Алергиите – епидемија на 21 век

Дневна доза здравје

јануари 01,2021

Имунотерапијата како начин за успешно справување со алергиските болести

Во услови на пандемија сите останати болести привидно паѓаат во сенка на големиот непријател коронавирусот. Но сепак, проблемите со кои се соочуваат оние кои страдаат од алергија, остануваат присутни и сериозно влијаат на квалитетот на нивниот животот. Ова особено ги погодува децата, но и нивните родители индиректно.

Што е имунотерапија?

Алергиите како најчести незаразни болести со кои се соочува човештвото, од година во година земаат се поголем замав. А имунотерапијата е единствена терапија која може да го измени текот на алергиската болест.

Таа се применува кај деца над 6 години со алергиски ринит, коњуктивит, астма и сериозни алергиски реакции на убод од инсекти.

Позната е уште како хипосензибилизација или вакцина за алергија (кога се применува во облик на поткожна инјекција) или сублингвална терапија – која означува секојдневна примена на препарат во облик на капки /таблети кои се аплицираат под јазик.

Имунотерапијата сепак не е магично стапче со кое ќе исчезнат алергиските болести. Таа не го лекува пациентот, но ја намалува осетливоста кон одреден алерген што резултира со помалку изразени симптоми и потреба од лекарства.

Ефектот од примена на истата се очекува во наредните 5 години од животот и ќе се манифестира со намалување на симптомите и тегобите од алергијата, но и со спречување на сензибилизација на други алергени, т.е стопирање на алергискиот марш.

Како се применува?

Субкутаната алерген имуно-терапија се спроведува со поткожни инјекции (алергиски вакцини) кои се примаат по одреден редослед и во претходно дефиниран временски период на апликација на истите.

Најдобар период за отпочнување е есенско-зимскиот период т.е пред сезоната на цветање, кога нема полени од треви, дрва, жита. Количната  на алергените кои се аплицираат постепено се  зголемува.

Имунотерапијата е еден од облиците на лекување на алергиите. Таа може да се употребува заедно, во комбинација со другите тераписки процедури.

Во тек на спроведувањето на имунотерапијата треба да се избегнува изложеност на конкретниот алерген. А за успешноста на терапијата потребна е соработка како од страна на родителите така и од страна на пациентот.

Реализирањето на оваа терапија се изведува од страна на искусен пулмоалерголог и медицинска сестра, во специјализирани и добро опремени установи каде може да му се пружи соодветна медицински третман во случај на развој несакани реакции при апликација на лекот.

Терапијата се спроведува најмалку 3 години во континуитет.

Прим. д-р Благица Манчева

Педијатар