Зашто магнетна резонанца на срце кај пациети со КОВИД-19? - Zan Mitrev Clinic

Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

12.03.2021

Зашто магнетна резонанца на срце кај пациети со КОВИД-19?

Од првичната појава на вирусот на SARS-CoV-2 во декември 2019 во Вухан, Кина до денес заразени се повеќе од 100 милиони луѓе околу во светот и има над 2 милиони смртни случаеви. Постои растечка загриженост за поврзаноста на инфекција со вирусот и кардиоваскуларните последици за што зборуваат и се побројните докази од литературата.
Пациентите со КОВИД-19 се под зголемен ризик за срцеви аритмии, акутен коронарен синдром, срцева слабост, миокардитис.
Миокардната повреда (повредата на срцевиот мускул) може да се манифестира во различни фази од болеста како и доцна по почеток на симптомите.
Механизмот на миокардната повреда кај КОВИД-19 вклучува бурен имун одговор или директна токсичност на вирусот врз миокардот (срцевиот мускул). Се хипотезира дека SARS-CoV-2 се врзува за ангиотензин-конвертирачки ензим -2 (ACE-2) рецептори на срцевите клетки (миоцити) и потоа се инкорпорира и реплицира резултирајќи со директна повреда на срцевото ткиво. Друг можен механизам вклучува активација на интерлеукини и интерферони посебно интерлеукин -6 и последователна цитокининска бура и микроциркулаторна ендотелна дисфункција поради системска инфламација (воспаление) и хипоксија. Хиперкоагулабилна состојба (состојба на зголемено згрутчување на крвта) креирана од вирусот може да доведе до тромбоза на коронарните артерии кое води до исхемија.

Срцевите компликации може да се дијагностицираат со различни дијагностички модалитети. Магнетна резонанца на срце (CMR) има уникатна можност да обезбеди морфолошка и функционална инфромација и карактеризација на ткиво и е препорачана од Американската Кардиолошка Асоцијација (American Heart Association) да се употребува во проценка на оштетување на срцевиот мускул. Императив е за здравстевните работници да бидат свесни за спектарот на наоди со магнетна резонанца на срце кај пациентите со КОВИД-19 за да обезбедат навремена дијагноза и соодветен третман. Нашите познавања за срцевите компликации поврзани со вирусот сеуште еволуираат, а литературата и доказите секојдневно се збогатуваат со нови сознанија.

Во јуни 2020 во студијата на Puntmann и соработниците објавена во JAMA се покажа дека повеќе од 70% од пациенти со скорешна инфекција со КОВИД-19 имаат срцево засегање утврдено со магнетна резонанца на срце. Повеќе од половина од овие пациенти биле со лесна клиничка слика. Неколку смртни случаеви на спортисти кои се вратиле на тренинзи по инфекција со Ковид 19 потикнаа употреба на магнетна резонаца на срце како рутински преглед кај млади атлети во Америка пред враќање на терен. Последните докази укажуваат зафатеност на срцето утврено со магнетна резонанца на срце и кај пациенти со негативен тропонин, уреден ехокардиографски наод со нормална ежекциона фракција (Chen и соработници, European Heart Journal, 2021).
Во Journal of Thoracic Imaging на почетокот на март 2021 излезе системска анализа на литературата (PubMed, Embase, Google Scholar, WHO ) на наоди на магнетна резонанца на срце кај 199 пациенти со КОВИД-19 инфекција.
Вкупно 34 студии во кои само 21% од наодите на магнетна резонанца на срце биле нормални. Миокардитис имало во 40% од наодите и тоа било најчест наод. Абнормалности на миокардот со параметриско мапирање биле детектирани во 73% од наодите (високи нативни Т1 вредности) и активна инфламација преку присуство на едем била најдена во 63% од наодите (високи Т2 вредности). Присуство на заместителна фиброза или трајна лузна на срцето била детектирана во 43% од случаевите со техниката на доцно боење со гадолиниум (LGE). Дефекти во перфузија кај 85%, зголемен екстрацелуларен волумен кај 52%, перикарден излив кај 24%, перикардна инфламација кај 22%.
Она што е загрижувачки е фактот дека во повеќето случаеви со вакви промени систолната функција проценета со ехокардиографија била нормална (нормална ежекциона фракција).
Кај деца најчесто промените биле во облик на васкулитис со пристен едем во миокардот, но без некроза.
Магнетната резонанца на срце е вредна и безбедна алатка која може да се употреби во проценката на преваленца, механизам и проширеност на миокардна повреда кај пациенти со КОВИД-19. Миокардитисот е најчеста дијагноза. Со оглед на тоа дека кардиоваскуларната инволвираност кај овие пациенти е асоцирана со полоша прогноза, раната детекција на овие промени е од апсолутна важност.

1. Galea N, Catapano F, Marchitelli L, et al. How to perform a cardio-thoracic magnetic resonance imaging in COVID-19: comprehensive assessment of heart, pulmonary arteries, and lung parenchyma . Eur Hear J – Cardiovasc Imaging. 2020:1-4. doi:10.1093/ehjci/jeaa335
2. Chen B, Shi N, Wu C, et al. Early cardiac involvement in patients with acute COVID-19 infection identified by multiparamet- ric cardiovascular magnetic resonance imaging. 2021:1-8. doi:10.1093/ehjci/jeab042
3. Ojha V, Verma M, Pandey NN, et al. Cardiac Magnetic Resonance Imaging in Coronavirus Disease 2019 (COVID-19): A Systematic Review of Cardiac Magnetic Resonance Imaging Findings in 199 Patients. J Thorac Imaging. 2020;36(2):73-83. doi:10.1097/RTI.0000000000000574
4. Puntmann VO, Carerj ML, Wieters I, et al. Outcomes of Cardiovascular Magnetic Resonance Imaging in Patients Recently Recovered from Coronavirus Disease 2019 (COVID-19). JAMA Cardiol. 2020;5(11):1265-1273. doi:10.1001/jamacardio.2020.3557
5. Kotecha T, Knight DS, Razvi Y, et al. OUP accepted manuscript. Eur Heart J. 2021:1-13. doi:10.1093/eurheartj/ehab075
6. Bansal M. Since January 2020 Elsevier has created a COVID-19 resource centre with free information in English and Mandarin on the novel coronavirus COVID- 19 . The COVID-19 resource centre is hosted on Elsevier Connect , the company ’ s public news and information website . Elsevier hereby grants permission to make all its COVID-19-related research that is available on the COVID-19 resource centre – including this research content – immediately available in PubMed Central and other publicly funded repositories , such as the WHO COVID database with rights for unrestricted research re-use and analyses in any form or by any means with acknowledgement of the original source . These permissions are granted for free by Elsevier for as long as the COVID-19 resource centre remains active . Diabetes & Metabolic Syndrome : Clinical Research & Reviews Cardiovascular disease and COVID-19. 2020;(January).
7. European Society of cardiology. ESC Guidance for the Diagnosis and Management of CV Disease during the COVID-19 Pandemic. Eur Heart J. 2020:1-115.
8. Kelle S, Bucciarelli-Ducci C, Judd RM, et al. Society for Cardiovascular Magnetic Resonance (SCMR) recommended CMR protocols for scanning patients with active or convalescent phase COVID-19 infection. J Cardiovasc Magn Reson. 2020;22(1):20-23. doi:10.1186/s12968-020-00656-6