00389 2 3091 484
декември 16, 2024
Терминот тумор сам по себе звучи страшно, но не се сите тумори опасни по живот.
Кожата е најголем орган на човековото телото. Терминот тумор означува абнормален раст на клетките. Туморите на кожата се најчести тумори кај човекот. Дури 40 – 50 % од луѓето до својата 65 година развиваат барем еден тумор на кожата. Во зависност од тоа дали се животозагрозувачки или не, тие се делат во две големи групи:
Бенигни тумори на кожата
Оваа група на тумори се доброќудни тумори – не се опасни по живот. Тие се карактеризираат со јасно ограничен раст, имаат капсула, подвижни се, не се агресивни, не инфилтрираат и не метастазирааат, спорорастечки се и клетките се хомологни на нормалните клетки на ткивото. Бенигните тумори се многу чести и може да се развијат од сите слоеви или градбени елементи на кожата, сврзното ткиво, масното ткиво, мускулното ткиво, жлездите на кожата (потните и лојните жлезди), нервните влакна и од крвните садови на кожата.
Најчести бенигни тумори на кожата и нивен хируршки третман
Постојат 3 типа и тоа: атероми, липоми и невуси
-Атеромите се бенигни тумори кои настануваат од лојните жлезди. Станува збор за запушување, опструкција на одводниот канал на лојната жлезда и акумулација/насобирање на лојниот продукт при што се создава цистична формација. Многу често на површината на кожата над таа цистична формација може да се забележи еден мал отвор за кој пациентите знаат да дадат податок дека низ него излегува густа бела содржина со специфичен мирис односно лој. Најчесто тие се јавуваат локализирани на површината на главата, лицето, ушните школки, вратот и грбот. Многу често се случува атеромите секундарно да се инфламираат, односно да настане воспаление и гноен процес кој клинички се манифестира со сите знаци на едно воспаление (болка, црвенило, оток, топлина, флуктација). Доколку тоа се случи и се формира гнојна колекција, тогаш третманот започнува со решавање на инфекцијата. Најнапред локално се прави инцизија (засек) и дренажа на гнојната содржина и потоа пациентот е на антибиотска терапија.
Откако ќе се смири воспалителниот процес, може да се планира хируршко отстранување на атеромот со цел да нема повторувачки воспалувања кои знаат да бидат проблем за пациентот бидејки го нарушуваат квалитетот на животот, а воедно се и естетски проблем. Отстранувањето на овие бенигни промени најчесто се врши во локална анестезија, се работи за краткотрајна хируршка интервенција при која се врши целосно отстранување на цистичната промена. Доколку се работи за поголема промена и има видлив отвор на кожата, се врши и отстранување и на дел од кожата. Опоравувањето е краткотрајно, без поголеми ограничувања за пациентот.
-Липомите се бенигни тумори кои настануваат од масното ткиво. Тие најчесто се јавуваат во поткожното масно ткиво на вратот, грбот односно трупот и горните екстремитети. Се работи за една туморска маса која е најчесто јасно ограничена, на палпација е мека и подвижна во однос на подлогата, таа споро расте и е безболна. Липомите иако растат споро, сепак растат и стануваат естетски проблем. Доколку пораснат поголеми во текот на неколку години, тие можат да вршат и притисок врз околните структури и да бидат причина за одредена нелагодност кај пациентите. Липомите се одстрануваат исто како и атеромите во локална анестезија со краткотрајна хируршка интервенција при која се врши целосно одстранување на липомот.
-Невусите или бемките се пигментни бенигни тумори кои настануваат од меланоцитите (пигментни клетки). Невусите се најчесто стекнати тумори, а поретко можат да бидат вродени. Вродените бемки се јавуваат пред раѓањето, а растат со детето. Можат да бидат со многу големи димензии и да покриваат цели делови на телото. Стекнатите, обични бемки не се склони да се трансформираат во малигни тумори. Најчесто се во ниво на кожата, а можат да бидат и лесно издигнати. Бемките се еднакво пигментирани со остри – јасни ивици кон околната кожа. Некои не ги сметаат за вистински тумори, бидејќи секој човек има повеќе бемки по кожата на телото.
Бемките не бараат хируршки третман освен ако се локализирани на делови од телото каде хронично односно континуирано се подложни на механичка дразба, иритација која може да биде причина тие понатаму да се менуваат, или се одстрануваат од естетски причини. Сепак треба да нагласиме дека треба редовно да се контролираат кај дерматолог со дермоскопски преглед. Според макроскопските и микроскопските карактеристики постојат повеќе типови на бемки кои се предмет на изучување на дерматологијата. Доколку се работи за атипичен односно диспластичниот невус кој е стекнат и обично има неправилна форма и посебни микроскопски морфолошки карактеристики, се поставува индикација за негово хируршко одстранување. Диспластичниот невус може малигно да се трансформира и затоа истиот треба да биде отстранет.
Доколку забележите било каква промена на кожата или имате дијагностицирано некој од горенаведените тумори, задолжително закажете преглед за прецизна дијагностика и решавање на проблемот на 02/3091-484.