Анестезија кај пациенти со прекумерна тежина – приказ на случај

Дневна доза здравје

ноември 19, 2014

Анестезија кај пациенти со прекумерна тежина – приказ на случај

Прекумерната тежина (обезност, дебелина) е се́ почесто застапена на светско ниво и претставува сигнификантен ризик фактор за морталитет/морбидитет кај пациентите кои подлегнуваат на хируршки интервенции и анестезија. Состојбата на пациентите и типот на заболувањето го одредуваат видот на анестезија. Предоперативната анестезиолошка проценка е од важно значење, затоа што отежнатиот дишен пат и невозможната интубација се чести случаи кај обезните пациенти, па така регионалната анестезија (доколку е возможна) е најдобар избор.

Приказ на случај

Пациентка на 63- годишна возраст, примена за хируршко решавање на умбиликална кила (хернија). Анамнестички дава податок за висок притисок и дијабет. Анестезии претходно немала. Висока 161 cm и тежина 163 kg (BMI 62.9 kg/m2). Крвен притисок 150/90 mmHg и срцева фреквенција од 100/мин. Уреден ЕКГ наод. Респираторно присутен дифузен бронхитичен наод. Проценка на дишен пат- тешка интубација, краток врат, ограничена подвижност на вратот. Еписпинална анестезија беше најдобар избор, како за пациентот, така и за анестезиологот. Пациентката беше информирана за оваа високо ризична процедура и истата беше прифатена од нејзина страна. Ранитал и реглан беа дадени како премедикација, заради зголемениот ризик од аспирација. Стандардна антибиотска профилакса. Во операционата сала беше поставена на стандарден неинвазивен мониторинг и беа поставени две интравенски канили. Еписпиналниот блок беше поставен во седечка позиција, ниво L2-L3 со спинална игла од 100мм и епидурална од 88мм, при што беше аплицирано 4 ml Ropivacain 7,5%/ml и континуирано 0,5% Bupivacain. Беше постигнат адекватен сензорен и моторен блок. Хируршката интервенција траеше 70 минути. Пациентката беше префрлена на одделот за полуиинтензивно лекување и отпуштена дома за 48 часа во стабилна состојба.