливите интервенции во здравствената заштита и треба да им се даде приоритет во здравствените системи на секоја земја како дел од нивниот национален пакет здравствени придобивки што се нуди на ниво на примарна здравствена заштита. Само за илустрација, согласно направените анализи, економските придобивки од подобрените програми за третман на хипертензија ги надминуваат самите трошоците за околу 18 пати.