Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

27.07.2020

Хашимото тироидитис

Што претставува Хашимото тироидитис?

Хашимото тироидитис е воспаление на тироидната жлезда, кое се јавува како резултат на сложени автоимуни процеси, односно имуниот систем создава антитела кои селективно ја напаѓаат тироидната жлезда. Хашимото тироидитис е најчестата причина за појава и развој на хипотироидизам. Претставува хронична состојба која се развива постепено во тек на неколку години – во кои полека ја оштетува тироидната жлезда. Симптомите кога се манифестни, се исти како кај некативна тироидна жлезда – хипотироидизам.

Како се поставува дијагноза?

Дијагнозата е брза и лесно достапна, а се постигнува со анализа на специфичните антитела против тироидна пероксидаза (АТПО) во крвта, како и со вредностите на тироидните хормони. Дополнително, се препорачува да се направи и ултрасонографија (ехо) на тироидната жлезда, затоа што пациентите со Хашимото тироидитис имаат специфичен ултрасонографски наод.

Кој е третманот?

Третманот зависи од фазата во која е утврден Хашимото тироидитисот. Кај пациентите со утврден хипотироидизам се започнува со заместителна хормонска терапија. Откако ендокринилогот ќе ве постави на терапија, потребно е истата да се мониторира и титрира согласно потребите.

Интересни факти за Хашимото тироидитис

Хашимото тироидитис може и да ја зголеми и да ја намали вашата тироидна жлезда!

Звучи неверојатно, меѓутоа е вистина. Првиот симптом е најчесто зголемена тироидна жлезда или гушавост – што е резултат на постојаниот напад на тироидната жлезда од страна на имуниот систем. Жлездата станува многу активна обидувајки се да се одбрани и да продолжи нормално да функционира, па како резултат на тоа хипертрофира. Со тек на време, жлездата се истрошува, станува нефункционална, започнува да се намалува и на крајот атрофира.

Хашимото тироидитисот некогаш може да предизвика и хипертироидизам!

Збунувачко е нели? Иако ретко, еден дел од пациентите имаат т.н. Хашитоксикоза – или тоа е раната фаза на Хашимото тироидитис во која жлездата е збунета и лачи зголемени количини на тироидни хормони кои предизвикуваат забрзано срцебиење, губиток на телесна тежина и анксиозност – класични знаци за хипертироидизам. Оваа фаза може да трае од 1 до 12 месеци.

Нетретиран хипотироидизам може да биде фатален!

Хашимото тироидитис кој не е следен од страна на лекар и пред се нетретиран хипотироидизам можат да предизвикаат низа на нарушувања (покачен холестерол, зголемена телесна тежина, кардиоваскуларни болести, намалување на ментален капацитет, абортус и малформации на новородено) и евентуално фатален исход со со микседематозна кома и смрт.

Суплементите со јод не се препорачуваат кај пациентите со Хашимото тироидитис

Некои од пациентите претпоставуваат дека Хашимото тироидитисот се јавува поради дефицит на јод и најчесто на своја рака земаат суплементи. Меѓутоа, додатоците со јод всушност ја оштетуваат Хашимото тироидната жлезда и го влошуваат хипотироидизмот.

Зошто се нарекува Хашимото?

Името на болеста е дадено по заслуга на јапонскиот лекар Хакару Хашимото кој прв ја опишал оваа состојба. Хашимото во далечната 1912-та година прв ја изнел тезата за лимфоматозна струма од бениген карактер и спасил многу луѓе со Хашимото тироидитис од непотребни операции за вадење на тироидната жлезда.

Д-р Надица Божиновска
Специјалист по ендокринологија