00389 2 3091 484
мај 05,2015
„Филип Втори“ стана медицински партнер на ракометниот камп „Кирил Лазаров7“
Академик д-р Жан Митрев и најдобриот ракометен стрелец на планетава Кирил Лазаров вчера ја официјализираа меѓусебната соработка. Потпишан е договор со кој Специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори“ стана медицински партнер на првиот ракометен камп „Кирил Лазаров 7 “. Кампот го организира маркетинг агенцијата КМГ Спорт, чие заштитно лице e Лазаров.
Истиот ќе се организира од 22-28 јуни во Охрид. Идејата за кампот е на голгетерот и е со постар датум, но заради секојдневните обврски на нашиот капитен истата се реализира во оваа година. Чест и привилегија е да се работи со најдобрите и оваа соработка го верифицира токму тоа. Шампионите играаат додека не одиграат како треба ова важи во спортот, но и воопшто во животот секој од нас тежнее кон најдоброто. Поставувањето на одредени цели и нивно успешно реализирање отвара простор за нови. А успехот не е ништо друго туку невообичаено добро извршување на толку вообичаените работни обврски. Академик д-р Жан Митрев изрази задоволство што токму болницата „Филип Втори“ е дел од ова здраво дружење и едуцирање на децата во името на ракометот, со Македонецот во големата Барселона:
„Ние како институција сме почестени и горди што ќе дадеме мал придонес во овој камп од здравствена и психолошка гледна точка. Како болница имаме искуство во организирање на детски кампови, изминативе години заедно со Црвениот крст организиравме кампови за деца кои се оперирани кај нас. За нивно ресоцијализирање и за подобрување на социјалниот статус кај нивните родители. Така да сите наши ресурси ќе бидат ставени во тој поглед, за да тие деца бидат и здравствено безбедни. Ќе се обидеме со адаптирани предавања да ги едуцираме децата што значи здрава храна и здрав живот, сакаме да ги споиме здравиот дух со здравото тело. Моја лична гордост е што можам да имам некаков удел во иницијативата на Кире. Јас би додал и уште едно, а тоа е дека спортот за мене е еден вид на воспитување на младите луѓе. Сите ние сме се бавеле со некој спорт ако не сега тогаш во најмладите години и добро знаеме дека таму се стекнуваат и најдобрите другари, таму децата се социјализираат, се градат како личности независно дали потоа ќе станат врвни спортисти. Можат да станат врвни во некоја друга област. Меѓутоа принципот е ист и во спортот, сите сакаме да победуваме како и во животот меѓутоа знаеме дека добиваме и ниски удари некогаш го губиме натпреварот, но не ја губиме борбата и желбата. Спортот за мене претставува една многу важна работа бидејќи тука децата и сите индивидуи се соочуваат самите со себе, да бидат пред се самодисциплинирани за да можат да постигнат успех и за да можат врз база на тоа да се оформат и да го достигнат она што го сакаат. Уште еднаш го поздравувам Кире тој е голема гордост за Македонија“.
Знаењето за светот ни помага да успееме, а знаењето за себе да се развиваме. Акомулацијата на тоа светско како врвен планетарен спортист и лично знаење како изграден карактер, Лазаров ќе го пренесе на децата. Планирани се 120 деца учесници на кампот кои ќе бидат на возраст од 10-17 години. За соработката со д-р Митрев, најдобриот стрелец на светот изјави:
„Ќе се обидеме децата уште од мали нозе со нашиот ангажман да ги насочиме во правилно оформување на карактерот. Да им всадиме еден победнички дух и чекор по чекор да ги изградиме новите репрезентативци на Р.Македонија. Јас сум среќен и ми претставува огромна чест соработката со Академик д-р Жан Митрев и болницата „Филип Втори“ . Сигурен сум дека ќе дадат огромен придонес за развојот на овие деца со 24 часовен надзор во кампот. Оваа прилика ја користам воедно да ја честитам убавата годишнина, 15 години од постоењето на болницата „Филип Втори“, да им посакам уште многу успешни години и уште многу успешни битки со животите на луѓето“.
По потпишувањето на договорот, Лазаров на д-р Митрев му подари дрес со брјот 77 од неговиот матичен клуб, гигантот Барселона. А пак д-р Митрев нему му посвети книга чии автор е тој, во која се пренесени дел од годините кои д-р Митрев ги поминал во операциона сала со едноставно објаснување на многу компликувани случаи кои се решени, а луѓето спасени, насловена како „Кардиоваскуларни решенија“.
Во периодот кој што следи ќе се организираат систематски прегледи за децата од цела Македонија, кои ќе вклучуваат комплетен скрининг на здравствената состојба на организмот. Ова е само почеток на една плодна соработка во името на здравјето на децата.