Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

21.12.2015

„Животот е планинарење, качување и слегување. Успехот во животот не е само тоа што сте го постигнале, туку и тоа што сте ги инспирирале другите..“

Проф. д-р Ѓорѓе Ј. Зафироски е специјалист по ортопедска хирургија и трауматологија, професор емеритус на Медицинскиот факултет во Скопје и редовен професор на Медицинскиот факултет во Штип. Од  2010 вработен во Специјалната болница за хируршки болести  „ Филип Втори“  во Скопје. Неодамна наполни 70 есени, прелистувањето на страниците од неговиот  животот прочитајте ги во интервјуто кое следува.

Какви беа Вашите почетоци…

Ѓ.З   Се сеќавам на моите почетоци. Бев чувствително дете. Ги слушав родителите и  постарите од мене. Ме познаваа како истраен и работлив. Ветувањата  воглавно ги исполнував.

Често ми го поставуваа прашањето што сакам да бидам. На почетокот бев во дилема дали повеќе сакам да бидам поет или лекар. Пишувањето ми лежеше. Првата песна ми ја објавија во „ Другарче“ .

Тоа како да ми даде крилја , членував во литературното друштво и  настапував на литератутни читања по градовите низ Македонија.  Но чувствував страст и кон хуманитарните акции. Моите страсти кон хуманитарните напори можеа најдобро да се насочат преку медицинската наука. Дилемата околу поезијата и медицината беше решена. Ако се одлучам да бидам поет ќе бидам само поет.  Познати ми беа  многу лекари кои беа истовремено и добри поети, писатели. Ветив цврсто во себе и таа одлука им ја соопштив на родителите дека ќе студирам медицина. Деновите на моето детство беа тешки времиња. Хигиената, исхраната, условите на живеење, културната средина оддаваа слика на една голема сиромаштија. Тешко се преживуваше од  ден за ден. Земјата после Втората светска војна беше разурната. Животот никако да застане на своите нозе.

Се работеше по полињата од зори до мрак. Се радував кога ќе добијам некоја работа и ќе заработам некој денар… Косеа многу сериозни и смртоносни болести, туберкулоза, маларија, хепатитиси, ентереколитиси, тифус, интоксикации на секој чекор, грипови.

Сиромаштијата притискаше од сите страни. Безпарицата како да беше нормална појава. Немаше доволно храна, немаше чиста вода, не постоеја адекватни санитарни јазли, немаше водовод и канализација, немаше фрижидери, ниту електрична енергија , ни радија ни телевизори. Сето тоа допринесуваше за многу болести, за многу страдања. Еден лекар на 200.000 жители. Зарем е можно тоа.  Луѓето, пријателите, блиските умираа преку ноќ. Си ветив во себе дека ќе завршам медицински факултет. Добрите нешта да ги направиме подобри и нашата земја да ја направиме пристојно место за живеење.

Основното училиште го завршив во родното место Долна Бањица. Му благодарам на мојот учител  и на сите други учители кои  ми ги отворија  очите и ме воведоа  во светот на сознанијата. Гимназија завршив во Гостивар каде ја добив наградата за најдобар ученик на генерацијата и воедно напишав најдобар текст на темата „ Мојата идна професија“.

Какви беа Вашите студентски денови…

Ѓ.З  Студиите на медицинскиот факултет во Скопје ги започнав 1964/65 година. Разурнатото  Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 година широко ги отвори вратите за студентите од земјата и од странство. Како да сакаше да ги залечи раните кои се чувствуваа на секој чекор. Студиите беа тешки од  два аспекти. Најпрвин поради сериозноста и тежината на медицинскиот факултет, а потоа и поради сиромаштијата за да можам едвај да опстанам.  Во родниот крај се враќав еднаш месечно, а некогаш и на подолги временски периоди. Првата година на студии ја завршив успешно. Неколку тешки испити останаа зад мене и сето тоа ми зборуваше дека од таа страна ќе немам проблеми. Се случуваше да останувам над книгите и по дваесет часа на ден. На почетокот на втората година на студии се соочив со еден од најтешките и безмалку речено непремостливи периоди во мојот живот. Смртта на татко ми толку силно ме погоди што немав сили да ги продолжам студиите, а не само тоа татко ми беше единствен вработен од моето шесто члено семејство. Пред крајот на животот и велеше на мајка ми Ѓорѓи треба да го продолжи факултетот. Заветот на татко ми морав да го исполнам. Се повратив од изгубеноста и продолжив со студиите. Овој пат си ветив во себе дека ќе се посветам на проучување на малигните заболувања кои во тоа време немилосрдно и драматично  ги  косеа животите без разлика на возраст и пол.

