ABO И Rh КРВНОГРУПНИ СИСТЕМИ

Дневна доза здравје

септември 23, 2015

ABO И Rh КРВНОГРУПНИ СИСТЕМИ

Во хуманата популација до сега се откриени триесет и пет големи крвногрупни системи, но најголемо значење имаат крвните групи ABO и Rh .Крвната група е класификација која се базира на присуство или отсуство на антигени супстанции на површината на црвените крвни клетки (еритроцитите). Најбитните антигени се ABO и Rh антигените – тие одредуваат дали е некој А, B, AB или О крвна група, со + (позитивен) или – (негативен) Rh статус. Овие антигени супстанции се наследуваат од родителите и се потполно развиени кај новороденото. За разлика од нив, придружните анти – А и анти – B антитела се продуцираат првите неколку години од животот најчесто поради сензибилизација од одредени супстанции кои не опкружуваат како храна, бактерии и вируси. АBO крвногрупниот систем (откриен е 1900 год. од Karl Landsteiner за што е добил Нобелова награда во 1930 година) го има и кај некои животни како шимпанза, горила и бонобоа, а Rh (Rhesus) факторот го има кај мајмуните од видот Rhesus по коj го добил и името.

Крвната група О (што значи отсуство на двата антигени супстанции А и B на површината на еритроцитите) е најчеста меѓу луѓето, а најмногу е застапена во Централна и Јужна Америка (кај Индијанците некаде и до 100 %), австралиските Абориџини и Западна Европа, а најмалку застапена е во Источна Европа и Централна Азија, каде доминира крвната група B. Крвната група А доминира кај некои изолирани групи пример Лапониците во северниот дел на Скандинавскиот Полуостров и во Централна Европа. Rh негативен фактор (што значи отсуство на RhD антигена супстанција на еритроцитите) најзастапен е кај Баскијците 21-36 %. Кај останатите Европјани се среќава во 16 % од популацијата, додека кај домородците во Америка и Африка, како и во Азија само кај 1 % од населението. Одредувањето на крвната група има значително место во трансфузионата медицина, трансплантацијата, а исто така е и потенцијален ризик фактор за одредени заболувања. Пациентите идеално би требало да примаат крв со идентична крвна група во однос на ABO крвногрупниот систем бидејќи се можни и смртоносни пострансфузиски реакции. Крв која е Rh – негативна може да биде трансфундирана кај пациент кој е Rh – позитивен но не и обратно, затоа што Rh – негативната личност може да создаде антитела против трансфундираните Rh – позитивни еритроцити. Од истата причина мајките кои се Rh – негативни и носат Rh – позитивен плод мора да примаат хиперимун гама глобулин, со цел да се превенира хемолитичка болест на новороденото. Во случаи на недостаток на крв, О Rh – негативна крвна група се смета за универзален дарител, а AB Rh – позитивна крвна група за универзален примател на еритроцитни концентрати.

Последните истражувања покажаа поврзаност на крвните групи со одредени заболувања. Така на пример, крвната група О има 11 % помал ризик за коронарна болест во однос на останатите крвни групи, помал ризик за карцином на панкреас, венски тромбози и тешки облици на маларија, но поголем ризик за добивање чир на желудник. Крвната група А има поголем ризик за заболување од карцином на желудник.
Д-р Елена Амбаркова Виларова