Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

25.07.2016

Проширени ( варикозни) вени


За варикозна проширена вена зборуваме кога вената е зголемена и има јазлести проширувања. Секоја вена моше да биде варикозна, но најчесто се зафатени површинските вени на нозете во кои притисокот е висок кога човекот стои. Варикозните вени се поголеми од т.н пајаковидни вени (телеангиектазии) и вообичаено имаат дијаметар поголем од 3 мм.
Проширените вени почесто се јавуваат кај жените и се поврзани со наследност во фамилијата. Други поврзувачки фактори се : бременост, прекумерна телесна тежина, пролонгирано стоење, стареење, менопауза, повреда на ногата или некој процес на кој ја отежнува циркулацијата во абдоминалната празнина. Поретко вените се прошируваат како резултат на тромб во длабоката вена и венски или артериовенски дефекти. Вообичаено проширените вени не предизвикуваат болка. По боја се темновиолетови или сини, испакнати и се протегаат по ногата како јаже. Кога ке се појават симптоми тие вклучуваат: болка и чувство на тежина во ногата , топлина, пулсирање, мускулни грчеви и отоци на нозете. Болката и отоците се појавуваат после подолго седење или стоење. Можно е да се јави и црвенило, сушење и јадеж на кожата околу вените не нозете, потоа појава на кафено пребојување на вените , како и појава на пајаковидни вени. Мали повреди во близина на проширената вена крварат повеќе од вообичаеното и тешко заздравуваат особено кај повозрасни луѓе.
Посериозни компликации на варикозните вени се појава на кожни рани ( венски улцери) вообичаено блиску до зглобот кои миногу течко заздравуваат, како и појава на згрутчување на крвта и воспаление на зафатената вена (суперфицијален тромбофлебит)

Тромбофлебитот вообичаено се локализира на површинската вена но можно е да се прошири и на длабоката вена и да стане сериозен клинички проблем. Дијагнозата на проширените вени се поставува со физикален преглед, кој е потполно безболен со цел да се види функционалната способност на венските клапи како и евентуално постоење на тромботична маса во зафатената вена.
Терапијата вклучува , хигиенско-дијететски режим, што значи редовно вежбање, избегнување на тесна облека, подигнување на нозете, избегнување на долго стоење или седење. Друг битен елемент во кој пациентот моше сам да си помогне се компресивните чорапи. Тие се носат цел ден и стегајќи ги нозете им помагаат на вените и на мускулите поефикасно да ја испумпаат крвта. Против воспалителните лекови како што е аспиринот може да се земат во случај на површен тромбофлебит во комбинација со компресивни чорапи и локален третман. Кај потежок облик на површен тромбофлебит треба да се земе во предвид и употребата на орална антикоагулантна терапија (acenokumarol, warfarin)
Ако пацинетот не реагира добро на хигиено-диететскиот режим или ако состојбата се влошува . потребна е консултација со лекар за евентуална примена на една од следните терапевтски методи:склеротерапија, ласер терапија, едно венска аблација или vein stripping ( хируршка процедура која опфаќа отстранување на долга вена преку мали засеци на ногата.

Пишува: Д-р Елена Амбаркова-Виларова -трансфузиолог