Како да се заштитиме и излекуваме од респираторни вирусни инфекции

Дневна доза здравје

ноември 24, 2025

Респираторните вирусни инфекции ги зафаќаат различните делови од системот за дишење како што се носот, грлото, синусите, бронхиите, бронхиолите и белодробниот паренхим.
Настинката и грипот се најчестите вирусни инфекции во нашето поднебје. Тие стануваат актуелни во есенскиот и зимскиот период со намалување на надворешната температура.
Овие инфекции може да ја афектираат било која старосна група, но почести се кај децата поради нивниот послаб имунитет.

Најчести респираторни вируси се инфлуенца А и Б, респираторниот синцициелен вирус, параинфлуенца вирус, аденовирус, риновирус, корона вируси (вклучувајќи го и Ковид-19).
Овие инфекции се карактеризираат со висока заразност и со брза трансмисија, односно лесно се пренесуваат по капков пат преку секретите од кашлање, кивање или со близок контакт на здраво со болно лице, како и преку предмети кој се наоѓаат во непосредна околина на болниот. Затоа овие респираторни инфекции лесно се шират во затворени простории каде што престојуваат поголем број на деца и возрасни, како што се колективните установи, градинките и училиштата.
Како дополнителни фактори кои придонесуваат во нивно ширење се влажноста на воздухот и аерозагадувањето.

Симптоми

Симптомите кај овие инфекции се многу слични и само врз база на истите не може со сигурност да се каже за која вирусна инфекција се работи.
Респираторните вирусни инфекции најчесто ги зафаќаат горните дишни патишта и клинички се манифестираат како воспаленија: ринит, тонзилит, ларингит, синусит, а можат да ги зафатат и долните респираторни патишта кои одат со клиничка слика на бронхиолит, бронхит и пневмонија.

Најчести симптоми на респираторни вирусни инфекции се:

  • течење на нос
  • затнат нос
  • црвени очи кои созлат
  • болка во грлото
  • кивање
  • кашлање со или без искашлување
  • покачена телесна температура, трески
  • малаксаност, болка во мускули и зглобови
  • главоболка, раздразливост
  • намален апетит
  • тешко дишење со визинг

Симптомите се развиваат акутно, со различен интензитет и зависат од индивидуалната подготвеност на имунолошкиот систем да се бори против инфекцијата. Респираторните инфекции кај возрасните најчесто се манифестира со благи симптоми, додека кај новороденчињата или доенчињата може да предизвикаат и компликации. Симптомите вообичаено трааат една до две недели. Доколку симптомите се задржат подолго и се проследени со влошување на општата состојба како повторен пораст на телесната температура и појава на дополнителни симптоми, треба да се земат предвид и можни компликации. Тогаш се наметнува и потребата од доплнителни иследувања и консултација со матичниот лекар. Компликациите се почести кај малите деца, бремените, лицата постари од 65, години и лицата со хронични заболувања.
Вирусната инфекција често доведува до влошување на веќе пристуните хронични белодробни заболувања како што се астмата и опструктивниот бронхит.

Лекување

Лекувањето на вирусните инфекции најчесто е симптоматско.
Кога се во прашање вообичаени и познати вирусни инфекции, најдобар третман за лекување е да се остане дома и да се мирува, што овозможува имунолошкиот систем да се бори против вирусот. 
За време на мирувањето, важно е да се пијат доволно течности. Земањето течности е исто така важно поради загубата на вода од телото за време на покачена температура. Наместо вода, за надополнување на течности може да се користат чаеви, незасладени овошни сокови и производи за рехидратација, доколку е потребно. Се препорачуава балансирана исхрана која соджи витамини и минерали. Мирувањето и одморот помагаат во закрепнувањето.

Зголемената телесна температура преставува прв одбранбен механизам на организмот во борба против инфекцијата. При покачување на температурата на 38-38,5 °C се активираат имунолошки механизми кој учествуваат во одбрана на организмот. Доколку дадеме антипиретик на температура под 38,5°C доаѓа до послаб одговор на самата инфекција и инфекцијата може да трае подолго. Поради тоа антипиретик се дава само доколку температурата е над 38,5 °C, а по некои препораки и 39 °C. Вирусните инфекции никогаш не се третирараат со антибиотици.

Превентивно давање на антибиотици не се препорачува. Прекумерната употреба на антибиотици доведува до развој на резистенција на бактериите. Антибиотиците дополнително го ослабуваат имунолошкиот систем и негативно делуваат на заздравувањето.
Антивирусните лекови против грип се покажало дека не само што го скратуваат времето на симптомите, туку може да го намалат и ризикот од тешко заболување и смрт, а имаат најголема придобивка ако се земат веднаш по појавата на првите симптоми.

Превеннција

За да се заштитиме од респираторните вирусни инфекции, зимно време потребно да се избегнува престој во затворени простории, како што се: трговски центри, детски игротеки, кино сали. Треба да се избегнува посета на болни лица, а просториите мора често да се проветруваат.
Болниот треба да ја покрива устата и носот при кивање и кашлање. Исто така потребно е да се применува правилно одложување на марамчињата кои ги употребува болниот. Неопходно е доследно спроведување на хигиена на рацете по допир со контаминирани материјали и дезинфекција на контаминираните површини.
За зајакнување на одбрамбените механизми потребно е да се внесувава исхрана богата со протеини, витамини и минерали – витамин Ц и Д и да се престане со пушењето.
Одморот и физичка активност на чист воздух исто така придонесуваат за зајакнување на имунитетот.

Пред почнување на сезоната на грип примањето вакцина против грип го намалува ризикот од инфекција. Сепак ефикасноста од вакцината зависи од времето кога ќе се прими вакцината и колку добро таа е прилагодена на доминантните видови на грип во сезоната.
Вакцинацијата поритив грип особено се препорачува на постарите лица и болните од хронични заболувања.