00389 2 3091 484
декември 12,2017
Кристијан Миташев (3,5) години природно се вклопи во целокупната предновогодишна атмосфера. Тој беше вистинска ѕвезда во Жан Митрев Клиник. А за неговата мајка, најсилната светлина, на која се радуваше по успешно решената вродена срцева мана. Кико, постоперативно се рехабилитираше низ игра и забава во неговата соба на интензивна нега. Пакетчиња, играчки и многу љубов од целиот персонал ја исполнуваа собата на Кристијан… Црташе волк и раскажуваше за неговиот најдобар другар Матеј од градинка… Беше пресреќен што Дедо Мраз му испратил пакетчиња, но му останала една желба – женско маче за Нова година… Сето тоа го правеше низ игра, забава, а за која беше задолжена „тета Ане“, како што ја нарекуваше физиотерапевката Анета Манасиева… Во следната игра, тој беше во улога на доктор… „Сакам да бидам д-р Митрев (го изговараше Митлев). Многу деца и мајки да бидат среќни“, беше неговата искрена желба. А неговата мајка, која постојано беше до него и ги впиваше неговите зборови, му се восхитуваше на својот единец кој измамуваше внимание кај сите благодарение на неговата харизма…
Од 8 месеци Кристијан живеел со вродената срцева мана, се до пред неколку дена кога му беше решена од страна на д-р Жан Митрев. Неговата мајка, возбудена и среќна нѝ раскажа за годините кога живеела во страв за нејзиното дете…
„За вродената срцева мана на Кристијан нè информираа при рутински педијатриски преглед на негови 8 месеци. Следно беше упат за испитување во државна клиника во Скопје и лошо искуство, кое за среќа, траеше само 3 дена. Во тие моменти кога поминувавме низ најтешкиот период, со нељубезен персонал, оскудни информации и без доверба кон лицата кои треба да го лекуваат моето дете се размислив и решив. За здравјето на моето дете и за неговата состојба има само едно место, едни сигурни раце каде треба да се обратам, а тоа е оваа болница. За д-р Жан Митрев читав на интернет дека ги прави и овие операции за вродени срцеви мани и веднаш се префрливме во Жан Митрев Клиник и почнаа контролните прегледи кај д-р Иван Милев. Оттогаш, сè доби поинаков тек, овде имавме доверба, знаевме дека ќе успееме. Така, низ месеците ги следевме препораките на д-р Милев и кога дојде време да се сретнеме со д-р Жан Митрев, следно веќе беше договарање на термин за операцијата“, раскажуваше таа.
Стравот кој го имала претходно за состојбата на детето се намалувал за целосно да се елиминира по успешната операција на нејзиниот единец, нејзината ѕвезда…
„Многу сум благодарна, а вербата дека Кристијан е во сигурни раце вроди со успех. Посакувам д-р Жан Митрев да спаси уште многу животи, да донесе радости во многу фамилии. Јас сум среќна мајка што дојдовме овде, во оваа болница каде има сè. Стручност, професионалност, љубезност, комуникација. Искажувам благодарност и кон сестра Жанета Богоевска-Митева која нѝ е огромна поддршка на мене и Кристијан, како и на Анета Манасиева која посветува исклучително внимание кон него за побрзо закрепнување“…
Желбата на Кристијан да биде успешен како д-р Митрев посакуваме да му се исполни, да биде гордост на неговите родители!