Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

02.07.2021

Ингвиналната херниа или народно кажано препонска кила – причини, симптоми и превенција

Што е хернија или народски кажано кила?

Ингвинална хернија се јавува кога ткивото, како дел од цревата, излегува низ слабо место во абдоминалните мускули. Грутката (топката) може да биде болна, особено кога кашлате, се превиткувате или кревате тежок предмет.
Ингвиналната хернија не секогаш е опасна. Меѓутоа, ако не се подобри самa по себе, тоа може да доведе до компликации опасни по живот. Вашиот лекар веројатно ќе препорача хируршка интервенција за поправка на зголемена или болна хернија на препоните, која е многу честа процедура.

Симптоми

Симптомите на ингвиналната хернија вклучуваат:

  • Грутка испапчена во областа од двете страни на препоните, која станува позабележителна кога сте исправени и особено ако кашлате или вежбате
  • Чувство на печење или болка во областа на грутката
  • Болка или непријатност во препоните, особено кога се наведнувате, кашлате или кревате тешко
  • Чувство на тежина или влечење во препоните
  • Слабост или притисок во препоните
  • Повремена болка и оток околу тестисите кога испакнатиот дел од цревата се спушта и влегува во скротумот

Знаци и симптоми кај деца

Ингвинална хернија кај новороденчиња и деца е резултат на слабост на абдоминалниот ѕид и се јавува уште при раѓање. Понекогаш хернијата може да биде видлива само кога бебето плаче, кашла или се напрега при празнење на дебелото црево. Детето може да стане нервозно и да има помалку апетит од вообичаеното.
Кај постаро дете, хернијата веројатно ќе биде поочигледна при кашлање или при напрегање за време на празнење на цревата. Истото е воочливо и кога детето стои подолг временски период.

Кога хернијата може да направи проблем?

Ако не можете да ја турнете хернијата навнатре, нејзината содржина може да се приклешти (зароби) во абдоминалниот ѕид. Ваквата хернија може да се притисне, нарушувајќи го протокот на крв во ткивото во кое е заробена. Заробената (приклештена) хернија може да биде опасна по живот доколку не се лекува.

Симптомите на заробената хернија вклучуваат:

  • Гадење, повраќање или и двете
  • Треска
  • Ненадејна болка која брзо се интензивира
  • Грутка од самата хернија која станува црвена, виолетова или темна боја
  • Неможност за празнење на дебелото црево или поминување на гасови

Кога да се консултирате со вашиот лекар?

Веднаш побарајте медицинска помош ако хернијата стане црвена, виолетова или потемни. Секако доколку имате и други знаци или симптоми поврзани со хернијата веднаш обратете се на лекар.
Посетете го вашиот лекар и доколку имате болна или очигледна грутка во препоните, на страната на срамната коска. Грутката веројатно ќе биде поочигледна кога ќе бидете исправени и обично може да ја почувствувате ако ја ставите раката директно на погодената област.

Причини

Некои ингвинални хернии немаат очигледна причина. Други може да се појават како резултат на:

  • Зголемен притисок во делот на стомакот
  • Претходна слаба точка во абдоминалниот ѕид
  • Напрегање при нужда или мокрење
  • Напорни активности
  • Бременост
  • Хронично кашлање или кивање

Кај многу луѓе, слабоста на абдоминалниот ѕид која ја предизвикува ингвиналната хернија се јавува при раѓање, кога слузницата на абдоменот (перитонеумот) не се затвора како што треба. Другите ингвинални хернии се јавуваат подоцна во животот, кога мускулите ослабуваат или се менуваат со возраста, од тешка физичка активност или кашлица предизвикана од пушење.
Слабост во абдоминалниот ѕид може да се појави и подоцна во животот, особено по повреда на стомакот или по операција.

Кај мажите, слабата точка е во ингвиналниот канал, каде што спермичниот канал влегува во скротумот. Кај жените, ингвиналниот канал носи лигамент кој помага да се одржи матката на место, а хернијата понекогаш се јавува таму каде што сврзното ткиво од матката се приклучува на ткивото што ја опкружува срамната коска.

Фактори на ризик

Фактори кои придонесуваат за развој на ингвинална хернија се:

  • Полот. Мажите имаат осум пати поголема веројатност да развијат ингвинална хернија отколку жените.
  • Возраста. Мускулите ослабуваат како што стареете.
  • Расата. Белата раса е позасегната.
  • Наследен фактор. Доколку имате член од фамилјата, како што се родители, брат или сестра, кои страдат од оваа состојба, голема веројатност е и вие да страдате од истото.
  • Хронична кашлица. Kашлица предизвикана од пушење
  • Хроничен запек. Запекот предизвикува напрегање при движења на дебелото црево.
  • Бременост. Бременоста може да ги ослаби вашите стомачни мускули и да предизвика поголем притисок внатре во стомакот.
  • Предвремено породување и малата тежина при раѓање.
  • Хернија или претходна санација на ингвинална хернија. Дури и ако претходната хернија се случила во детството, имате поголем ризик да развиете друга ингвинална хернија.

Превенција

Не е можно да се спречи вродената предиспозиција која што ја зголемува склоноста кон ингвинална хернија. Но, можете да го намалите притисокот на стомачните мускули и ткива. На пример:

  • Одржувајте здрава и нормална тежина. Разговарајте со вашиот лекар за вежби и планот за исхрана кој би ви одговарал најдобро.
  • Вметнете во исхраната повеќе продукти богата со растителни влакна. Овошјето, зеленчукот и интегралните житарки содржат растителни влакна кои можат да помогнат во спречување на запек и напрегање при празнење на дебелото црево.
  • Не кревајте тешки предмети или правете го тоа внимателно. Ако мора да подигнете нешто тешко, секогаш свиткајте ги колената, а не половината.
  • Откажете се од пушењето. Освен негативните последици кои водат кон голем број сериозни болести, пушењето и во однос на ингвиналната хернија има негативно влијание. Имено пушењето предизвикува хронична кашлица која може да доведе до влошување на ингвиналната хернија.