Алергија од сонце

Дневна доза здравје

јуни 29, 2021

Алергија на сонце е термин кој често се користи за да се опишат голем број на состојби при кои се појавува осип или јадеж на кожата кога била изложена на сончева светлина. Најчеста форма на алергија на сонце е полиморфна ерупција на светлина, позната и како алергија на сонце.

Некои луѓе имаат наследен вид на алергија на сонце. Другите развиваат знаци и симптоми само кога нешто друго ги поттикнува, како што се на пример лековите или при контакт на кожата со растенија како пашканат или зелен лимон.
Лесните случаи на алергија на сонце може да поминат без терапија. Додека пак кај потешките форми на алергија може да биде потребен третман со стероидни креми или таблети. Луѓето кои имаат сериозна алергија на сонце можеби ќе треба да преземат превентивни мерки и да носат облека што ги штити од сонце.

Симптоми

Изгледот на кожата погодена од алергија на сонце може да варира во голема мера во зависност од тоа што го предизвикува проблемот.

Симптомите кои може да се појават се:

∙ Црвенило
∙ Чешање или болка
∙ Мали точки
∙ Лупење, појава на суви наслаги или крварење
∙ Плускавци или флеки

Најчесто, симптомите се појавуваат само на кожата што била изложена на сонце и обично се појавуваат во рок од неколку минути или часови по изложеноста на сонце.

Кога треба да посетите лекар?

Посетете го вашиот дерматолог ако имате невообичаени и вознемирувачки реакции на кожата по изложување на сончевите зраци. За сериозни или континуирани симптоми, треба да одите кај специјалист дерматолог кој ќе постави точна дијагноза и ќе препорача терапија за лекување на овие кожни нарушувања.

Причини

Некои лекови, хемикалии и болести можат да ја направат кожата почувствителна на сонцето. Не е познато со сигурност зошто некои луѓе имаат алергија на сонце, а други не. Можеби некои наследни одлики играат улога.

Фактори на ризик

Ризик факторите за појава на алергиска реакција на сончева светлина се:

Раса. Секој може да страда од алергија на сонце, но постојат одредени алергии на сонце кои се почести кај луѓето со светла кожа.

Изложеност на одредени супстанции. Некои симптоми на алергија на кожата се активираат кога кожата е во допир со одредена материја, а потоа изложена на сончева светлина. Супстанциите кои често предизвикуваат ваков вид на реакција се парфеми, средства за дезинфекција, па дури и некои хемикалии што се користат во кремите со заштитен фактор.

Употреба на одредени лекови. Некои лекови можат да го забрзаат процесот на изгореници на кожата – како што се антибиотици (тетрациклин), лекови со сулфонамид и аналгезици за смирување на болка како што е кетопрофен.

Друго заболување на кожата. Дерматитисот го зголемува ризикот од алергија на сонце.

Наследен фактор. Доколку имате брат, сестра или родител кој страда од алергија на сонце, голема е веројатноста и вие да имате алергија.

Превенција

Доколку имате алергија на сонце или зголемена чувствителност на сонце, можете да ја спречите реакцијата следејќи ги следните препораки:

Избегнувајте изложување на сонце кога тоа енајвисоко во зенитот. Обидете се да го избегнете изложувањето на сонце помеѓу 10:00 – 16:00 часот.

Избегнувајте нагло изложување на многу сончева светлина. Многу луѓе имаат симптоми на алергија на сонце кога се изложени на поголема сончева светлина во пролет или лето. Постепено зголемувајте го времето поминато на отворено, така што клетките на кожата да имаат време да се прилагодат на сончевата светлина.

Носете очила за сонце и заштитна облека. Кошулите со долги ракави и капите со широк раб можат да помогнат во заштитата на кожата од изложување на сонце. Избегнувајте ткаенини кои се тенки или имаат ретко ткаење бидејќи УВ зраците можат да поминат низ нив.

Користете крема за сончање. Користете крем за сончање со широк спектар со заштитен фактор од најмалку 30. Нанесете ја кремата за сончање на секои два часа, или почесто ако пливате или се потите.

Избегнувајте познати предизвикувачи на алергија. Ако знаете дека одредена супстанција предизвикува реакција на вашата кожа, како што е лековите или контакт со алергени супстанци, избегнете го тоа.