00389 2 3091 484
октомври 6, 2016
Моето „несекојдневно“ искуство во Специјалната болница од нашиот град
На 29.09.2016 е мојот роденден, додека се подготвував во утринските часови и ги планирав и распоредував моите дневни обврски, добив повик од специјалната болница „Филип Втори“ (ја имам посетено болницата уште додека се наоѓаше во склоп на просториите на ГОБ „8ми Септември“). Случајно или не мојот роденден е на ист ден со светскиот ден на срцето, па си помислив дека причината е таа!? Ми го честитаа роденденот и ми дадоа инструкции како да дојдам во нивната болница. Се до овој момент мислев дека некој се шегува со мене, но кога ми кажаа дека мојата девојка во соработка со тимот на д-р Митрев ја го организирала мојата посета и дека ова е мојот роденденски подарок, сфатив дека ќе го добијам најдобриот подарок досега.
Се упатив кон болницата. Додека поминував покрај новиот објект на болницата, убеден сум дека не само јас туку секој оној кој ќе помине и ќе ја погледне таа грандиозна градба, ќе почувствува нешто што тешко се опишува. Јас тоа го викам гордост! Дозволете да објаснам. Имаме болница од светски калибар во нашиот главен град, болница во која се прават исти кардиохируршки интервенции како и во реномираните светски центри, болница во која се имаат спасено многу животи, болница која е последната надеж за тешко болните.
Кога пристигнав и влегов внатре го немав тоа чувство на болница, на мирисот на дезинфициенси, ја немаше онаа слика на редици пациенти и хаос од бели мантили, слика која е непријата за многумина. Напротив се чувствувате како во хотел, навистина! Пристигнав на вториот кат, каде направив како што ми беа дадени инструкциите. Се запознав со медицинскиот директор д-р Анѓушева, која што ми го честиташе роденденот и додека ги впијам импресиите пред мене се отвори вратата од оперативниот блок.
Ме спроведе тимот на Филип Втори, ми беше покажано сѐ, од самиот прием на пациентот во оперативниот блок до неговото излегување. Толку топло бев пречекан што не забележував како се движиме низ оперативниот блок, за на крај да влезам и да го видам д-р Митрев во неговата работна средина. Тоа чувство не се опишува. Не се опишува како е да се види човечкото срце, да се види „моторот“ што нѐ движи сите нас. Додека го гледав д-р Митрев како работи, неговата смиреност и опуштеност и да не заборавам неговата духовитост и искреност, не забележав дека поминаа 2 часа и дека д-р Митрев ги врзуваше последните шавови. Би го опишал тоа со еден збор, уметност. Операцијата заврши, се поздравив со персоналот кои беа толку топли, гостопримливи и професионални.
Сега разбирам! Голема благодарност до сите вас! Благодарам што ми го направивте тој ден незаборавен. ВИ БЛАГОДАРАМ!