Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

31.01.2024

ИНТЕРВЈУ СО Д-Р ЛИЛЈАНА БРАЈЕВИЌ И Д-Р ЅВОНКО АТАНАСОВ: Карциномот на бели дробови, за жал, не дава некакви специфични симптоми во рана фаза

КЛИНИКАТА „ЖАН МИТРЕВ“ ЗАПОЧНУВА СО БЕСПЛАТЕН СКРИНИНГ ЗА КАНЦЕР НА БЕЛИ ДРОБОВИ – Навременото дијагностицирање на кое било заболување, а посебно на ракот е многу битно бидејќи од тоа зависи видот на третманот и крајниот исход. Сигурно не е исто доколку пациентите ги дијагностицираме во рана фаза кога терапијата е поедноставна, поефективна и прогнозата е далеку подобра, отколку кога ги дијагностицираме во поодмината фаза, кога можностите за третман се ограничени, односно опциите се малубројни, а со самото тоа и прогнозата е далеку полоша.

Ракот на белите дробови е водечка причина за смртни случаи од рак во светот. Луѓето кои пушат имаат најголем ризик од рак на белите дробови, иако болеста може да се појави и кај луѓе кои никогаш не пушеле. Ризикот од рак на белите дробови се зголемува со должината на времето и бројот на цигари што сте ги испушиле. Ако се откажете од пушењето, дури и по долги години пушење, може значително да ги намалите шансите за развој на рак на белите дробови. Станува збор за подмолна болест која не предизвикува знаци и симптоми во нејзините најрани фази. Но, што еднаш се појават… може да биде и предоцна.

„За жал, карциномот на бели дробови не дава некакви специфични симптоми во рана фаза. Понекогаш чувство на замор, слабост, малаксаност, кашлица која трае подолго од еден месец и не се подобрува со терапија, може да бидат едни од раните симптоми кои би ги навеле пациентите да започнат со почетни дијагностички прегледи“, објаснуваат д-р Лилјана Брајевиќ, торакален хирург и д-р Ѕвонко Атанасов, специјалист по радиодијагностика од клиниката „Жан Митрев“.

Со цел навремено откривање на асимптоматските пациенти, дијагностицирање во рана фаза кога може да се изврши оперативен третман, бидејќи така прогнозата за преживување е многу подобра и подигнување на свесноста за рано откривање на заболувањето во почетна фаза, клиниката „Жан Митрев“ за првпат во државава спроведува бесплатен скрининг со кој се опфатени пациенти за карцином на бели дробови кои се асимптоматски, но влегуваат во ризичните категории според животните навики. Препораката за скрининг опфаќа пациенти од 50 до 75 години кои во текот на 20 години пушеле повеќе од 20 цигари (или 1 кутија) на ден или 2 кутии цигари дневно во тек на 10 години, како и пациенти кои биле пушачи, а престанеле да пушат во последните 15 години.

„СИТЕ СМЕ ПУШАЧИ СО ОВОЈ ВОЗДУХ. НАПРАВИ ПРЕВЕНТИВЕН СКРИНИНГ НА БЕЛИТЕ ДРОБОВИ“ – е насловена националната кампања со која клиничката болница „Жан Митрев“ дава придонес во пресрет на одбележувањето на 4 Февруари – Светски ден за борба против ракот и подигање на свеста за болеста. Што значи навременото дијагностицирање за еден пациент?

Д-р Брајевиќ: Навременото дијагностицирање на кое било заболување, а посебно на ракот е многу битно бидејќи од тоа зависи видот на третманот и крајниот исход. Сигурно не е исто доколку пациентите ги дијагностицираме во рана фаза кога терапијата е поедноставна, поефективна и прогнозата е далеку подобра, отколку кога ги дијагностицираме во поодмината фаза, кога можностите за третман се ограничени, односно опциите се малубројни, а со самото тоа и прогнозата е далеку полоша.

Карциномот на белите дробови има рана фаза, кога болеста е локализирана само на белиот дроб без засегање/проширеност на околните органи. Доколку болеста се открие во оваа фаза, прогностичките резултати се најдобри. Кога болеста ќе се прошири на околните и далечните органи, тогаш третманот е потежок и прогнозата е полоша.

Затоа мој совет до сите пациенти, а посебно оние кои влегуваат во ризичната група, а тоа се сите кои имаат историја на долгогодишно пушење, изложеност на азбест, изложеност на инхалаторни хемиски материи или постоење на хронични белодробни болести, задолжително да прават редовни контроли, без да занемаруваат и најмал симптом.