Како апсолвент на Медицинскиот факултет бев на стручен престој на Карловиот Универзитет во Чешка кај надалеку познатиот виртуоз кардиоваскуларен хирург Хејкл. Таму научив  дека за да се постигне успех во животот треба многу да се работи, да се биде истраен и позитивен.

Кога одев да го полагам последниот испит по судска медицина од истоштеност едвај стигнав до Институтот. Но таму наидов на еден прекрасен педагог- врвен стручњак во својата област кој ми рече дека денешниов ден е празник за мене и за него и вратите на медицината и на животот ми се силно отворени : ”Ќе има и  проблеми но сигурен сум дека вие со успех  ќе ги решавате”.

Медицинскиот факултет во Скопје го завршив во 1969 година како прв од мојата генерација со висок просек.

Првите почетоци како лекар од општа пракса…

Ѓ.З  Првиот  ден по завршувањето на Медицинскиот факултет бев ставен на располагање на Медицинскиот Центар во Гостивар , каде што имаше голема потреба од лекари и бев примен на работа. Започнав во одделението за брза помош, но после работата ги посетував и другите одделенија, детското , хируршкото , оделението за внатрешни болести.

Се сеќавам  на првите драматични случаи во мојата пракса:  анафилактични шокови, каде што смртта можеше да настане за миг, а со брзата интервенција се спасуваа,трески и високи температури поради респираторни инфекции и можноста од компликации и конвулзии- грчеви, воспаленија на мозокот, туберкулозата која полека се лекуваше, тешките сообраќајни несреќи, струјните удари или удари од гром, повредите во земјоделието и индустриските повреди. Инфарктите и мозочните удари сето тоа беше секојдневие и неуморно деноноќие…

Далечната 1970 година владееше смртоносен грип со сериозни последици.  Зима, патиштата затворени.  Луѓето,  децата бараа помош. Беше потребно да се стигне насекаде и навреме за да не биде доцна.Пешачев по десетици километри во завеани села. Се случи и епидемија на морбили. Се уште немаше вакцина . Многу деца беа во опасност да ги изгубат животите. Драматичните настани не дозволуваа да се мисли на сопствениот живот, на  личната безбедност. Потребно  беше да се спасат што повеќе животи. Човек во таквите моменти заборава на умор, заборава на себе.

Како единствен лекар бев одговорен за околу 20.000 население во секое време на услуга на пациентите без разлика дали е ден, дали е ноќ, дали треба да се оди по планинските села, да се породува трудница или да се спасуваат патниците од некој превртен автобус или воз.

Наоѓав време и да бидам спортски лекар на најдобрата фудбалска екипа во Гостивар , која таа година го освои трофејот најдобар  аматерски фудбалски клуб на Југославија. Од тогаш силно го засакав спортот. Спортските повреди ми станаа предизвик.

Зимата помина, грипот и морбилите- детските сипаници стивнуваа, епидемијата од маларија се намалуваше, туберкулозата благодарејки на туберкулостатиците ја губеше уништувачката моќ.

