00389 2 3091 484
ноември 11,2024
Овие аномалии на видот се карактеризираат со матно гледање, без оглед дали се работи за читање или гледање во далечина. Истите се корегираат со помош на оптички помагала очила, леќи или оперативен зафат.
Проблемот за појава на овие аномалии може да биде поврзан со очното јаболко, леќата во окото или рожницата.
Луѓето со кратковидност не се во состојба да ги видат одалечените предмети. При оваа состојба аксијалната должина на окото кај миопија е подолга од нормалната. Фокусот на јасен вид паѓа во предниот дел на мрежницата (пред центарот за вид) со што далечните предмети се гледаат замаглено.
Далекувидните луѓе пак имаат проблем со гледањето предмети кои што се блиску или најчесто со читањето. Окото кај далекувидите има покуса аксијална должина и фокусот на јасен вид паѓа позади мрежницата, т.е. позади центарот за вид. Како резултат на тоа предметите што се блиску не се гледаат јасно. Корекција се врши со сферични стакла, контактни леќи или оперативно (со рефрактивна хирургија).
Старечката далекувидост, односно неможноста да се фокусираат блиски предмети или да се чита, се појавува кај луѓето над 40 години, поради губењето на еластичноста на окото односно можнота брзо да се прилагодува и фокусира. Затоа и се потребни очила за читање.
Астигматизам е рефрактивна аномалија, при што зраците по прекршувањето во оптичкиот дел од окото, не се собираат во една точка од мрежницата и не се формира јасна слика на гледаните предмети. Најчесто причина за овој оптички недостаток на окото е неправилната закривеност на површината на рожницата. Како сликовит пример може да послужи споредбата дека нормалното око има форма на пинг-понг топче, а при кератоконус, формата на окото личи на лажица.
5% од луѓето имаат астигматизам, најчесто е наследен, но може да се добие и во текот на животот од некоја болест или од повреда на предниот дел на окото. Карактеристично за луѓето со оваа рефрактивна аномалија е што предметите од околината ги гледаат нејасно и од близу и од далеку. Работењето од близу – читањето, пишувањето и слично многу брзо доведува до неодредени главоболки, зголемено солзење, слевање на буквите и редовите и брзо заморување. Далечните предмети се нејасни, искривени, коси и деформирани. Овие пречки го прават човекот што страда од астигматизам делумно или целосно неспособен за извршување многу работи и за занимавање со некои професии.
Најчест симптом на астигматизмот е замаглениот вид. Некои од дополнителните симптоми на астигматизмот се: замаглен вид при обид за читање на ситни букви, отежнато читање, дупли слики и појава на непостоечки слики.
Останатии можни симптоми на астигматизмот се: главоболки, вртоглавица, раздразливост и замор.
Астигматизмот лесно се дијагностицира со офталмолошки преглед и рефракциски тестови (авторефрактокератометрија) многу често е потребно да се направи и корнеална топографија да се разликува од кератоконус.
Корекција на астигматизмот е со цилиндрични стакла. Исто така можат да се користат контактни леќи (торични) или да се изврши оперативна корекција (рефрактивна хирургија).
За правилна и навремена дијагностика и понатамошни чекори закажете во нашиот Центар за офталмологија во соработка со Промедика Офталмологија на: 02/3091-484