Висок крвен притисок - Zan Mitrev Clinic

Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

20.11.2020

Висок крвен притисок

Доколку страдате од покачен крвен притисок, тоа значи дека вашиот крвен притисок ги надминува границите на нормалните вредности. Доколку не започнете да го менувате начинот на живот, со физичка активност и консумирање на здрава храна, голема е веројатноста со тек на време да развиете хипертензија-висок крвен притисок.

Покачениот крвен притисок и високиот крвен притисок го зголемуваат ризикот од срцев удар, мозочен удар и срцева слабост.  Додека пак намалувањето на прекумерната тежина, вежбањето и другите промени во насока на здрав начин на живот, честопати можат да го контролираат високиот крвен притисок и да постават темели за поздрав живот.

Симптоми

Покачениот крвен притисок не се манифестира со забележливи симптоми. Единствениот начин да се открие како состојба е да водите контролирана евиденција за вредностите на крвниот притисок. Проверете го крвниот притисок секогаш кога ќе го посетите лекар или проверете го дома со домашен мерач на крвен притисок.

Причини

Секој фактор што го зголемува притисокот кон ѕидовите на артериите може да доведе до висок крвен притисок. Акумулацијата на масни наслаги во артериите (атеросклероза) може да предизвика висок крвен притисок.

Покрај атеросклерозата, други состојби кои можат да предизвикаат покачување на крвен притисок или висок крвен притисок се:

  • Опструктивна апнеја
  • Бубрежна болест
  • Болест на надбубрежната жлезда
  • Болест на тироидната жлезда

Одредени лекови, вклучувајќи апчиња за контрацепција, лекови против настинка, деконгестиви, лекови против болки без рецепт и некои лекови на рецепт, исто така може да предизвикаат привремено покачување на крвниот притисок. Нелегалните супстанци, како што се кокаинот и амфетамините, можат да имаат ист ефект.

Фактори на ризик

Фактори на ризик за висок крвен притисок ги вклучуваат следните:

Прекумерна тежина

Колку е поголема вашата телесна маса, толку повеќе крв ви треба за снабдување на ткивата со кислород и хранливи материи. Како што се зголемува протокот на крв низ крвните садови, така се зголемува и притисокот што се врши врз sидовите на артериите.

Возраст

Кај младите возрасни лица поголема е веројатноста за покачен крвен притисок во споредба со постарите, бидејќи ризикот од хипертензија се зголемува како што стареете. Затоа, возрасните во одминати години веќе имаат развиено хипертензија од покачен крвен притисок кој го имале во младоста. Дури и децата можат да развијат покачен крвен притисок особено ако се со прекумерна тежина.

Пол

Високиот крвен притисок е почест кај мажите до 55 годишна возраст отколку кај жените. Жените имаат поголема веројатност да развијат висок крвен притисок по 55 година од животот.

Раса

Високиот крвен притисок е особено чест кај луѓето со африканско потекло и тој обично се манифестира на помлада возраст отколку кај белите луѓе.

Семејна историја на висок крвен притисок

Голема е веројатноста за генетско наследување на оваа состојба особено ако роднина од потесно семејство, како родител, брат или сестра, има висок крвен притисок.

Недостаток на физичка активност

Недостатокот на физичка активност може да го зголеми ризикот од висок крвен притисок и прекумерна тежина.

Исхрана богата со сол (натриум) или со ниска содржина на калиум

Натриумот и калиумот се две основни хранливи состојки за регулирање на крвниот притисок. Ако во исхраната имате премногу натриум или премалку калиум, голема е веројатноста да имате висок крвен притисок.

Пушењето

Пушењето или џвакањето на тутун како и пасивното пушење може да влијаат на зголемување на вашиот крвен притисок.

Прекумерното консумирање на алкохол

Употребата на алкохол исто така е тесно поврзана со зголемен крвен притисок, особено кај мажите.

Одредени хронични состојби.

Бубрежни заболувања, дијабетес и ноќната апнеа, меѓу другите, можат да го зголемат ризикот од висок крвен притисок.

Доколку покачениот крвен притисок и високиот крвен притисок се почести кај возрасните, децата исто така можат да бидат изложени на ризик. Кај некои деца, проблемите со бубрезите или срцето може да доведат до висок крвен притисок. Но, кај сè поголем број на деца, лошите животни навики, како што се нездрава исхрана, прекумерната тежина и недостатокот на физичка активност, придонесуваат за појава на покачен крвен притисок и висок крвен притисок.

Компликации

Високиот крвен притисок може да се влоши и да се претвори во хипертензија. Хипертензијата може да ги оштети вашите органи и да го зголеми ризикот за разни болести, вклучувајќи срцев удар, срцева слабост, хеморагичен мозочен удар, аневризми, и откажување на бубрезите.

Превенција

Препорачаните промени во стилот на живеење за лекување на висок крвен притисок помагаат и во спречување на хипертензија. Како што напоменавме погоре: консумирајте здрава храна, консумирајте помалку сол, редовно вежбајте, одржувајте здрава тежина, консумирајте помалку алкохол, контролирајте го стресот и откажете се од пушењето. Сето ова треба да се свати сериозно. Започнете да прифаќате поздрави навики уште денес.