Специјализација по ортопедска хирургија…

Ѓ.З  После отслужувањето на воениот рок бев примен во Здравствениот Дом во Скопје. Таму требаше да останам месец,  два, три , а после тоа излезе конкурс за прием на лекари на Ортопедската Клиника во Скопје. Конкурирав и во 1972 година бев примен на Клиниката. Но сеуште не стапнав на новото работно место во Македонија почна страшна епидемија на вариола вера – смртоносна заразна болест за која скоро и да не знаевме ништо. Заболените умираа со филмска брзина. Стануваше драматично. Бев вратен на работа во Здравствениот Дом во Скопје за да го вакцинирам населението од вариола вера. Низ главата ми прострујуваше можноста од заразување и губење на животот. Настани кои беа стварност за неколку лекари  но во ниеден момент не почувствував страв, дури и во случаите кога пациентите по вакцинацијата добиваа исип и симптоми слични на вариола вера на нив им требаше и медицинска и човечка помош.- Големата  сипаница е  една од најсмртоносните заразни заболувања. Вакцинацијата продолжуваше неуморно. После три месечна вакцинација на населението од загрозените подрачја епидемијата стивна и беше прогласена за завршена. Од следниот ден 1-ви Април 1972 година отпочна мојата специјализација по ортопедска хирургија и трауматологија. Се насетуваше права пролет. Ми одзвонуваа зборовите на професорот по судска медицина вратите на медицината ви се широко отворени  како и  вратите на животот. Но епидемијата можеше да се врати потајно се чуствуваше присуство на страв. Специјализацијата ја отпочнав по хируршките клиники во Скопје, но и во Ортопедската Болница на Бањица во Белград, на Трауматолошката  Болница и Ортопедската Клиника  во Загреб, Ортопедската Клиника во Љубљана и ортопедската Клиника во Виена. Тоа беа периоди на макотрпна работа и собирање на нови сознанија бидејќи ортопедијата стануваше модерна гранка во  која постојано се случуваа новини. Првото вградување на вештачки колк, разни реконструктивни оперативни зафати, лекување на бројни вродени заболувања и деформитети на локомоторен апарат. Се случуваше со денови да дежурам на Клиниките но целта ми беше јасна,  да  осознаам што повеќе новини и истите да ги применам во својата средина. Како да ги слушав зборовите на моите учители до успех се доаѓа со многу работа, со многу самоодрекувања , со упорност и истрајност.

1975 година станав асистент по ортопедија на Медицинаскиот факултет во Скопје.

Специјалист по ортопедска хирургија и трауматологија…

1976 година ја завршив специјализацијата по ортопедија и трауматологија.

1978 година добив државна стипендија за студиски  повеќемесечен престој во Кралевската   Универзитетска Болница во Копенхаген каде се стекнав со многу нови сознанија и го напишав првиот труд во Интернационалното списание- Акта Ортопедика Скандинавика.

Во тој период  ја посетив и Универзитетската Болница во Сокхолм-Шведска.

1978-1980 година ги завршив и магистерските студии по медицина и ја одбранив магистерската теза  Дијагноза и лекување на остеосаркомите- една од најмалигните болести во детството.

1984 година ја одбранив и Докторската дисертација на тема:  „Проценка на вредноста на моделот на малигните коскени тумори“.

Од 1984 година бев одреден за да ги водам , проучувам и лекувам болните со мускулоскелетни тумори.

Наставник по предметот ортопедска хирургија…

1985 година станав наставник по Ортопедија на Медицинскиот факултет во Скопје.

1985 година престојував во Меморијал Хоспитал Слоан Кетеринг Канцер Центар во Њу Јорк во врска со развоен  проект на Обединетите Нации за хируршка превенција на заболувањата на локомоторен апарат. Бев сведок на големи напредоци во лекувањето на малигните заболувања. Ако дотогаш малигните заболувања беа со скоро 100% смртност, сега тие се спасуваа во околу 70% што преставуваше драматичен напредок и верба дека овие  тешки болести наскоро  ќе бидат под контрола.

1986 година добив државна стипендија за повеќе месечен стручен престој во Хелсинки Финска од каде го донесов за прв пат во нашата земја биофиксот и бисфосфонатите во третманот на остеопорозата и коскените метастаза, како и многу други искуства.

1987 година престојував во Токио и Киото со сопствен труд за ресекција на туморите и реконструкции со специјални ендопротези во склоп на Светското  Друштво за мускулоскелетни тумори. Овој труд беше печатен во книга за мускулоскелетните тумори.

1995- 1997 година станав претседател на Македонското Друштво на ортопеди и трауматолози и го организирав Првиот Конгрес на ортопедите и трауматолозите на Македонија со интернационално  учество на кој учествуваа еминентни стручњаци од целиот свет.

1998 година нашето друштво беше примено во Европската федерација на национални асоциации под името Македонија.

1997-2002 година бев именуван за Директор на Клиниката за ортопедски болести во Скопје.

2007-2009 година бев повторно избран за директор на Клиниката

1998 година Клиниката за ортопедски болести во Скопје ја добива 13 Ноемвриска Награда.

