00389 2 3091 484
април 21, 2022
Бактериите се насекаде! Но, не сите треба да не плашат.
Сигурно во повеќе наврати сте слушнале дека бактериите се причина за многу болести кај луѓето. Токму во овој текст ќе ви претставиме некоку од нив.
Но, пред да навлеземе во темата, важно е да појасниме што се бактериите. Дел од нив се навистина штетни, но одредени бактерии се исто така неопходни/корисни за нас.
Бактериите се микроорганизми, составени се од една клетка, и се одликуваат со способност за брза репродукција/размножување и со адаптација во различни средини и во различни услови. Бактериите се распространети насекаде – можат да ја колонизираат речиси секоја средина, вклучително и внатрешноста на нашето тело, каде што живеат симбиотски, односно во однос на взаемна корист со домаќинот.
Пример за горенаведеното е огромниот број на бактерии кои живеат во нашите црева, исполнувајќи важни метаболички функции како што се синтезата на витамин К, биотин, фолна киселина, па дури и ферментација на несварливи влакна, меѓу другите функции.
Бактерии има и во устата, на кожата, во ноздрите, во косата, па дури и во ушите, има толку многу што не се знае точно колку бактерии има внатре во телото кои живеат рака под рака со нашите клетки!
Постојат дури и бактерии со кои можеме да подготвиме здрава храна, како што се ферментативните бактерии кои се вклучени во правењето сирење и јогурт.
Но и “корисните бактерии” во даден момент можат да бидат штетни. Секоја бактерија кога ќе се најде на место/во ткиво каде не е дел од нормалната флора, може да предизвика сериозни заболувања. Таков е примерот кога бактериите од цревниот тракт навлегуваат во крвотокот, создавајќи сепса или септикемија, состојба која може да доведе до смрт.
Има бактерии кои се секогаш патогени и нивното присуство во човековиот организам предизвикува болест.
Некои од патогените бактерии имаат способност да лачат токсини и на тој начин да предизвикаат интоксикација и сериозна болест.
Овие бактерии кои се штетни за здравјето навлегуваат во телото по различни патишта, како што се контаминирана вода, лошо измиено овошје и зеленчук или сирово и недоволно сварено месо, кое веќе е заразено со штетни бактерии. Оттука клучна е важноста на личната хигиена и мерките за безбедност при ракување со храна.
Лошо измиеното овошје може да биде извор на бактериски инфекции. Кога тоа ќе се случи, бактериите од цревната флора се обидуваат да ги елиминираат напаѓачите за да го одбранат своето живеалиште, бидејќи тие ги одземаат хранливите материи со кои се хранат.
Со оглед на ова, една студија покажа дека патогените бактерии дејствуваат со поврзување со одредени гени на домаќинот каде што живеат, со цел да добијат привремена предност што им овозможува да останат внатре во домаќинот доволно долго за да се репродуцираат, да предизвикаат болест и потоа да се излачат (обично во форма на дијареа), подготвени да заразат друг домаќин во својата стратегија за колонизација.
Токму поради тоа се потенцира и важноста на добро миење на рацете пред и после јадење како и миење на храната пред да ја конзумирате!
Вообичаен третман за бактериските инфекции се антибиотиците. Но бактериите имаа совршени механизми за да се заштитат од дејството на антибиотиците и стануваат отпорни/резистентни на одередени антибиотици кои се употребуваат или на цели групи на антибиотици. На тој начин многу од антибиотиците стануваат неефикасни, а со тоа сме ограничени во изборот и можноста за соодветен третман на инфекциите.
Во согласност со се погоре наведено, Светската здравствена организација има објавено Светска листа со приоритетни патогени за кои се прават истражувања со цел развој на нови антимикробни средства. Ова е всушност резултат на тоа дека моментално постоечките за лекување на одредени бактериски болести ја изгубиле ефикасноста.
На листата се наоѓаат:
Streptococcus pneumoniae: Се смета за среден приоритет (бактериите кои покажуваат зголемена отпорност на лекови и предизвикуваат вообичаени болести спаѓаат во оваа категорија), оваа Грам-позитивна бактерија веќе направи резистенција кон пеницилинот.
Предизвикува мали инфекции како што се акутен отитис медиа и синузитис; но и посериозни и инвазивни состојби како што се пневмонија, менингитис и понекогаш перитонитис.
Haemophilus influenzae: Исто се смета за среден приоритет. Тоа е причина за неколку болести кај децата како што се конјунктивитис, синузитис и епиглотитис, бронхит, пневмонија и менингит. Само за појаснување оваа бактерија не треба да се поистоветува со предизвикувачот на инфлуенца односно грип, бидејќи таму станува збор за вирусна етиологија – вирусот Influenza.
Helicobacter pylori: Оваа бактерија, влегува во групата со висок приоритет бидејќи стана отпорна на кларитромицин, така што овој антибиотик повеќе не е ефикасен против болести предизвикани од H. pylori, односно гастроинтестинални нарушувања како што се гастритис, гастродуоденален улкус и одредени видови на рак на желудник.
Staphylococcus aureus: рангирана во високо приоритетната група на бактерии. Тој стана отпорен на метицилин и доведена е во прашање осетливоста кон ванкомицин.
Оваа бактерија предизвикува неколку кожни болести како фурункули, но доколку влезе во крвотокот нејзината опасност е зголемена и може да го зафати речиси секој дел од телото, особено срцевите залистоци и коските.
Pseudomonas aeruginosa: Оваа бактерија е на листата на критични приоритети, односно е мултиотпорна, особено опасна во болниците (интрахоспитална бактерија) и може да предизвика смртоносни инфекции, како што се пневмонија поврзана со механичка вентилација и бактериемија/сепса.
Во моментов, третманот за P. aeruginosa се состои од администрација на комбинирани антибиотици, иако овој метод има големи недостатоци, како што е ризикот од суперинфекција на суперотпорни микроорганизми и токсичноста на самиот третман.
Како заклучок, неопходно е да се истакне дека сите експерти на оваа тема се согласуваат дека најдобриот начин да се запрее брзото зголемување на отпорноста на бактериите на антимикробни средства или антибиотици е да се имплементираат политики за рационална употреба за да се спречи нивно несоодветно и прекумерното внесување.
Препораката, како и секогаш, е да се консултирате со лекар пред да земете било каков лек.