Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

29.01.2024

Ринопластика – патот до совршен нос

Ринопластика претставува медицински термин кој ја опишува хируршката процедура за естетска или реконструктивна операција на носот, вклучувајќи реконструкција и менување на обликот на коските и рскавиците на носот и носната пирамида. Целта е овој важен орган да се подобри визуелно и функционално. Најчеста причина за изведување на ринопластика е незадоволство на пациентот од формата и изгледот на носот.

Понекогаш се работи за изгледот на врвот на носот или пак целиот нос, односно поради постоење на голема носна пирамида или таканаречен проминентен нос. Покрај естетскиот изглед на носот, една од причините за оперативен третман на носот е неможноста за нормално дишење кое најчесто се јавува поради постоење на девијација на носниот септум (кривост на носната преграда). Тогаш докторот за оториноларингологија (ОРЛ) може да препорача оперативна корекција на девијацијата на септумот односно септопластика. Во случај да пациентот има желба за естетска корекција на носот и функционална корекција на септумот со цел полесно дишење, двата оперативни зафати може да се направат во еден оперативен акт и тогаш ваквата операцијата се нарекува септоринопластика. 

Ринопластиката како хируршка процедура се применува веќе три века. Почетоците на современата ринопластика датираат од XVIII век. Период кога германскиот хирург Jacques Joseph ја применил техниката за ринопластика која вклучува правење на рез од внатрешната страна на носот. Овој пристап се практикува се до денеска. Ринопластиката доживува бум во XIX век, особено со развојот на анестезијата, оваа процедура станува повеќе популарна. Денес, оваа хируршка процедура се смета за втора најчеста естетска операција на светско ниво. Развојот на ринопластиката доведува до развој на нови техники како и нови технолошки иновации, што овозможува поголема безбедност за пациентот како и подобар постоперативен ефект. 

Кои се потребните чекори пред да се планира операција?

Најпрво потребен е преглед од страна на пластичен хирург како и од страна на ОРЛ хирург. Во текот на прегледот се проценуваат естетските недостатоци на пациентот, неговите желби, но се проценува и функционалноста во однос на назалното дишење, по што се креира план за оперативен третман, односно дали е потребна ринопластика или пак септоринопластика.

Предоперативно, потребно е да се направат соодветни анализи и подготовка на пациентот. Една од најважните е секако микробиолошката анализа, односно брис од носот. Неопходно е за да се планира и пристапи кон операција, да биде исклучено присуство на било какви бактерии во носот. Доколку микробиолошката анализа покажува присуство на бактерии во носот, тогаш потребен е антибиотски третман и одложување на операција, додека не се добие чист микробиолошки наод. Како и за секоја друга операција, пациентот потребно е да биде здрав, да нема присутни инфекции и воспалителни процеси не само во околината на носот туку на целото тело. Останатата подготовка за операција вклучува општа подготовка на пациентот. Тоа значи задолжителен анестезиолошки преглед, предоперативен интернистички преглед и лабараториски крвни анализи. 

Оперативен третман

Оперативниот третман се поставува во тек на предоперативниот преглед. Во зависност од потребата и желбата на пациентот, оперативниот третман вклучува естетска корекција на носот, функционална корекција на носниот септум или пак комбинација од двете.

Кога е во прашање естетската корекција на носот, истата може да биде поделена на корекција на врвот на носот или пак корекција на целата носна пирамида. Најчесто се прави корекција на целата носна пирамида со корекција на носната грпка, стеснување во предел на коренот на носот и ремоделирање на носните рскавици со цел стеснување и подигнување на врвот на носот – ринопластика.

Во зависност од дебелината на кожата на носот како и во зависност од поставените цели за оперативниот третман, ринопластиката може да биде од отворен и од затворен тип. Кога пациентот има и девијација на носниот септум – кога истиот е крив кон едната страна од носот, во тој случај се прави корекција на самата девијација. Овој оперативен третман може да се направи како засебна операција, кога пациентот сака само оперативен третман од функционален аспект, но може да се направи и како комбинација на функционалниот и естетскиот недостаток, таканаречена септоринопластика.

Постоперативна нега

Во постоперативниот период, пациентот првите 5 дена има тампони во носните ходници. Овие тампони потребно е да стојат 5 дена, што е и најтешкиот период за самите пациенти, бидејќи во овој период пациентот мора да дише преку уста. Петтиот ден по операцијата, се извлекуваат тампоните при што пациентот повторно ќе може да дише на нос, во тој момент се воочува и ефектот од оперативниот третман на носниот септум.

Покрај тампоните, пациентот има преврска на носот која вклучува и гипсена лонгета. Лонгетата e од голема корист по ринопластиката и истата мора да стои 10 дена. По десттиот ден се отстранува и тогаш пациентот може да го води првичниот резултат по направената ринопластика. Пред операцијата, секој пациент потребно е да знае дека оток и хематом околу очите е нормална појава по направената ринопластика и истите се од минлив карактер. Хематомите се повлекуваат во период од 10 до 15 дена по операцијата, но отокот на носот се повлекува во период од 6 месеци.

Пациентот потребно е да избегнува удари во предлот на носот. Исто така потребно е да избегнува кивање или било каков притисок врз носот во првите месец дена, по можност и подолг период. Во првиот месец потребно е да се избегне спиење на страна, особено да се избегнува спиење на стомак. Важно е да се напомене дека пациентот по естетската операција на носот, визуелниот ефект од направената естетска операција може да го увиди веднаш по отстранувањето на гипсената лонгета и преврската, но исто така важно е да се напомене дека овој визуелен ефект не е краен. Отокот по операцијата се намалува во првите 10 до 15 дена, но не целосно. Целосното повлекување на отокот се случува во период од 3 до 6 месеци, што значи дека целосниот визуелен ефект пациентот ќе го воочи неколку месеци по самата операција.

Едно од најчестите прашања по оперативниот третман на носот во однос на ринопластика или септоринопластика, е дали по операцијата пациентот има болки?

По операцијата пациентот поради присуството на тампоните во носот има неможност за дишење преку носот, што претставува најголема тегоба по операцијата, но болка речиси да нема.