Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

05.02.2021

Анемијата се лечи, но, откријте ја на време!

Често пати слушаме дека некој е анемичен или има анемија. Но, што значи точно тоа од здравствен аспект за една личност.

Медицината анемијата ја дефинира како апсолутно намалување на бројот на еритроцитите (црвени крвни зрнца), односно на концентрацијата на хемоглобинот или на вредностите на хематокритот.

Попрецизна дефиниција е кога како основно мерило се зема хемоглобинската концентрација во крвта која е пониска од општо прифатените нормални вредности. Овде важно е да се истакне дека намалената концентрација на хемоглобинот ја намалува способноста на крвта во одредено време да го транспортира потребното количество кислород од белите дробови во периферната крв со што во ткивата доаѓа намалено количество кислород.

Како се манифестира анемијата?

Анемијата се манифестира со еден вид слабост на организмот, замор, намалена концентрација, чести промени во расположението, како и втроглавица, главоболка, зуење во ушите, краток здив, слаб апетит, бледило на кожата, слаба циркулација (студени раце и нозе). Може да се забележи и забрзана и неправилна работа на срцето, болка во градите, кршливост на ноктите итн.

Како да ја препознаете анемијата кај децата?  

Кај помалите деца анемијата најчесто се открива случајно, по земање анализи, бидејќи не знаат да ги објаснат проблемите што ги чувствуваат. Сепак да напомене дека бледото лице на детето не мора секогаш да биде знак за анемија. Бојата на кожата зависи од нејзината дебелина, пигментација и прокрвеност.

Ако, освен лицето на детето, бледи се и усните и кожата под ноктите, би можело да се работи за анемија.

Има и други симптоми: работата на мозокот и мускулите е побавна а тоа е затоа што примаат помалку кислород, па се јавуваат замор, раздразливост, слаб апетит и незаинтересираност за игра.

Поголемите деца, пак при појака анемија се жалат на вртоглавица, зуење во уши, главоболка, срцебиење, а неретко кај нив се забележува заостаток во растот и склоност кон инфекции. Некои деца ставаат во уста материи што не се за јадење како на пример земја, песок, или хартија.

Кај децата најчесто анемијата се појавува поради недостиг од железо, а за неа терапијата е ефикасна, а резултатите од лекувањето се добри.

Како се дијагностицира?

Најчесто, анемијата се дијагностицира преку лабораториска анализа на крвната слика, при што особено внимание се посветува на бројот на еритроцитите, нивото на хемоглобин, количеството на железо во крвта и големината на еритроцитите. Во лабораторијата на нашата клиника можете да го испитате вашето ниво на Серумско железо и на Феритинот кои имаат најголемо влијание во детектирање на анемијата.

Серумското железо заедно со еритроцитите и хемоглобинот, даваат слика за состојбата на коскената срцевина, односно дали има анемија и за каков тип на анемија се работи. Важно е да се знае дека одредување само на железо без останатите параметри, не дава никаква основа за поставување на дијагнозата анемија.

Феритинот претставува комплекс на протеин врзан со железо т.е. депонирачка форма на тровалентно железо, каде железото останува во растворлива, нетоксична и лесно достапна форма за организмот. Го има во сите ткива во организмот, но најмногу е присутен во коскената срцевина, црниот дроб и слезенката. Определувањето на концентрацијата на серумското железо е слаб индикатор за депонираното железо во организмот. Затоа е подобро да се определат и хемоглобинот, бројот на еритроцитите, трансферинот, феритинот и TIBC (вкупниот капацитет на трансферинот за врзување со железото), за што ќе бидете посоветувани од наше медицинско лице.

Исхраната како превенција

За превенција на анемијата важна улога има исхраната. Таа треба да биде богата со железо (леќа, грав и другите мешункасти растенија, цвекло, пиперки, зелен лиснат зеленчук, интегрални житарки, јаткасти плодови, суви сливи и кајсии, темно чоколадо итн.). Исто така, витаминот Ц има голема улога во апсорпцијата на железото. Препораките се дека во случај на анемија треба да се избегнува поголемо внесување калциум, којшто ја намалува апсорпцијата на железото во крвта, а истиот негативен ефект го имаат и производите што содржат танин (чај, кафе, газирани пијалаци итн.).