Редок и животозагрозувачки неврохируршки случај успешно третиран во Клиника Жан Митрев

јуни 06,2026

Во Клиника Жан Митрев успешно беа извршени две комплексни неврохируршки интервенции кај 57-годишна пациентка која беше примена во критична состојба поради редок метастатски тумор лоциран во четвртата мозочна комора на мозокот.

Поради позицијата на туморот, кај пациентката се развила состојба која го попречувала нормалното движење на мозочната течност и предизвикувала опасно зголемување на притисокот во мозокот. Благодарение на брзата дијагностика и внимателно планираниот хируршки пристап, неврохируршкиот тим најпрво ја воспостави нормалната циркулација на течноста, а потоа успешно ја отстрани туморската промена.

Оперативниот третман беше изведен од неврохируршкиот тим на Клиника Жан Митрев предводен од консултант Асс. д-р Благој Шунтов, со асистенција на д-р Михаил Таушанов и во координација со мултидисциплинарен тим специјалисти.

„Предизвикот кај овој случај не беше само ретката локализација на метастазата, туку и критичната невролошка состојба во која пациентката беше примена и потребата за етапен хируршки пристап“, истакна Асс. д-р Благој Шунтов.

Тој додава дека: „Кај ваквите пациенти, особено кога постои обструктивен хидроцефалус и компресија на мозочното стебло, брзата дијагностика, правилното временско планирање и мултидисциплинарниот пристап се клучни за исходот.“
По двете интервенции, пациентката покажува значително подобрување на општата и невролошката состојба, со повлекување на симптомите и успешно воспоставување на нормална циркулација на мозочната течност.

Иако мозочните метастази се релативно честа компликација кај одредени видови карциноми, нивната појава во четвртата мозочна комора е исклучително ретка, што го прави овој случај особено специфичен и предизвикувачки за третман.

На пациентката ѝ посакуваме успешно закрепнување и понатамошен успешен третман.