Закажете преглед

Закажи преглед

Почитувани,

Користејќи ги дигиталните информациски и комуникациски технологии, Zan Mitrev Clinic обезбеди електронски пристап до здравствените услуги кога не е потребна или можна Ваша лична посета.

Воведуваме online консултација, советување со лекар специјалист од одредена област во траење од 10 минути која е овозможена преку видео комуникација.

За време на видео разговорот, лекарот може да ве советува за терапијата, да предлага стратегии за домашна нега или да препорача дополнителни медицински испитувања.

Закажете online консултација преку нашата интернет страница www.zmc.mk или на следниот линк zmc.tiktak.mk

Со почит,

Zan Mitrev Clinic

389 2 3091500

24.04.2020

Висок крвен притисок или артериска хипертензија

Висок крвен притисок претставува зголемен притисок врз ѕидот на артериските крвни садови. Тоа е најчестиот ризик фактор кој води до кардиоваскуларни случувања: инфаркт на срцето, мозочен удар, срцева слабост, атријална фибрилација, нагла смрт, периферна артериска болест, како и хронична бубрежна слабост, когнитивни нарушувања и деменција. Артериската хипертензија претставува водечка причина за прерана смртност во светот.

Кои се причини за артериска хипертензија?

Причините за артериска хипертензија може да бидат есенцијални или секундарни. Есенцијална артериска хипертензија се јавува поради генетска предиспозиција, психички стрес, физичка неактивност, дебелина, консумирање солена храна, консумирање многу алкохол.

Секундарна причина за развој на артериска хипертензија се јавува поради проблеми со бубрезите или надбубрежните жлезди, штитната жлезда или хипофизата.

Кои се симптомите на артериската хипертензија?

Артериската хипертензија претставува „тивок убиец“ бидејќи врши притисок на артериите на сите органи и може да доведе до оштетување на органите. При тоа не мора да предизвика никакви симптоми.

Доколку се јават симптоми, тоа се: главоболка, особено на тилот, замор, крварење во коњуктивата на окото, крварење од носот, заматен вид.

Мерење на крвен притисок

Кога мериме крвен притисок, мериме две вредности, систолен притисок (т.н. горниот крвен притисок) и дијастолен притисок (т.н. долниот крвен притисок). Крвниот притисок може да се мери во домашни услови или од страна на стручно лице во амбуланта. Во домашни услови крвниот притисок можете да го мерите со дигитални апарати.  

Класификација на крвниот притисок

Крвниот притисок се класифицира како оптимален, нормален, висок нормален, артериска хипертензија степен 1-3 (табела бр. 1).

Ова е важно бидејќи ризикот од кардиоваскуларни заболувања зависи од тежината на артериската хипертензија и присуството или отсуството на органи оштетени од артериската хипертензија.

Третман на артериската хипертензија

Цел во лекувањето на крвниот притисок е пред се тој да биде под 140/90 ммХг. Кај пациенти под 65 годишна возраст, кои се на редовна антихипертензивна терапија, се препорачува систолниот крвен притисок да биде помеѓу 120 и 130 mmHg.

Додека, кај пациенти ≥ 65 годишна возраст, целна вредност на крвниот притисок е 130-140ммХг, независно од ризикот за кардиоваскуларни случувања и независно дали има или нема пропратни кардиоваскуларни заболувања.

Лекувањето на високиот крвен притисок се врши со:

  1. Промена на животниот стил и
  2. Медикаменти

Лекувањето на високиот крвен притисок бара индивидуален пристап и соработка помеѓу лекарот и пациентот. Првата работа која пациентот треба да ја направи е промената на животниот стил.

Промена на животниот стил е потребно  да се направи веќе во стадиум на висок нормален крвен притисок. Потребно е намален внес на сол во исхраната (< 5 гр сол дневно), намален внес на алкохол, зголемен внес на зеленчук, свежо овошје, риба, јатки, незаситени масни киселини (маслиново масло), ретка консумација на црвено месо, исхрана сиромашна со масти.

Намалување на телесната тежина е една од најнеопходните мерки за намалување на крвниот притисок.

Зголемување на физичката активност (најмалку 30 минути аеробни вежби од умерен степен 5-7 дена во неделата) исто така го намалуваат крвниот притисок.

Престанок на пушење го намалува ризикот од развој на сите кардиоваскуларни заболувања.

Начинот на лекувањето на артериската хипертензија го одредува кардиолог. Пациентите со артериска хипертензија и коронарна болест, хронична бубрежна слабост, срцева слабост и атријална фибрилација имаат свои специфики во лекувањето.

Артериската хипертензија претставува секојдневна дијагноза во нашата работа како лекари. Нејзиното рано дијагностицирање и навремено лекување спречува развој на многу сериозни случувања на срцето и крвните садови.

Не дозволувајте артериската хипертензија да стане вашиот „тивок убиец“.

Табела бр. 1 Класификација на артериската хипертензија

Категорија Систолен (mmHg) и/или Дијастолен

(mmHg)

Оптимален < 120 и < 80
Нормален 120-129 и/или 80-84
Висок нормален 130-139 и/или 85-89
Артериска хипертензија степен 1 140-159 и/или 90-99
Артериска хипертензија степен 2 160-179 и/или 100-109
Артериска хипертензија степен 3 ≥ 180 и/или ≥ 110
Изолирана систолна хипертензија ≥ 140 и < 90

 

Со почит,

Д-р Милка Клинчева
Спец. по интерна медицина – Субспец. по кардиологија