Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

16.11.2021

Што е сколиоза и како може да се корегира?

Сигурно барем еднаш во животот сте го слушнале терминот сколиоза и веројатно ве потсетува на деновите кога како деца/тинејџери сте оделе на систематски преглед. Но, да се потсетиме. Сколиозата претставува искривување на ‘рбетниот столб. Здрав ‘рбет гледан од напред или одзади е прав. При појава на сколиоза се забележува странично искривување на ‘рбетот на десно или на лево.
Освен визуелно т.е со голо око, конечната дијагноза се поставува со помош на направена РТГ снимка во консултација со лекар ортопед или физијатар.
Тој ќе го измери искривувањето на ‘рбетот во степени, како да е агол, познат како „аголот на Коб“.
За искривување – сколиоза се сметаат сите отстапувања кои се поголеми од 10 степени.

Какви видови на сколиоза постојат?

Адолесцентна идиопатска сколиоза:
Сколиозата може да се појави на која било возраст, но најчестиот тип, адолесцентната идиопатска сколиоза, се појавува по 10 годишна возраст, на тинејџерска возраст. Причините можат да бидат најразлични, но во најголем број случаи е од неправилно седење или држење на телото во нездрава позиција.

Детска сколиоза:
Инфантилната сколиоза се јавува кај деца под 3 годишна возраст. Таа може да биде резултат на пршлени со абнормална форма која е вродена, разни синдроми, невролошки нарушувања или непознати причини (идиопатска).
Јувенилната сколиоза е поредог вид и се јавува кај деца помеѓу 3 и 10 години.

Која е причината?

Во повеќето случаи на сколиоза, точната причина (идиопатска) не е позната. Сепак, сколиозата може да се појави кај луѓе во исто семејство. Кога тоа ќе се случи, веројатно постои генетска компонента како причина.

Кои се знаците и симптомите на сколиозата?

Сколиозата понекогаш е лесно да се забележи, бидејќи искривувањето на ‘рбетот може да предизвика телото на една индивидуа да се навали на десно или на лево. Кај некои деца со сколиоза едното рамо е повисоко од другото и едната плешка (рамената лопатка) е испакната повеќе од другата.

Како се дијагностицира сколиозата?

Прво, лекарот зема детална медицинска историја, вклучувајќи прашања за неодамнешниот раст на детето. Дополнително, може да се направи рендген, кој ќе ја потврди дијагнозата и ќе ја открие сериозноста на искривувањето на ‘рбетот.

Вашиот лекар ќе ве прегледа и може да ве упати кај ортопедски хирург кој е експерт за лекување на коски и мускули.

Рангирање на степенот на искривување

  • Искривувањето се смета дека е мало кога е под 20 степени.
  • Искривувањето е умерено кога е помеѓу 25 и 40 степени.
  • Искривувањето е сериозно кога надминува 50 степени. Овој тип на искривување може да ги оштети белите дробови. Затоа ортопедските хирурзи и трауматолози често преземаат хируршки мерки пред ова да се случи, така што искривувањето не ја достигнува оваа последна точка.

Како се лекува сколиозата?

На повеќето деца со блага сколиоза не им е потребен третман, се препорачуваат корективни вежби и редовни прегледи за да се уверат дека деформацијата не прогресира.
Кога лекарот смета дека кривата од умерена преминува во тешка и дека може да се влоши или да предизвика проблеми, се препорачува употреба на ортопедски корсет додека детето не престане да расте.
Корсетот не се користи за корекција на претходно постоечка крива, но може да спречи таа крива да се влоши.
Децата со тешка сколиоза најверојатно ќе мора да бидат подложени на операција.

Доколку мислите дека вашето дете може да има сколиоза, закажете консултација со лекар ортопед за навремено откривање и третирање.