Кои се Вашите достигнувања во ортопедијата…

Ѓ.З  За да се зборува за достигнувања потребна е макотрпна и перманентна работа, многу напори,истрајност, откажувања и саможртвувања. Потребно е време на созревање. Но веднаш да напоменам дека во кариерата како и во животот има достигнувања и падови, така се оди напред.

После комплетирањето на мојата специјализација и после стручните усовршувања во Белград, Загреб, Љубљана, Виена, Париз, Лондон, Франкфурт,Нју Јорк, Копенхаген, Стокхолм,Хелсинки,Киото оформив одделение за мускулоскелетни тумори ,коскена трансплантација  и коскен метаболизам.

Битно беше да функционираме како тим бидејки пратечките специјалности било да се базични или напредни се многу важни. Тука пред се е анатомијата, патологијата, патофизиологијата, радиологијата, онкологијата и хирургијата. Како резултат на тој тимски пристап  и систематско-аналитички и логички приод кон науката и пациентите дојдоа и резултатите.  Вградување на  биолошки реконструкции на коските и зглобовите после ресекција на големи мускулоскелетни тумори, вградување на специјално дизајнирани модуларни ендопротези на колк, колено, рамо. Вградување на ендопротеза на лакатниот зглоб.  Пресадување на жива коска, пресадување на автогена коскена срцевина.

Изработени се проекти за хируршка превенција на инвалидитетот кај локомоторните заболувања и  спасување на екстремитетите кај мускулоскелетните тумори и другите болести на локомоторен апарат. Напишани се повеќе од 200 научни труда. Напишана е и првата книга од областа на детската ортопедија,  како и книгите : „Малигни коскени тумори “ , „Зглобот на рамото“ , „ Спасување на екстремитетите“ . Објавени се шест изданија на Македонски ортопедско –трауматолошки гласник.

Македонската ортопедска хирургија и трауматологија стана членка на Европската федерација на национални асоцијации по ортопедија и трауматологија, како и на Светската асоцијација по ортопедија и трауматологија. Лично станав член на Америчката асоцијација на ортопедски хирурзи и член на Интернационалното скелетно друштво. Се одржаа и неколку Симпозиуми помеѓу Македонското и Јапонското друштво на ортопеди и трауматолози во Јапонија и во Македонија. Станав национален делегат на Сикот.

Вие во Специјалната болница за хируршки Болести  “ Филип Втори ” –  Скопје…

Ѓ.З  Се се слева  во едно име , името на нашата болница. Ние функционираме како еден тим, како организам во кој секој има свое место. Се разбира дека срцето е моторот  на нашата установа, срцето на болницата е Академик д-р Жан Митрев. Навистина е тешко во еден препознатлив бренд како што е кардиологијата и кардиоваскуларната хирургија   да стане  препознатлива и друга област на медицината која дотогаш десетина години функционирала безпрекорно. Ние се обидовме ортопедијата и трауматологијата да биде втората добра област во болницата. Направени се илјадници прегледи и големи и тешки оперативни интервенции од кои многу беа одбивани  поради сериозноста на болеста , повредата и коморбидитетите како иноперабилни случаеви. Благодарејки на тимскиот пристап и профилот на нашата болница ние со таквите случаи  постигнувавме добри резултати. Спасени се многу екстремитети, раце, нозе, но спасени се и многу животи. Постигнати се големи резултати во областа на вградување на вештачки зглобови, а особено на тие што дотрајале повторно вградуваме нови. Исто така и во областа на артроскопијата на зглобовите.

Потоа во областа на туморската патологија на мускулоскелетниот систем со специјално дизајнираните туморски вештачки зглобови, применуваме многу новини против туморите, но сеуште не е зададен последниот удар. Се надевам дека науката, медицината наскоро ќе ги победи и овие смртоносни болести, особено ако се откриени во почетниот стадиум…. Ние  работиме во Скопје, Струмица, Битола . Присутни сме на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Штип и овој млад универзитет да успее . Убаво е на младите  да им се помага…..Соработуваме и стануваме барани , консултирани од колеги и пациенти  од нашата земја, меѓутоа и од странство, како Австрија,Турција, Германија,  Албанија, Србија, Косово, Црна Гора, Хрватска … и други.

