Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

04.05.2021

Заштитете се од УВ зрачењето – сончевите зраци знаат да бидат и опасни!

Силното пролетно сонце не значи само добро расположение и најава за претстојното лето. Тоа значи дека треба да помислите и го подготвите вашето лице и тело за топлите денови кои доаѓаат, и секако да се заштитите од зрачењата кои ни ги испраќаат сончевите зраци.
Пред се, кога ќе се спомене зрачење од сонцето и заштита од него ова се однесува на кожата. Нашата кожа како бариера помеѓу нашето тело и надворешнната средина е прва која е под влијание кога се во прашање штетните сончеви зраци. Внимателност и заштита се задолжителни.

Што претставува УВ – зрачењето и кои се опасностите

Клетките од горниот слој на кожата меѓу другите функции кои ги имаат истовремено произведуваат и пигмент што се нарекува меланин. Токму тој пигмент и дава боја на нашата кожата, чија пак задача е да ги заштити клетките од апсорбирање на ултравиолетовото зрачење (УВ).

Кога ќе ја изложиме нашата кожа на УВ зрачење, производството на меланин се зголемува што резултира со менување на бојата на кожата т.е потемнување. Токму тој, меланинот, обезбедува ниво на заштита од сонцето еднаква на крема за сончање со заштитен фактор 2.

Многумина мислат дека тенот е позитивен знак кој говори за добро здравје, но, вистината е дека тенот е знак дека вашата кожа била изложена на премногу УВ зрачење по што настапило оштетување.

Сепак, треба да се знае дека УВ зрачењето не е поврзано само со летните високи температури, тоа може да продре и низ ретките облаци, така што изгореници од сонце може да се добијат и во студени, облачни денови. Доколку има високо УВ зрачење, изгореници од сонцето може да се појават за помалку од 15 минути. Кога ќе се случи тоа кожата поцрвенува за неколку часа од горењето. Сепак, оштетувањето не застанува тука, изгорениците од сонцето ќе продолжат да се развиваат во следните 1 до 3 дена по изложувањето на УВ зрачење. 

За сериозни изгореници од сонцето, кога имате појава на плускавци, треска, гадење, веднаш треба да се посети лекар. Во такви случаи препорачливо е да пиете многу течности бидејќи изгорениците од сонцето може да предизвикаат дехидратација. Сепак, избегнувајте ладни пијалаци коишто може да предизвикаат грозница.  Исто така може да помогне туширањето со млако – ладна, но не многу студена вода и да се ставаат ладни облоги. Се препорачува засолнување под сенка кога УВ нивоата се над 3. Тоа може да помогне за заштита на кожата од оштетување од сонцето. Сенката го намалува изложувањето на УВ зрачење и до 75 проценти. Исто така неизбежно е користење на други заштитни мерки, како на пример, облека, капи, очила за сонце и крема за сончање кои сите заедно ја зголемуваат заштитата.

Ризик и степен на УВ зрачење:

УВ 1, 2 – низок ризик

Можете да бидете изложени на сонце подолго од еден час без да добиете изгореници. Потребна е претпазливост за доенчиња и за луѓе со исклучително чувствителна кожа.

УВ 3, 4, 5 – умерен ризик

Во овој случај се препорачува да се носат очила за сонце, капа со широк обод и да се користат заштитни креми. Лицата со многу чувствителна кожа и малите деца во перидот од 12 до 16 часот треба да останат под сенка. Да се носи лесна облека со долги ракави, бидејќи можат да се добијат изгореници за само 20 минути изложеност на сонце.

УВ 6, 7 – висок ризик

Се препорачува престој под сенка во текот на денот, носење на очила за сонце, капа и задолжително користење на заштитни средства. Луѓе со чувствителна кожа и малите деца не треба да бидат изложени на сонце помеѓу 11 и 16 часот. Да се избегнува одење на плажа и прошетки, бидејќи многу лесно можат да се добијат изгореници.

УВ 8, 9, 10 – многу висок ризик

Се препорачува да се намали престојот на сонце помеѓу 11 и 16 часот. Мора да се носат очила за сонце, капи, облека со долги ракави и заштитни креми. Поединци со многу чувствителна кожа и децата можат да добијат изгореници за помалку од десет минути.

УВ 11 и повеќе – екстремна опасност

На сите им се препорачува, престој во затворени простории помеѓу 11 и 16 часот, како и користење на максимална заштита. Лица со чувствителна кожа и децата можат да добијат изгореници во помалку од пет минути.