Скринингот е многу битна алатка за детектирање на ракот на белите дробови во почетна фаза на болеста. За првпат во нашата земја, клиниката „Жан Митрев“ започнува пилот проект за скрининг и навремено дијагностицирање, рано откривање кое драматично може да ги подобри стапките на преживување. Скринингот е бесплатен за група граѓани на возраст од 50-75 години. Со оглед на големиот број на заинтересирани, како ќе се одвива селекцијата и што вклучува овој скрининг?

Д-р Атанасов: Скринингот е докажана метода со која се дијагностицира некое заболување кај пациенти кои немаат симптоми, во овој случај симптоми за карцином на бели дробови. За прв пат во нашата земја се организира ваков проект кој ќе трае три години со кој ќе се опфатат голем број на пациенти. За да се пријават на скринингот, пациентите треба да се во возрасна група од 50-75 години и да пополнат еден прашалник на нашата веб-страница. Потоа од пријавените се селектираат оние кои се со висок ризик за карцином на бели дробови и кај нив се прави компјутеризирана томографија со ниска доза на зрачење. Доколку се верифицира некаква промена на резултатите, се прават понатамошни иследувања како што се бронхоскопија со биопсија или трансторакална биоспија за да видиме за каков тип на промена се работи. Потоа зависно од локалниот наод, се предлага оперативен или онколошки третман.

Карцином на белите дробови е многу подмолна болест, чии симптоми најчесто се јавуваат во доцна фаза кога шансите за преживување се најмали. Во ситуација кога раните фази се асимптоматски, како може да се посомневаме на постоење на болестa, постојат ли некои општи знаци, симптоми, кои може да не наведат на лекарска консултација, детекција и ран третман, кој може да спречи ракот на белите дробови да се влоши и да се прошири на други делови од телото?

Д-р Атанасов: За жал, карциномот на бели дробови не дава некакви специфични симтоми во рана фаза. Понекогаш чувство на замор, слабост, малаксаност, кашлица која трае подолго од 1 месец и не се подобрува со терапија, може да бидат едни од раните симптоми кои би ги навеле пациентите да започнат со почетни дијагностички прегледи.

Д-р Брајевиќ: Најчести фактори за ризик од карцином на бели дробови се:

пушење – ризикот се зголемува со бројот на цигарите и годините на пушење. Се смета дека цигарите се причина за појава на карцином во 90 % од случаите,
пасивно пушење – особено во детска возраст, кога белите дробови се во интензивен раст и развој. Тие деца подоцна во животот имаат зголемен ризик од појава на хронични белодробни болести и карцином,
зрачна терапија во предел на градниот кош,
изложеност на радон и азбест,
фамилијарна предиспозиција, околу 8 % од карциномите од кои најмногу аденокарциномот се поврзани со наследни генетски мутации.

Колку фази има ракот на белите дробови, со која брзина напредува и какви се шансите за преживување?

Д-р Атанасов: Карциномот на белите дробови има рана фаза, кога болеста е локализирана само на белиот дроб без засегање/проширеност на околните органи. Доколку болеста се открие во оваа фаза, прогностичките резултати се најдобри. Кога болеста ќе се прошири на околните и далечните органи, тогаш третманот е потежок и прогнозата е полоша. Колку брзо ќе напредува болеста не може точно да се каже. Се зависи од карактеристиките на карциномот и неговиот степен на агресивност. Статистиките покажуваат дека само околу 10 % ќе преживеет 10 години од почеток на болест.

Кои пациенти се квалификуваат за операција на белите дробови и кои се предностите на 3Д минимално инванзивната операција на карцином на белите дробови, која за првпат во Македонија е воведена и се изведува на клиниката „Жан Митрев“?

Д-р Брајевиќ: За да препорачаме на пациентот дека е за оперативен третман постојат повеќе фактори. Прво од општата состојба на пациентот, во која фаза е заболувањето, типот на карцином, локализацијата и сл. Потоа може да одлучиме дали ќе се оперира со класичен тип на операција или со минимално инвазивен пристап односно со ВАТС (видео асистирачка торакоскопија). Предноста кај овој тип на интервенции е што се помалку болни за пациентите во постоперативниот период, со што се скратува времето на болничкиот престој и пациентите побрзо се враќаат во секојдневните активности. И двете методи се за среќа достапни и се изведуваат во нашата болница.

Извор: panacea.mk