Да се погрижиме за здрави насмевки уште од детска возраст

Дневна доза здравје

јануари 8, 2025

Грижата за забите започнува уште од најраната возраст. Затоа носењето на децата на стоматолог е клучно за мониторирање на правилниот раст и развој на забите, но и за спречување на потенцијални проблеми во иднина и создавање навика за грижа за оралното здравје во текот на целиот живот понатаму. Првиот контакт на детето со стоматолог е битен зошто тоа прави прва импресија во животот, и е длабоко поврзана со чувството кон посета на стоматолог за цел живот. Главна цел кај детето во мали години е да не се дозволи стоматолошката ординација да ја перцепира како страшно и болно место.

Зошто е важна редовната посета на стоматолог?

  • Редовните контроли помагаат да се откријат и спречат кариес, заболувања на непцата, деформации и други орални проблеми пред да станат сериозни.
  • Стоматологот може да препорача дополнителни заштитни мерки како флуоридни третмани или заптивки за заби.
  • Контролите овозможуваат стоматологот да го следи правилното нижење на млечните и постојаните заби.
  • Навремено се препознаваат потенцијални проблеми, како неправилно збиени заби или малоклузија (неправилна положба на вилицата).
  • Посетите на стоматолог од рана возраст помагаат кај детето да не се создаде страв, туку да се прифати како нормална активност.
  • Децата учат за важноста на хигиената и правилното четкање на забите, а родителите добиваат насоки за правилна грижа за детските заби, исхрана и навики кои го штитат оралното здравје.

Кога да се започне со редовни контроли на детските заби?

Првата посета на стоматолог треба да биде околу шест месеци откако ќе никне првиот млечен заб, или најдоцна до првата година на детето.
Откако ќе се направи првата посета, препорачливо е да се посетува стоматолог во следните 6 месеци до 1 гоина. Оваа пракса овозможува рано откривање на проблеми и нивно брзо решавање.
Редовната стоматолошка грижа и контрола уште од најраната возраст придонесува за здрави заби, здрава насмевка и самодоверба кај вашето дете!
Периодот по растењето на првите млечни заби, за оралната хигиена главно е задолжен родителот на детето. Во овој период од развојот на забите, едукацијата од страна на стоматолог е насочена токму кон родителите.

Како да ги заштитиме детските заби?

Почнете со чистење на забите уште кога ќе никне првиот заб. Користете мека мала специјализирана четка за најмала возраст и мала количина на паста која е потврдена дека може да биде користена на оваа возраст. Овие пасти во својот состав може но не мора да имаат флуор. Количината на пастата до 3 години треба да биде со големина на зрно ориз. По третата година се дуплира оваа количина на паста.
Избегнувајте шеќери и слатки пијалаци, особено пред спиење. Многу честа грешка која ја прават родителите посебно и да се строги во однос на детската орална хигиена, после вечерното миење на заби тие сепак ќе му дозволат на детето да конзумира храна или напиток кој содржи шеќер. Дури и најмала количина на внес на шеќери пред легнување кај млечните заби може да има големи последици. Како родители поттикнувајте внес на свежо овошје, зеленчук и млечни производи за зајакнување на забите.

Исто така важна е и флуоридната заштита. Флуоридот е важен за спречување на кариесот. Консултирајте се со стоматолог за употреба на паста за заби или флуоридни третмани.
Залевањето на заби е исто така препорачливо. Залевките се течни пломби кои често имаат и различна боја а се ставаат на здрав заб. Тоа е тенок слој материјал кој се нанесува на длабоките бразди на катниците за да ги заштити од кариес. Ова е особено препорачливо кај постојаните/трајните заби.

Ограничете ги шишенцата со млеко или сок за време на спиење, бидејќи може да предизвикаат кариес. Поттикнете го одвикнувањето од цуцли и шмукање палци навреме, за да се спречи неправилен развој на вилицата.
Со редовни посети на стоматолог, правилна хигиена и здрава исхрана, можете да обезбедите вашето дете да има здрави заби и насмевка која трае цел живот.

Закажете го вашиот термин на 02 3091 484