Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

16.06.2014

Регионална анестезија (спинална и епидурална)

Регионална анестезија (спинална и епидурална)

Регионалната анестезија претставува временски ограничена состојба на реверзибилно прекинување на чувството на болка, заради примена на разни физичко-хемиски средства во близината на едно нервно подрачје или нервни плексуси. Исто така, попозната е како локална анестезија. Локалните анестетици аплицирани локално предизвикуваат блок во спроведувањето на нервните импулси низ нервите во нервниот систем. Спиналната и епидуралната анестезија се најчесто користени техники во хирургијата и во третманот на хроничните болки. Спиналната и епидуралната анестезија предизвикуваат длабока аналгезија и мускулна релаксација.Спиналната анестезија е централен блок кој настанува при директното дејство на локалниот анестетик внесен по пат на лумбална пункција врз спиналните нерви.

Најчесто користен локален анестетик е бупивакаинот. Анестетикот директно се инјектира во субарахноидалниот простор, при што предизвикува реверзибилен симпатички блок (вазодилатација на крвните садови), моторен блок (парализа на долните екстремитети) и сензитивен блок (неосетливост на болка). За изведување на спиналната пункција, пациентот се поставува во седечка или лежечка позиција со испакнување на ‘рбетниот столб (кифоза) кон анестезиологот. Оваа позиција овозможува максимално отворање на интервертебралните простори. Пункцијата се врши со спинални игли кои се најчесто со дебелина од 23-26 G (Gauge, единица за изразување на дебелината на иглите). Техниката бара строго придржување кон правилата на стерилно работење. Висината на блокот зависи од ширењето на анестетикот во церебро-спиналниот простор. Времетраењето на блокот може да се продолжи со додавање на вазоконстриктори. Времето на фиксација е од 5 до 15 минути.Епидуралната анестезија претставува внесување на локален анестетик во епидуралното пространство. Наоѓа широка примена во хирургијата и третманот на болка. За разлика од спиналната анестезија, каде што се добива целосен блок (моторен и сензитивен), епидуралната анестезија предизвикува само сензитивен блок, односно се добива само неосетливост на болка, а моторните неврони се интактни т.е. пациентот може да се движи. Епидуралната анестезија, исто така, бара строго придржување кон правилата на стерилно работење. Позицијата за изведување е иста како и кај спиналната анестезија. Иглите се подебели и врвот им е закосен нагоре. Најприфатена техника за идентификација на епидуралниот простор е техниката на загуба на резистенција при влегување во епидуралниот простор. Друга техника е таканаречената техника на “висечка капка” т.е. кога ќе се навлезе во епидуралниот простор се вшмукува капката заради негативниот притисок. Пред да се даде целосната доза, се прима прво тест доза за да се потврди дека се работи за епидурален простор.

Се аплицира 3-4 ml од анестетикот. Доколку по грешка катетерот се наоѓа во субарахноидалниот простор ќе настане потполн блок (и моторен и сензитивен). Најчесто се користи бупивакаинот, но може да се комбинира и со опоид (фентанил или морфиум), во зависност од тоа каква интервенција се извршува.