Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

12.12.2017

Збогатување на нашите тимови со млади и квалитетни кадри

 

Третата генерација од средно медицински персонал веќе втор месец се на теоретска и практична едукација во Центарот за едукација – Zan Mitrev Clinic. Тие беа избрани на третиот конкурс и од првиот ден до сега, континуирано црпат знаења од искусните колеги, нивни ментори кои се долгогодишни вработени во Жан Митрев Клиник.

Групата од десетина студенти, денес, заедно со одговорната медицинска сестра на одделот за интензивна нега, Жанета Богоевска Митева – специјалист за интензивна нега и лекување, која сега е одговорна за организација на Центарот за едукација ги поминуваа предвидените активности за овој ден.

Кои се виталните параметри кои треба да се следат кај пациентите на интензивна нега, во која положба треба да биде поставен пациентот доколку има промени на кожа, комплетирање на документацијата, видови на терапија, беа некои од процедурите коишто беа опфатени и обработувани во денешното теоретско и практично предавање.

„Голема чест и задоволство е да се работи со помлади колеги – ентузијасти, кои со својот труд, ангажман и со своето внимание и посветеност, потврдуваат дека ја сакаат оваа професија и се подготвени да им помагаат на пациентите. Знаењето, теоретско и практично, кое го добиваат овде, е резултат на нашето многугодишното искуство како професионалци и ментори кое несебично им го пренесуваме. Теоретската подготвеност е многу значаен фактор за квалитетно, секојдневно работење со пациентите, а праксата само го потврдува веќе наученото. Ваквите програми се корисни не само за учесниците во школата туку и за нас вработените поради збогатување на нашите тимови со млади, позитивни и квалитетни кадри. Програмата во овие едукациски школи е надополнување на формалното образование кое ретко ги задоволува потребите од високо квалитетен персонал во специјализираните здравствени установи како што е Zan Mitrev Clinic“, објасни Богоевска-Митева.

Дека станува збор за ентузијасти и кадри кои се идентификуваат со Zan Mitrev Clinic може да се потврди од нивните одговори. „Се пријавивме на конкурсот за да се стекнеме со нови, специфични знаења и да учиме преку практични примери, но и после тоа, да бидеме дел од тимот на д-р Жан Митрев. Работиме континуирано на нашата едукација, црпиме од искуствата и знаењата кои нѝ ги пренесуваат менторите и очекуваме да бидеме дел од овој професионален, работен колектив. Условите за работа се одлични, посебни, какви што нема на друго место“, објаснија тие. Некои од нив имале претходно работно искуство, но велат дека ова е неспоредливо, врвно. Секој различно, некој од нив се гледа како дел од тимот на одделот за интензивна нега, некој во одделот за полуинтензивна нега, а дел пак би сакале да работат во Дијагностичкиот центар. Упорноста и желбата за нови знаења велат им е јака страна, а при тоа веруваат дека ќе останат да го унапредуваат своето знаење преку работата во Zan Mitrev Clinic.