Цервикоцефаличен синдром и физикална терапија

Дневна доза здравје

јуни 06,2024

Што е цервикоцефаличен синдром?

Иако звучи прилично компликувано, тој претставува синдром кој се карактеризира со болка и вкочанетост во горниот дел од цервикалниот ‘рбет проследен со главоболка. Синдромот често е придружен и со вртоглавица, проблеми со видот (нистагмус) и аудитивни проблеми (на пр. тинитус).

Овие симптоми може да бидат поврзани и со недостаток на проток на крв (инсуфициенција во вертебробазиларната зона), односно појава на мешање на протокот на крв во вертебралната артерија во позиција кога вратот е наслонет на едната страна, во ротација или истегнат.

Етиологија-потекло на синдромот

Цервикоцефаличниот синдром често пати е мешан синдром предизвикан од спондилогена иритација и компресија.

Суштински фактори предизвикувачи се:

• иритација на сензорните влакна, ретко на моторните и автономните влакна;
• иритација или компресија на вертебралната артерија;
• иритација на поголемите и помалите окципитални нерви.

Притисокот на вертебралната артерија и симпатичкиот нерв во близина на цервикалниот ‘рбет може да е поврзан со цервикоцефаличниот синдром. Со стимулација на ноцицепторите во зигапофизеалните зглобови може да се стимулираат болки во блиските мускули и тетиви. Ова може да се појави од неправилно позиционирани зглобови на поврзувањето глава/врат, отстапување на цервикалниот ‘рбет од оската на телото, изместување на пршлените и сл.

Овој синдром се карактеризира со главоболки од цервикално потекло, вртоглавици, аудитивни и визуелни нарушувања. Може да се појави и благо нарушување во рамнотежата и намалување на подвижноста на вратот.

Физиотерапија

Оваа состојба се третира со комбинација на конкретни физиотерапевтски модалитети. Во третманот може да се применат следните:

• манипулативни – мануелни техники на цервикалниот ‘рбет;
• мобилизациски техники на цервикалните пршлени;
• кинезитераписки вежби за врат;
• електротерапија, електроакупунктура;
• функционална магнетна стимулација (ФМС);
• кинезиотејпинг;
• истегнување (stretching);
• нервромускулни вежби.

Никодин Велјаноски
Дипломиран физиотерапевт

Извор: физиотерапевти.мк