Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

02.08.2012

Работилница за волонтери за ресоцијализација на деца со ВСМ

Работилница за волонтери за ресоцијализација на деца со ВСМ

Со цел поблиско запознавање и подобро разбирање на потребите на децата со вродени срцеви маани (ВСМ), тимот од доктори и психолози од Специјалната болница Филип Втори одржа две подготвителни работилници со волонтерите од Црвениот крст. Работилниците за волонтерите беа одржани пред летниот камп во Струга.Со подготвителните работилници, волонтерите на Црвен крст добија предзнаења за пациентите со кои ќе работат, насоки за активности со децата за во текот на летниот камп да бидат активни во социјализација, дружење и анимација на децата.

Првата подготвителна работилница се одржа на 22 јуни во просториите на Црвениот крст. Со оваа работилница беа опфатени повеќе аспекти кои се неопходни за непречено спроведување на активностите на кампот: • брифинг и споделувања искуства од минатогодишниот камп, • детекција на позитивните аспекти од минатогодишниот камп и аспектите кои оваа година е потребно да се подобрат, • разработка и презентација на новини, идеи, активностите кои ќе бидат спроведени во рамки на работната агенда на летниот камп, • распределба на активности и одговорности на секој член од тимот волонтери.Акцент беше ставен на појаснување и дефинирање на улогата на секој волонтер во однос на децата со ВСМ: поддршка на психосоцијалниот развој и поттикнување на здравите креативни потенцијали кај децата.

Втората работилница, на 25 јуни беше спроведена како посета на Специјалната болница „Филип Втори“ во функција на нивно запознавање со проблематиката на ВСМ. Волонтерите од Црвениот крст на град Скопје имаа можност одблизу да се запознаат со работата на болницата и да го доживеат амбиентот во кој се изведуваат интервенциите на децата со вродени срцеви маани. Д-р. Иван Милев – интервентен кардиолог, имаше интерактивно излагање за природата и спецификите на вродените срцеви маани со цел да им ја приближи оваа тема на волонтерите кои имаа можност да поставуваат прашања за се она што ги интересира а е поврзано со вродените срцеви маани. На овој начин успеавме теоретски да ги подготвиме и едуцираме волонтерите за природата на ВСМ. Исто така, искуствено да им приближиме мал дел од она низ кое децата со вродени срцеви маани и нивните родители поминуваат во текот на третманот.

На овој начин, волонтерите на Црвениот крст можеа темелно и сериозно да ја сфатат природата на ВСМ како дијагноза, да развијат емпатија базирана на искуство запознавајќи го нашиот болнички амбиент и да бидат добро обучени и подготвени за потребите на децата со кои ќе бидат во контакт на кампот.

Сите постапки и чекори на волонтерите беа следени од психолог, кој ја координираше и супервизираше нивната работа.

По овие две подготвителни работилници, ни престои уште една работилница која ќе се оддржи во текот на наредната недела а ќе биде наменета за родителите на децата учесници на кампот. Целта на оваа работилница ќе биде запознавање со агендата на кампот и дискутирање околу очекувањата на родителите, како и што е она што им претставува грижа. На овој начин, целиот тим кој ќе работи на летниот камп ќе може да ужива во непреченото спроведување на активностите кои одат во насока на ресоцијализација, поддршка, како и многу дружење и забава. Како дел од тимот за реализација очекуваме успешно спроведен камп на задоволство на сите учесници.