Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

05.07.2017

Најчести заболувања кај децата во летниот период


 

Летниот период од годината е време кога семејствата одат на годишни одмори, излети, се одмoраат покрај базен, заминуваат на планина или на море. Иако тоа е период кога треба да се биде релаксиран, сепак многу често дечињата се разболуваат. Кое се најчестите заболувања кај децата во летниот период и како да реагирате и кои мерки да ги преземете, Ви прикажуваме подетално за секој од нив.

Вирусни инфекции

Секој период од годината се карактеризира со одреден вид на предоминатни вирусни инфекции. Во текот на летото најчести се Coxsackie вирусите (Hand, foot & mouth disease) кои предизвикуваат температура, ситен осип на дланките и табаните, како и болни мали афти во устата. Како и со другите вируси, не постои специфичен третман, освен за ублажување на болка и температурата кога се дава парацетамол или ибупрофен, како и давање на многу течности за да се спречи дехидратација.

Ентеровирусите и еховирусите може да предизвикаат широк спектар на симптоми, од многу благи до многу сериозни. Децата може да имаат висока температура, болки во грлото, повраќање, дијареа, главоболка, осип и/или коњуктивитис (црвенило на очите). Овие вируси може да предизвикаат менингитис ( обрнете внимание при јака  главоболка и вкочанет врат) и миокардитис(инфекција на срцевиот мускул).

Аденовирусот  е уште еден од летните вируси кои се манифестираат со висока температура, болки во грлото, конјунктивитис и симптоми на горните респираторни патишта. Овој вирус може да наликува на стрептококна инфекција на грлото, за што е добро да се направат брисеви од грлото, за соодветно да се лекува.

За да се спречи ширењето на овие и други вируси, треба редовно да се мијат рацете, особено по менување на пелена или по користење на тоалетот. Деца со температура или други знаци на болест треба да се изолираат од останатите здрави деца на неколку дена, додека се инфективни. За среќа, повеќето деца се опоравуваат многу брзо.

Труење со храна

Никој не сака, ниту помислува дека можеби ќе се затруе со храна за време на пикник, прошетка или прослава. За жал, труењето со храна е доста често, особено во летниот период, а ги погодува најмногу децата бидејќи тие се почувствителни на дехидрација. Типот на  бактерии  кои најчесто предизвикуваат  труење со храна се: Staphyloccoc;  E.coli, Salmonella и Shigella. Симптомите се слични на типичен “стомачен вирус” – треска, повраќање, дијареа и абдоминална болка. Јавете се на педијатар  доколку Вашето дете има знаци на дехидратација, крвава дијареа или многубројни течни столици. Превенцијата е клучна кога зборуваме за труење со храна, затоа следете ги соодветните процедури за подготовка на храна, готвење и складирање, особено во овие жешки летни денови.

Дехидратација

Дехидрација е најчестиот здравствен проблем кај децата во летниот период, главно бидејќи тие се толку зафатени во детските игри што едноставно заборавааат да пијат течности. Иако изгледа како тие да пијат повеќе течности од вообичаеното, веројатно е помалку од она што на нивните тела им е потребно во топлото време. Ризикот се зголемува доколку тие редовно играат на отворено кога и повеќе се потат. Знаци на дехидрација вклучуваат: жед, замор, сува кожа, сув јазик и многу малку мокрење. Во такви ситуации треба да се даде вода или орална рехидратација за надоместок на изгубените минерали и течности.

Сончаница и изгореници од сонце

Многу луѓе сакаат да се сончаат за да добијат убав темен тен, но при тоа многу лесно и да добијат сончаница и изгореници од сонцето. Ако изгорениците се посериозни се појавуваат пликови и црвенило. За да се спречи ова, треба да не се изожуваат на сонце во периодот од 11:00 до 17 часот попладне, кога сончевите зраци се на најјаки и најштетни. Се препорачува да се носат капи за заштита од сонцето, како  и да се користат креми со висок фактор за заштита при сончање. Сончаницата може да биде и животно-загрозувачка состојба, па затоа треба да се побара лекарска помош.

Алергии

Секоја сезона се карактеризира со посебна група на алергени кои предизвикуваат алегии. Најчестите алергии се слични на поленска треска при што предизвикуваат кивање, чешање на  носот и други иритации. Децата се претежно дома, не одат на училиште, често си играат надвор со што се зголемува нивната изложеност на алергени. Исто така, патувањата и одморот во земји со повисоки концентрации на полен, може да ги влоши симптомите. При патување земете антихистаминици и обидете се да го минимизирате контактот со алергени на коишто е преосетливо Вашето дете.

Убоди од инсекти

Многу инсекти сакаат топла и влажна клима, така што летото е идеално време за нив! Децата почесто играат на отворено во текот на летото, па следствено и фреквенцијата на каснувања од инсекти, исто така, се зголемува. Најчести убоди од инсекти во летниот период се од комарци, крлежи, пчели и оси. Иако не многу сериозни, секое каснување може да предизвика и сериозна алергиска реакција, во кој случај е потребна итна медицинска помош. За да се заштитите од убоди од инсекти користете заштитни средства, хипоалергени, кои се наменети за деца.

Воспаление на ушите и инфекција на очите

Лето значи дека децата одат на пливање и ова е совршено време за посета на базени. Поминување на премногу време во базенот, особено нуркање е лошо бидејќи се зголемуваат шансите за собирање вода во надворешното уво кое може да  доведе до бактериска инфекција. Ова е прилично болно и вообичаено започнува со чешање, а потоа и со послабо слушање од едната страна. При ваква состојба треба да се посети лекар кој може да Ви препише капки или други лекарства. Инфекцијата на ушите може да се избегне ако при пливање се користи капа, со која се покриваат ушите. Очите исто така може да се зацрвенат, да се инфицираат од базените, од хлорот, песокот на плажата. При појава на црвенило, препорачуваме посета на лекар. Очите може да ги заштитите доколку користите наочари пли пливање.

Дијареа

Во летниот период вообичаено се појавуваат и дијареите, стомачните вируси кои може да не се толку сериозни за постарите деца, но се  опасни по живот за малите бебиња. Треба многу да се внимава на хигиената на рацете, како и на миење на овошјето и зеленчукот со чиста вода. Доколку одите на одмор се препорачува да се пие флаширана вода, затоа што така се намалува веројатноста за инфекции со нечиста вода. Во случај на промена на конзистенцијата на столицата, дадете му на Вашето дете пробиотик, течности од електролитен тип и адсорбентска храна како што е компир, ориз, банана. При појава на профузна дијареа јавете се на лекар!!