Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

12.01.2017

Хуманитарна мисија


Приказната за болната беровчанка, со полско потекло, Јустина Мадевска која на крајот на минатата година беше прифатена на лекување во болницата “Филип Втори“, продолжи да биде мисија на д-р Жан Митрев и неговиот тим и по завршувањето на хоспитализацијата. Донација од храна, облека, покуќнина и основни хигиенски средства беа однесени со возилото на болницата на 11 јануари, 2017 година. Големите снежни наноси не беа пречка, за како вистински домаќини, сопругот Славе и неговите соседи не пречекаат на сред село. “Подобра е Јустина, ве чека во нејзината соба. Ви благодариме и што во овие непогодни временски услови, како што ветивте, дојдовте да не посетите“, изјави Славе, кој со соседите ги префрлија донираните работи од возилото во нивниот дом.

Јустина лежеше во нејзината соба и кога не виде на вратата, стана да се поздрави. Можевме да забележиме дека има освежување во нејзиниот лик, а евидентно беше и дека има подобрување во нејзиното движење. Ако до пред три недели таа лежеше неподвижна во креветот, кога екипата на “Филип Втори“ во количка ја изнесе од дома, по хоспитализацијата, и домашното лекување  таа е во состојба сама да се движи низ домот. Возбудена од донацијата таа искажа благодарност до тимот на д-р Митрев и тимот од интензивна нега кој ја лекуваше . Благодарност до д-р Митрев со желби за многу здравје за него и фамилијата, за хуманоста која ја покажа кога беше преземена Јустина на лекување, но и сега, со донацијата, изрази и сопругот Славе. Истовремено, тој упати барање до Полската амбасада да им излезат во пресрет и посредуваат за потребните документи од Полска, за понатаму Јустина да може да ги добие македонски документи. Иако го совладуваа емоциите, сепак успеа да ни каже: “Со тоа што нѝ излеговте во пресрет во најтешките моменти, вие нѝ ја вративте волјата за живот!“

Приказната за Јустина, отпочна последната недела од декември, измината година. Во периодот од годината кога сите се подготвуваа за пречекот на Нова година, и се чувствуваше празнична  еуфорија, сепак животот знае да донесе и непријатни и тешки моменти. До д-р Жан Митрев пристигна апел за помош, за неподвижна и тешко болна жена. Несомнено, како и многупати до тогаш, д-р Митрев веднаш подаде рака за помош, овојпат за  45 годишната Јустина Мадевска, по потекло од Полска, а мажена во с. Русиново, Беровско. Жена, која долго време не била медицински третирана, поради немање на македонски документи.

Веднаш се формираше екипа која со амбулантно возило, за брзо време стигна во домот на Јустина за да ја преземе на лекување.За време на петдневното медицинско испитување и хоспитализација на интензивното одделение во болницата, на Јустина и беше направен кардиолошки и невролошки преглед, како и снимање со КТ. По направените анализи беше констатирано дека Јустина имала мозочни засегања, како и почетна фаза на деменција, иако е некарактеристично за таа возраст. На вториот ден, по објавите во медиумите, во посета на Јустина дојдоа претставници од Полска амбасада, како поддршка на нивната сонародничка. За време на празниците, Јустина и нејзиниот сопруг си заминаа дома и ветија дека ќе ги почитуваат лекарските препораки за лекување и примање на терапијата,  а ние им потврдивме дека и понатаму  може да сметаат на нашата поддршка.

Тоа што го ветивме, го реализиравме, за да може двочленото семејство да отпочнат со нов живот и нормално да функционираат во општеството!