00389 2 3091 484
јануари 01,2018
Насмевката на Сафије Селмани (32) и позитивната енергија која ја исполнуваше амбуланта број 3 беше доволен предзнак дека ќе имаме прекрасна приказна… Најубава и реална за Сафије и Јетмир Селмани од Гостивар на кои пред десетина дена им се роди првото дете, плод на нивната љубов- прекрасната Сара.
Сафије, од пациент со тешка здравствена состојба, на која во 2012 година д-р Жан Митрев ѝ направи замена на нејзината тешко оштетена аортна валвула со механичка протеза, која храбро се носеше со секоја животна препрека поради оштетениот вид, сега беше пресреќна мајка… Таа е херојот на Жан Митрев Клиник, а најмногу на д-р Тања Анѓушева кај која среќата за новороденото на Сафије беше неизмерна.
Денот кога се породи Сафије, 11.01.2018 беше посебен за д-р Анѓушева токму поради успешното породување на нејзината пациентка со која беше во постојана комуникација.
„Дента, пред да отиде на породување направивме уште еден контролен преглед кај Сафије, им дадов препораки на колегите од Клиниката за гинекологија и одовде ги испратив со мисла дека се ќе биде во ред. За цело време додека ја подготвуваа за породување бев во постојана комуникација со нејзиното семејство се додека не кажаа дека се е во ред со Сафије и бебето малата Сара која е сега со нас. Радосна и пресреќна сум што Сафије и нејзиниот сопруг, а со поддршка на нивното потесно семејство го „изодеа“ овој пат кој отвори нови поглавја во нивниот живот. Тие сега ќе се реализираат и како родители и сум сигурна дека ќе бидат прекрасни и во таа улога“, рече д-р Анѓушева додека ја прегледуваше Сафије, кај која ја утврдуваше состојбата со срцето и при тоа ги делеше советите за одржување на здравјето на Сафије, а со тоа и на нејзината ќерка.
Воедно беше објаснето дека состојбата на Сафије во текот на бременоста била стабилна, но неопходни се чести контроли, за превенција на можните компликации по здравјето на оперираната мајка и плодот.
И сопругот на Сафије, Јетмир не можеше да ја скрие возбудата поради раѓањето на Сара, а секако и од добрата здравствена состојба со Сафије.
„Благодарни сме на д-р Анѓушева без чија поддршка ова немаше да се случи. Претходно Сафије имаше успешна операција за која најголема заслуга има д-р Жан Митрев. Немам зборови со кои тоа може да го потврдам. Д-р Анѓушева и д-р Борка Ѓоргиева беа нашата најголема потпора низ годините додека се правеа редовните контроли кај Сафије, а почесто и низ бременоста. На секои 10-15 дена ние доаѓавме на контроли и благодарение на нивната стручност, посветеност и човечност сега сме проширено семејство“, со трепет во гласот зборуваше среќниот татко.
Додека зборуваше Јетмир ја донесоа и прекрасната Сара, ангелот кој ќе го осветлува патот на оваа фамилија. На излегување од ординацијата Сафије со рацете ја побара д-р Анѓушева. Цврстата прегратка, насолзените очи и тивко изговореното „благодарам“ беше најгласната емоција која нè остави рамнодушен ниту еден во просторијата.
Сафије и Јетмир, ви посакуваме уште многу вакви светли моменти, нека среќата ви биде верен сојузник.