00389 2 3091 484
ноември 13, 2020
Годинава тројца доктори од тимот на Клиничката болница Жан Митрев се закитија со наградата 13 Ноември, како награда за заслуги во здравството.
Оваа престижна награда Градот Скопје ја доделува секоја година за остварувања и придонес за развојот на градот Скопје и неговиот севкупен напредок и афирмација во земјата и во светот во неколку различни категории како стопанство, наука, уметност, култура, воспитание и образование, здравствена и социјална заштита, спорт и физичка култура, заштитата и унапредување на животната средина и природа и во други сегменти на животот, трудот и творештвото.
Академик д-р Жан Митрев, д-р Тања Анѓушева и д-р Никола Христов се докторите кои заедно со уште неколкумина доктори од јавното здравство ја извршија првата трансплантација на срце во земјава.
На 23 мај, во услови на пандемија докторите, врвни професионалци од јавното и приватното здравство ги здружија своите сили за повисока цел- спасување на човечки живот. Тие во просториите на државната Кардиологија заедно го изведоа оперативениот зафат кој траеше цели шест часа при што на 54-годишен пациент успешно му беше трансплантирано срце.
Сите заедно испишаа значајна страница од историјата на македонското здравство. Станува збор за првата кадаверична трансплантација на срце, во земјата односно трансплантација од починат донор. Човекот кому му беше извршена трансплантацијата доби уште една жанса за живот.
Меѓу добитниците на оваа награда за достигања во здравството се и другите доктори кои учествуваа во овој зафат: проф. д-р Сашко Јовев, д-р Маја Мојсова, д-р Васил Папестиев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Ванѓел Зравески, д-р Кујтим Џелили, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Миташова, д-р Александар Николиќ, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска, д-р Димче Славевски, д-р Билјана Андоновска, д-р Весна Дурнев, д-р Кочо Димитровски, д-р Менка Лазаревска и Адријана Георгиев.