Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

16.07.2020

Дали знаете дека Шрек имал акромегалија?

Сите го знаеме популарниот анимиран лик Шрек, но малкумина знаат дека инспирацијата за него е поранешниот француски борач по име Maurice Tillet (Норис Тиле), кој бил популарен во текот на 30-те и 40-те години од минатиот век, а  всушност боледувал од акромегалија.

ШТО Е АКРОМЕГАЛИЈА И КАКО ДА ЈА ПРЕПОЗНАЕТЕ?

Акромегалија е хормонско нарушување кое се развива кога хипофизата неконтролирано лачи големи количини на хормон за раст кај возрасни луѓе. Како резултат на зголеменото излачување на хормонот за раст, доаѓа до пораст на одредени стуктури – дланки, стапала, лице и внатрешни органи. Самата болест е невообичаена, а нејзиниот тек и симптоми се случуваат споро и постепено, па најчесто е потребно долго време за да се препознаат овие индивидуи. Во моментот на дијагностицирање голем дел од овие пациенти повеќе не личат на себеси – споредбено со нивните слики од предходно.

Симптомите на оваа болест се многу на број и варираат во зависност од самиот пациент, како и од моментот на дијагностицирање (фазата на болеста):

  • Зголемени дланки и стапала
  • Погруби и зголемени контури на лицето
  • Груба, задебелена и мрсна кожа
  • Ексцесивно потење придружено со непријатна миризба
  • Појава на мали испакнатини на кожата
  • Замор и слабост во мускулите
  • Задебелен, груб глас
  • Зголемено ‘рчење при спиење
  • Нарушен вид
  • Главоболки
  • Зголемен јазик
  • Болка и неподвижност во зглобовите
  • Менструални нерегуларности кај жените
  • Еректилна дисфункција кај мажите
  • Зголемување на внатрешни органи
  • Намалено либидо

Доколку забележите некои од наведените симптоми потребно е да консултирате ендокринолог.

 

Напреднатата и нетретираната болест може да доведе до бројни здравствени проблеми: зголемен крвен притисок, кардиоваскуларна болест (кардиомиопатија), остеоартритис, дијабетес мелитус, гушавост, полипи на колонот, sleep apnea, компресија на рбетниот столб, загуба на видот.

Дијагнозата се поставува со помош на хормонски тестови и имиџинг методи (магнетна резонанца на хипофиза). Третманот се состои во супресија на излачувањето на хормонот за раст, најчесто се препорачува хируршки третман или радијациона (зрачна) терапија, а во одредени случаи се даваат лекови кои го блокираат дејството на хормонот за раст (кога не е возможен оперативен третман или не е достапна радијациона терапија).

Д-р Надица Божиновска

Специјалист по ендокринологија