00389 2 3091 484
јануари 01,2018
Специфична е приказната за оперираните роднини од две генерации од фамилијата на Нермин Садику од Скопје. Таа е една од трите сестри кои пред 13 години се оперирани од страна на д-р Жан Митрев, сите во една година. Но, претходно е опериран и еден од двајцата браќа, Рауф Фахредин. А пред 3 години и синот на сестрата Накшиле Етем – Ертунч Етем. Целата фамилија беше дојдена на рутинска контрола кај д-р Енвер Идоски, и ова беше прилика да поразговараме за квалитетот на нивните животи после долги години од направените бајпас операции.
Како што завршуваа со прегледот кај д-р Идоски, секој со добиените резултати ги споделуваше со фамилијата. Кај сите од нив изразот на лицето беше смирен, освен кај Фахире Џаде, најстарата сестра кај која беше индицирано потреба за нова операција. Овој пат на каротида… Откако завршија со прегледите и препораките од д-р Идоски на кои се благодарни поради неговата стручност и сигурност, тие нѝ ги раскажаа нивните животни приказни и поврзаноста со Жан Митрев Клиник.
„Прв од фамилијата се оперираше брат ми Рауф Фахредин, пред 15 години“, ја започна приказната Нермин која е комуникациска алка со оваа фамилија, каде се негуваат цврсти, традиционални фамилијарни односи.
„Пред 15 години, при преглед кај кардиолог и по направената коронарографија беше утврдено дека треба да се направи операција на срцето. Така ме доведе патот до д-р Жан Митрев кој ја изврши бајпас операција на моето срце. Од тогаш, до денес, веќе 15 години живеам без никаков проблем со срцето“, кажа Рауф Фахредин.
Трите сестри, Нермин Садику, Накшиле Етем и Фахире Џаде се оперирани во една година, пред 13 години.
„Се до денес ние немаме никако проблем после бајпас операциите. Еве сега, тоа што се утврди кај сестра ми Фахире ќе треба да се среди. Среќа што дојдовме на преглед и се откри, а уште поголема среќа што го имаме д-р Митрев да ја направи операцијата и повторно да ѝ го продолжи животот на нашата сестра“, зборуваше Нермин.
Се потсетија и на деновите од пред и после операција, за грижата и негата која ја добивале, за посветеноста на персоналот. Дека нивната приказна е интересна била препознаена и од магазинот „Семејно здравје“ за што била направена сторија пред 12 години. Последен што е опериран поради проблеми со срцето е синот на една од сестрите, со 3 бајпаса пред 3 години и според последниот преглед кај д-р Идоски состојбата е во ред.
Ова му го раскажаа на д-р Жан Митрев, искажувајќи ја нивната благодарност за се што направил за нив.
„Правиме редовни контроли и до сега се е во ред со нашите срца, благодарение на Вас. Бидејќи сметаме дека ова е генетска болест ние сме дисциплинирани и редовни го контролираме нашето здравје, а тоа го препорачуваме и на нашите синови и ќерки. Но, најважно е што Ве имаме Вас. Благодарение на тоа, цела една фамилија има свои наследници. Имаме уште еден брат кој не е опериран, но знаејќи ги нашите состојби тој прави редовни прегледи, како што беше и денес. До сега, состојбата со неговото срце е стабилна“, потенцираа во разговорот со д-р Митрев со кого се сретнаа после толку години.
Велат дека насекаде ја пренесуваат нивната среќна приказна со цел да се спасат и продолжат уште многу животи, за што е заслужен д-р Митрев.