Алергија на сонце

Дневна доза здравје

јуни 16, 2022

Алергијата на сонце е термин кој често се користи за опишување на голем број состојби во кои се појавува осип со чешање на кожата која била изложена на сончева светлина. Најчеста форма е полиморфната светлосна ерупција, попозната и како алергија на сонце.

Некои луѓе имаат наследен тип на алергија на сонце. Други развиваат знаци и симптоми само кога е присутен дополнителен фактор, како што е одреден лек или изложеност на кожата на одредени алергени.

Благите случаи на алергија на сонце може да исчезнат сами по себе без третман. Потешките случаи може да бараат третман со стероидни апчиња или креми. Луѓето кои имаат тешка алергија на сонце задолжително треба да преземат превентивни мерки и да носат облека што ги штити од сонце.

Симптоми

Изгледот на кожата со алергија на сонце може многу да варира во зависност од тоа што го предизвикува проблемот. Знаците и симптомите може да вклучуваат:

• Црвенило
• Чешање или болка
• Мали испакнатини
• Лупење, формирање на кора или крварење
• Плускавци или уртикарија

Знаците и симптомите обично се јавуваат само на деловите на кожата која била изложена на сонце и тоа во рок од неколку минути до неколку часа по изложувањето на сонце.

Кога треба да посетите лекар

Посетете го вашиот лекар доколку по изложување на сончева светлина сте забележале невообичаени, бурни реакции на кожата. За тешки или постојани симптоми, треба да посетите лекар кој е специјализиран за дијагностицирање и лекување на кожни заболувања односно дерматолог.

Причини

Некои лекови, хемикалии и болести можат да ја направат кожата почувствителна на сонце. Не е јасно зошто некои луѓе имаат алергија на сонце, а други не. Можеби некои наследни особини играат улога.

Кои се ризик фактори за појава на алергија на сонце?

Ризик факторите за појава на алергија на сонце вклучуваат:

  • Раса – Било кој може да страда од алергии на сонце, но има одредени алергии на сонце кои се почести кај луѓето со светла кожа.
  • Изложеност на одредени супстанции – Некои симптоми на алергија на кожата се активираат во комбинација кога кожата била изложена на супстанцијата, а потоа и на сончева светлина. Супстанциите кои често предизвикуваат ваков тип на реакции вклучуваат: парфеми, средства за дезинфекција, па дури и некои хемикалии кои се користат во кремите за сончање.
  • Консумација на одредени лекови – Некои лекови може да го забрзаат процесот на појава на реакција на кожата – како што се тетрациклински антибиотици, сулфатни лекови и лекови против болки како што е кетопрофен.
  • Присуство на друга болест на кожата – Дерматитисот го зголемува ризикот од алергија на сонце.
  • Наследен фактор од алергија на сонце – Поголема е веројатноста да имате алергија на сонце ако имате родител, брат или сестра со алергија на сонце.

Превенција

Доколку имате зголемена чувствителност или алергија на сонце, можете да помогнете во спречување на појава на симптомите со следниве чекори:

  • Избегнувајте сонце во време кога сонцето најсилно зраќи. Обидете се да не се изложувате на сонце помеѓу 10 и 17 часот.
  • Носете очила за сонце и заштитна облека. Кошули со долги ракави и шапки /капи со широк обод можат да помогнат да се заштити вашата кожа од изложување на сонце.
  • Избегнувајте ткаенини кои се тенки или имаат ретко ткаење, бидејќи УВ зраците можат да поминат низ нив.
  • Користете крема за сончање која е со широк спектар на делување и со заштитен фактор од најмалку 30. Нанесете крема за сончање обилно и повторно нанесувајте на секои два часа, или почесто ако пливате или се потите.
  • Избегнувајте познати алергени. Ако знаете дека одредена супстанца, лек или растение ви предизвикува реакција на вашата кожа, избегнувајте го тој предизвикувач.

Дијагноза

Во многу случаи, лекарите можат да дијагностицираат алергија на сонце само со обичен кожен преглед. Меѓутоа, доколку дијагнозата не е јасна, можеби ќе ви требаат дополнитени испитувања кои ќе ви помогнат да го откриете проблемот на вашата кожа.

Третман

Третманот зависи од типот на алергија на сонце што ја имате. За благи случаи, понекогаш доволно е неколку дневно избегнување на УВ зраците при што ќе исчезнат и самите симптоми.
Ако имате тешка форма на алергија на сонце, нашиот тим дерматолози е секогаш достапен за совети и третман на сите ваши проблеми со кожата настанати како резултат на изложување на сончева светлина.

Закажете го вашиот преглед на 02 3104-910 и консултирајте се со нашите дерматолози кои соодветно и преку персонализиран пристап ќе ви понудат решение за сите ваши проблеми со кожата.