ТАВ Македонија и Жан Митрев Клиник со решение за новите рестрикции за патување: Брзи антиген тестови на Меѓународниот Аеродром Скопје - Zan Mitrev Clinic

Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

27.01.2021

ТАВ Македонија и Жан Митрев Клиник со решение за новите рестрикции за патување: Брзи антиген тестови на Меѓународниот Аеродром Скопје


Со цел да одговори на најновите рестрикции за патување воведени поради КОВИД-19 од страна на земјите од ЕУ/Шенген зоната, ТАВ Македонија, заедно со генетската лабораторијата при Жан Митрев Клиник креираа решение за правење брзи антиген тестови непосредно пред заминувањето на патникот.

Почнувајќи од неделата, 24-ти јануари, амбулантно возило за тестирање на клиничката болница Жан Митрев е распоредeно пред терминалната зграда на Меѓународниот Аеродром Скопје, во близина на единствениот отворен влез за патници „Departures C“, каде што патниците можат да го извршат потребниот брз антиген тест и да го добијат резултатот за 15 до 20 минути од земањето примерок.

Медицинското возило за тестирање на „Жан Митрев” Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина и Центарот за истражување применета микробиологија и биотехнологија, ќе биде присутно на Меѓународниот Аеродром Скопје секој ден кога има летови до државите кои бараат брз антиген тест, четири часа пред времето на полетување до секоја од дестинациите.

Целта е да се обезбеди опција на патниците кои заминуваат кон дестинациите во  Холандија, Германија и Велика Британија, со цел тие да имаат доволно време да извршат брз антиген тест, пред да влезат во зградата на аеродромот и да почнат со аеродромските процедури, ако тестот веќе не го направиле пред нивното пристигнување на аеродромот.

За повеќе детали во врска со самиот тест, ги замолуваме патниците да ја контактираат лабораторијата „Жан Митрев“ на 02/3091484  https://zmc.mk/services/personalizirana-genetika-sekvecionira-e-na-genom-ili-egzom/. Додека за детални  информации во врска со тестовите коишто ги прифаќаат земјите од ЕУ/Шенген, апелираме до патниците задолжително да ја контактираат својата авиокомпанија и Амбасадата на земјата на нивното пристигнување.

Доколку патниците одлучат да направат брз антиген тест на Меѓународниот Аеродром Скопје, со цел да не се создава метеж пред аеродромската зграда, апелираме да пристигнат на Аеродром најмалку 4 часа пред времето на полетување.

Како што претходно објавивме, Холандија бара задолжителен негативен брз антиген тест не постар од 4 часа пред качување во авион, како дополнување на нивното барање за задолжителен негативен PCR-тест.

Германија бара негативен брз антиген тест одобрен од СЗО не постар од 48 часа, но исто така прифаќа PCR, LAMP или TMA тестови.

Велика Британија бара негативен антиген тест не постар од 72 часа, но исто така прифаќа PCR или LAMP тестови.

Во моментов, само брзите антиген тестови одобрени од СЗО може да се направат на Меѓународниот Аеродром Скопје преку услугите на Жан Митрев Клиник. За сите други КОВИД-19 тестови, апелираме до патниците да ги направат во авторизирана болница/лабораторија пред нивното пристигнување на аеродромот.

Со оглед на тоа што ЕУ/Шенген земјите постојано ги менуваат правилата за патување поврзани со КОВИД-19 и секоја земја самостојно прави промени во однос на рестрикциите за граѓаните на Република Северна Македонија, апелираме до патниците пред да тргнат на нивното патување, задолжително да ги проверат последните барања со нивната авиокомпанија и со Амбасадата на земјата во која што планираат да пристигнат.