Јас сум само дел од тимот  и болницата која функционира… Верувам дека во новата болница во која наскоро ќе почнеме со работа ќе бидеме европски бренд како што рекоа нашите колеги од Виена дека е една од најдобрите болници во Европа…

Планините како предизвик…

Ѓ.З  Планините и врвовите ми претставуваат предизвик. Убаво е да  се качите  на врвовите,  но тешко е таму да се остане. Сакам да зборувам со шумите во самотија. Го слушам шепотењето на брезите, дабовите и боровите. Разговарав со дивините, но истовремено и со цветовите и звездите. Човеков предизвик е качување кон врвовите облеани во магла или во сонце сеедно, врвовите од стварноста или од мечтите. Незнаете кога вистината се претвара во надеж или обратно. На врвовите чувствувате топлина и кога ви е најстудено. Го гледате хоризонтот-светот како на дланка. Се чувствувате како човек- птица.  Се чувствувате како дел од животот.  Живот секогаш во движење и секогаш со чекор напред. Планините со своите снегови, води и езера  како планински  очи –како да се сливаат во нас. Тука го чувствувате и минатото како пат кон иднината и секогаш со по некоја нова идеја. Таму на висините како да ги чувствувате многуте милијарди клетки кои сите работат складно ,заеднички во интерес на организмот. Тоа е пат околу светот со качувања и слегувања, со паѓања и станувања, со порази и победи . Со мисли и идеи за прогрес на полето на медицината на полето на животот за доброто на сите нас , за доброто на сите пациенти.

Качувањето на врвовите е предизвик, тоа е како успех кој никогаш не е лесен, секогаш е неизвесен. Затоа наградата е толку слатка кога се допре врвот… за оној кој ќе успее да го освои. Но понекогаш крвта се смрзнува, но тоа е само за миг и повторно чекорење… Луѓето кои  успеваат во професијата,  во животот се вистински борци… Качувањето кон врвовите е предизвик бидејки секогаш ви нуди тајни како да дојдете до успех . Тоа е лекција во која нема откажувања  се до постигнување на целта.

За животот…

Ѓ.З Животот не е лесен . Направете го да ви биде интересен.  Ние чекориме во текот на животот како пат околу светотот- пеш. Тоа е импресивен зафат. Некој го почнува пеш и вториот круг околу светот по милион чекори годишно.Таков  е патот до пеколот  поврзан со многу убави случувања, а патот кон рајот со многу потешкотии.  Било до каде да стигнеме секогаш ќе бидеме еден чекор напред… Животот е движење, движењето е живот. Животот е интересно патување. А, годините, минаа годините како река или брз воз кој секогаш летаат кон напред без застанување, без здив. Планините асоцираат на зборот здравје. Животот е планинарење.  Качување и слегување. Планинарењето ја контролира телесната тежина, го зголемува имунитетот, го подобрува расположението,  ја одржува кондицијата., ја зајакнува крвта. Во животот човекот додека има снага, енергија и кондиција е здрав. Се намалува ризикот од срцев или мозочен удар. Коските стануваат посилни. Се намалуваат болките во мускулите и во зглобовите. Бидејки во животот кога ќе се изгуби снагата доаѓаат болестите. Затоа работата, патувањата, планинарењето остануваат како вечен предизвик и желба кон врвовите. На врвовите е убаво да се стигне. Успех во животот не е само тоа што сте го постигнале, туку и тоа што сте ги инспирирале другите…Одбележувањето на годините дава повод за повторно уживање. Колку подолго ги практикувате добрите здравствени навики, пешачење,планинарење, пливање, спортување, танцување, љубов толку подолго и посодржајно живеете. Се разбира дека во добрите навики се и редовните здравствени прегледи бидејки нашето тело, нашето здравје и нашиот живот продолжуваат да се подобруваат како мускулите, коските, срцето, мозокот на многу различни начини. Животот е како убаво вино. Сонувајте ќе живеете двојно подолго. .. Бидете смирени и компромисни.. Со годините ние не стануваме постари. Ние стануваме и поискусни и подобри во многу нешта… Всушност животот е работа, инспирација и љубов. Љубовта и работата се волшебни. Затоа работете и сакај те се за да останете млади и здрави… На здравје…