00389 2 3091 484
јули 21, 2020
Дора го запозна својот идол
Дора од Штип е 15 годишна девојка која годинава се запиша во средното медицинско училиште во Штип и со тоа направи уште еден чекор кон остварување на нејзиниот сон да стане доктор. Медицината, а посебно кардиохирургијата и е фокус на интерес уште од кога знае за себе. Како и секој млад човек и таа има свои идол, а тоа е токму д-р Жан Митрев.
Како што ни раскажа самата, кардиохирургијата е голема желба за професија во иднина, а доктор Митрев како синоним за успешен кардиохирург e нејзин идол, што всушност бил и мотивот за таа лично да го запознае.
,,Подолго време следам се што се објавува за доктор Митрев. Читам, гледам видеа и се запознавам со методите на работа кои ги практикува тој. Следам и се што се работи во клиниката „Жан Митрев“ и сум фасцинирана од сето тоа. Сакам во иднина да ги тргнам по неговите стапки и јас да станам кардиохирург,, – вели Дора.
Средбата која помина во пријателска атмосфера беше и своевидно изненадување за доктор Митрев, бидејќи како што рече и самиот тој: ,, Убаво е да се чуе дека постојат млади луѓе од нашата држава кои имаат желби, интереси и сакаат предизвици кои отскокнуваат од животот на просечниот тинејџер.,,
Д-р Митрев истовремено споделувајќи го своето животно и работно искуство, ја охрабри Дора со совети и подршка со цел во образовниот процес да остане истрајна, доследна и пожртвувана, но и ја покани понатаму да учествува како набљудувач во дел од процесите во нашата клиника.
Правилото кое вели дека: Кога нешто ќе посакаш искрено од дното на срцето, тоа и ќе ти се исполни, во случајов се покажа како потврдено.