Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

31.05.2021

Колку се всушност опасни убодите од комарци?

Иако најчесто здодевни, мали и речиси незабележителни, комарците се веројатно меѓу најопасните животни на планетата поради самиот факт дека тие се предизвикувачи на милиони смртни случаи секоја година. Повеќето видови комарци се најчесто безопасни, но еден дел од нив, оние опасните, се вистински летачки крвожедни паразити кои имаат способност да се прилагодат лесно пренесувајќи болести на луѓето.

Во најголем дел, каснувањата од комарци не се ништо повеќе од нервозна непријатност што ќе исчезне после 24 часа. Но, ова не е случај кај лицата со низок имунитет кои често се изложени на болести кои можат сериозно да ги загрозат нивните животи.

Некои од најопасните болести пренесени од комарци вклучуваат: Денга треска, Зика инфекција, Западнонилска треска, маларија итн. Во нашата држава овие болести ретко се забележуваат, но доколку одите на патување во ризични подрачја добро е да ги запознаете одблиску и да внимавате т.е да избегнувате каснувања од комарци.

Да ги разгледаме 3-те најопасни и веќе добро познати болести пренесени од комарци.

Денга треска
Денгата е една од најсмртоносните болести на планетата која погодува до 400 милиони луѓе секоја година! 100 милиони луѓе се разболуваат од инфекцијата, а 22 000 умираат од тешка денга треска. Овој вирус пренесуван од комарците е присутен во поголемите делови на Југоисточна Азија, од северна Австралија до Авганистан, но исто така и во Јужна Америка, субсахарска Африка и неколку јужни држави на САД.

Инфекција со Зика
Вирусот Зика се пренесува од неколку вида комарци: азискиот тигрест комарец, Aedes albopictus и комарецот на жолта треска. Првенствено се јавува во Јужна и Централна Америка, Флорида и Тексас. Погодени се и области во Југоисточна Азија. Тука спаѓаат Тајланд, Филипини и Виетнам.
Популации кои се изложени на најголем ризик за вирусот Зика се жени во првиот триместар од бременоста кои кога ќе се заразат вирусот истиот го пренесуваат на нивните бебиња. Ова е особено опасно затоа што преносот честопати останува незабележан.

Маларија
Маларијата е несомнено најпозната тропска болест на планетата. Таа е предизвикана од едноклеточен организам наречен плазмодиум, раширен првенствено од комарецот Анофелес.
Маларијата е толку смртоносна и лесно пренослива што околу 40 проценти од сите луѓе ширум светот се изложени на ризик од заразување со маларија. Болеста напредува во епизоди на треска и има мешавина на симптоми, вклучувајќи главоболки, болка, потење, па дури и дијареја.

Како да спречите каснување од комарец?

Сезоната на комарци вообичаено започнува во лето. Комарците гризат дење и ноќе, живеат во затворени простории и на отворено и бараат топли места кога температурите почнуваат да опаѓаат. Некои комарци хибернираат во затворени простори, како гаражи, шупи и под (или внатре) домови, за да ги преживеат ладните температури.

Поради фактот дека за повеќето вируси кои ги шират комарците, не се достапни вакцини или специфични лекови, најдобра е превентивата.

Ризикот од каснување од комарци можете да го намалите со употреба на средства против инсекти кои ќе ги нанесете на вашата кожа во часови кога комарците се најактивни т.е од самрак до зори. Ако планирате да одите на отворено, особено во пошумени или области со грмушета вегетација, погрижете се претходно да нанесете репелентни средства за одбивање на комарците.

Повеќето вакви средства за инсекти користат активни состојки како што се пикаридин и диетилтолуамид (DEET) за да обезбедат заштита и да траат подолго од другите алтернативи. Студиите исто така покажуваат дека маслото од еукалиптус и од лимон обезбедува заштита еднаква на онаа на DEET во ниски концентрации.

Од очигледни причини, ако знаете дека областа каде што ќе одите има големи роеви на комарци, погрижете се да го покриете телото од глава до пети.

Идеална средина за нив се застојаните води. Комарците се размножуваат во близина на влажна средина и драматично можат да го зголемат својот број. Затоа најдобар начин за да се задржи нивната популација под контрола е да се одржуваат олуците чисти, редовно да се менувата водата во фонтаните и да се празнат базените за деца.

Секако можете да поставите мрежи на прозорците, и редовно да ги поправате сите оштетувања (процепи, дупчиња) бидејќи низ нив можат да се протнат комарците и другите инсекти.