Агорафобија

Дневна доза здравје

јануари 24, 2025

Дали сте доживеале страв при одење низ плоштад? Дали доживувате срцебиење и се препотувате или имате чувство на недостиг на воздух и гушење додека се возите во автобус, влегувате во трговски центар или можеби додека сте на концерт? Сте се соочиле ли со застрашувачка помисла дека не може да се справите со состојбата? Или пак имате близок човек кој постојано бара да го придружувате за да излезе од дома?
Доколку одговорот на погорните прашања е потврден, станува збор за состојба на вознемиреност, силен страв, односно вид на анксиозно растројство кое се вика Агорафобија.

Кои се вистинските карактеристики на ова растројство?

Агорафобијата се карактеризира со анксиозност или страв во различни ситуации кои произлегуваат од помислата дека тешко може да избегате од дадена ситуација или дека тешко може да ви се помогне во даден момент или состојба. Овој страв често се фокусира на можноста да се доживеат симптоми слични на паника или други срамни или онеспособувачки епизоди.
Заради ваквите застрашувачки моменти најчесто лицата со агорафобија имаат тенденција да ги избегнуваат овие ситуации или бараат придружник за поддршка. Во тешки случаи на агорафобија, поединците може да остат константо врзани дома во 4 ѕида или пак се зависни од други лица за основните потреби, што го зголемува ризикот од депресија.

Кога велиме дека некој страда од агорафобија?

Лицето треба да доживува изразен страв или вознемиреност во најмалку 2 од следните 5 ситуации: користење јавен превоз, престој на отворен простор, престој во затворен простор, да стои во ред или да се наоѓа во гужва или да биде сам надвор од домот.
Во овие ситуации скоро секогаш лицето доживува непропорционален страв или анксиозност, што го наведува активно да ги избегнува истите, што потоа резултира со клинички значајна вознемиреност или функционално оштетување. Притоа, овој страв или вознемиреност не може да се припише на реална закана, социокултурни фактори, употреба или последица од прекин на употреба на психоактивни супстанции.
Симптомите мора да перзистираат најмалку 6 месеци за да се потврди дијагнозата на агорафобија.

Кои се причините за појава на ова растројство?

Причините за агорафобијата најчесто останува нејасна, но постарите истражувања сугерираат дека генетските фактори може да играат значајна улога, при што проценките за наследноста се движат од 48% до 61%. Ова особено се истакнува кај оние форми на агорафобија кои се поврзани со панично растројство, додека агорафобијата без панично растројство не покажува семејна поврзаност.
Исто така постојат и фактори кои придонесуваат за развојот на агорафобијата и тоа: негативни настани од детството, како на пример недостаток на родителска топлина, прекумерна родителска заштита, стравови од детството, рани искуства на тага или жалост и несреќно или трауматично детство.
Кај дел од лицата кои страдаат од ова растројство, се смета дека одредени елементи од карактерот се поврзани со агорафобијата, а истите вклучуваат: невротичност, чувствителност кон анксиозност (верувањето дека физичките симптоми на анксиозноста се опасни), и лица кои имаат одредени избегнувачки особини.

Третман

Ефективните стратегии за справување со агорафобијата вклучуваат рана идентификација на симптомите, брз пристап до психијатар, отворена комуникација со пациентите и соодветен третман преку психотерапија и/или фармакотерапија.
Првиот чекор е да се оствари психијатриски преглед за да се процени сериозноста на состојбата во моментот на преглед на пациентот.
Поединците и членовите на нивните семејства се едуцираат дека агорафобијата е анксиозно растројство кое се карактеризира со страв и избегнување на ситуации кои може да доведат до чувство на заробеност, беспомошност, засраменост или паника.
Психофармаколошкиот третман вклучува лекување со антидепресивни лекарства. Се препорачува и когнитивно-бихејвиоралната терапија. Иако агорафобијата може да доведе до чувство на страв и изолација, симптомите може ефикасно да се менаџираат со соодветен третман.

Компликации

Агорафобијата е поврзана со значителна вознемиреност и нарушување на секојдневното-животно функционирање, вклучувајќи намалена работна способност, зголемени денови за боледување и намалена веројатност за брак кога започнува рано. Во тешки случаи, поединците може целосно да се врзат за домот и да се потпрат на други лица за основните животни потреби. Ова може да доведе до „само-лекување со алкохол и седативни лекови“, односно нивна злоупотреба.
Состојбата сама по себе не поминува и нелекуваната форма е поврзана со зголемен ризик од развој на коморбидни состојби како што се големо депресивно растројство, перзистентно депресивно растројство и нарушувања на употребата на психоактивни супстанции. Дополнително, лицата со агорафобија се изложени на поголем ризик да искусат самоубиствени мисли или однесувања.

Прогноза

Науката го карактеризира типичниот тек на агорафобија како „упорен и хроничен“, при што целосната ремисија е ретка без третман или интервенција. Од посебно значење е дека лицето треба да се упати на доктор за побрзо утврдување на состојбата, и да се превенира развој на коморбидни состојби како што се анксиозни нарушувања, депресија, растројства на личноста или нарушувања со употребата на психоактивни супстанции.