Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

28.09.2012

Корекција на варус деформитет на коленото и потколеницата со дворамнинска висока остеотомија на тиби

Корекција на варус деформитет на коленото и потколеницата со дворамнинска висока остеотомија на тибија со отворање и спонгиопластика

25-годишен пациент И.Р. од Скопје бил повреден пред 3 години при злофат од ловџиска пушка во пределот на десната потколеница при што се здобил со отворена огнострелна скршеница на проксималната тибија. Лекуван бил со надворешен фиксатор па со аголна Г – кондиларна плочка и спонгиопластика. Постоперативно пациентот се жали на деформитет на потколеницата, силни болки во десното колено, ограничување на движењата во истото и скратување на ногата за 2.5 цм.

Прегледот и рентгенските слики покажаа дека се работи за лошо санирана скршеница во варус положба на десното колено и потколеница, скратување на ногата за 2.5 цм и коскен дефект на горниот крај од десната тибија. Се постави индикација за оперативна интервенција а со цел корекција на биомеханичката оска на ногата, постигнување на нормална должина на ногата и воспоставување на нормални движења во цел обем во коленото и скочниот зглоб како и превенција од појава на ран остеоартритис на истите.

За прв пат во нашата болница се направи сложен хируршки зафат во еден акт при што се отстрани вградениот остеосинтетски материјал, се направи дворамнинска висока тибијална остеотомија со отворање на коленицата со која се корегира биомеханичката оска и се постигна издолжување на ногата, се направи автогена коскена трансплантација со коскен графт од самиот пациент и се постави најсовремен титаниумски Tomofix Synthes, систем за фиксација и стабилизација на коската. Пациентот престојуваше 2 дена на болничкиот оддел и беше вертикализиран со дозволено оптоварување од 50% и беше пуштен на домашно боледување. По 6 недели му беше дозволено целосно оптоварување без употреба на патерици, пациентот беше со потполно изедначување на должината на ногата, без болки и со целосни и безболни движења во коленото и скоковиот зглоб како и со целосно заздравување на нивото на коскените остеотомии и враснување на коскениот графт. Дворамнинската висока тибијална остеотомија со отворање и коскена трансплантација е високо софистицирана хируршка процедура и рутински се применува во нашата установа пред сè кај помлади луѓе а со цел корекција на искривувања кај колената било поради болест или повреди. Исто така и при рана појава на остеоартритис, со цел воспоставување на нормалната механичка оска и должина на ногата а со тоа и спречување на комплетното пропагање на ‘рскавицата на коленото, обезболување и постигнување на максимален обем на движење во зглобот.

Слика 1: РТГ на десно колено со потколеница пред операција

Слика 2: РТГ на десно колено со потколеница 6 недели по операција со враснат графт и зарасната остеотомија и корегирана оска на ногата