Д-р Горан Јовиќ, уролог: До кога жените ќе ги презентираат машките пробеми додека мажите гледаат надолу?

Дневна доза здравје

ноември 29, 2019

Што се разбира под поимот машко здравје? 

  • Од пред 6-7 години, од кога почна кампањата за машко здравје, во месец ноември или „Мовембер“ светската кампања, се направи обид да се разбуди свеста кај машката популација и да се потенцира одењето на редовните контроли, посебно кај таа популација во средните и позните години од животот, што пак и изврши многу влијание кај машката популација. Фактички со оваа кампања се разбуди и свеста кај овие луѓе за тоа тие редовно да посетат уролог, да се грижат за нивно здравје, за машкото здравје.

Мажите многу поретко одаат на преглед во однос на жените. Зошто?

  • Иако мажите биолошки се сметат дека се појаки, но кога се работи конкретно за нивното здравје тие се многу поплашливи во однос на жените. Всушност жените се иницијатори за да нивниот сопруг, татко, брат да оди и да посети лекар. Најчесто кога ќе се појават во ординација заедно со сопрузите, жената е таа што ги кажува симптомите на својот сопруг, каков тип на болка чувствува пациентот и колкав е интензитетот на болката и ако таа не ја почуствувала сепак знае точно да ја опише и презентира, т.е. каков е типот на болката, од кога се жали, од кога се појавиле овие симптоми. А секогаш мажите стојат на страна исплашени, со поглед надоле, ете таа е сликата која јас ја гледам секојдневно во ординациите.

На која возраст треба да се почне со редовните прегледи на уролог?

  • Порано границата околу проблемите со простата била околу 50-55-тата година, но сега оваа граница се помести, така да мој совет е барем после 45-тата година во животот секој маж барем еднаш годишно да посети уролог без притоа да има некакви симптоми. Машките имаат една поинаква замисла како изгледа тој превентивен машки преглед и можеби таа е и причината зошто се плашат да се појавуваат на лекар. Тоа беше табу тема,  никој не зборуваше за тоа, се велеше ако одиш кај уролог, тешко тебе. Не е воопшто така. Тоа што треба да го знаат пациетите е дека прегледот прво е разговор со пациентот. Најпрво ние земаме анамнеза од пациентот, едноставно дразговараме со цел да му посочиме некои од симптомите кои може да ги има а да не ги чуствува, потоа следи еден физички преглед, тука спаѓа ректалното туше, кое е тотално безболно. Фактички ние со прстот ја пипаме простатата преку ректум бидејќи простатата е во близок контакт со завршениот дел од дебелото црево така што ни е достапна скоро по целата површина на прегледот, така можеме да откриеме, спрема конзистенцијата на жлездата дали е цврста или помека, нејзината топлина, дали е рамна или не, дали има здебелување… по што ние веќе можеме да добиеме насока за понатамошните прегледи. После завршување на овој преглед веднаш следи преглед со ехо, ултразвук, каде го гледаме целиот урогенитален систем,  каде ги гледаме бубрезите нивната поставеност, присутност на евентуалната калкулоза,  туморозни формации, застој на самиот бубрег, потоа го гледаме мочниот меур, задебелување на мочниот меур, туморозно профилерати на мочниот меур,  нивната назабеност, задебелување на ѕидот на мочниот меур, ја гледаме простатата, ја мериме во грамови колку е нејзината тежина, за да добиеме комплетна слика. Исто така со ултразвук ги гледаме и тестисите. Тоа што е најбитно, преку ултразвукот можеме да ја мериме и рест- урината, обично овој преглед се препорачува да се направи со полна бешика, така го гледаме целиот систем со полна бешика. Потоа на пациентот му кажуваме да оди да се испразни, и повторно го прегледаме и доколку имаме застој на урината тоа значи дека веќе простатата почнува да ги прави своите првични проблеми. Пациентот не се празни до крај и имаме рест-урина, тоа е она дво-етапно мокрење, пациентот бил првично на мокрење и после   неколку минути добива повторно нагон на мокрење. Тоа се тие првични симптоми на простатата. Првичните симптоми на простата се ослободување на млазот при мокрење, тој е многу битен симптом на кој пациентите полека почнуваат да се навикнуваат, да живеат со него, и не го забележуваат.

Што е ПСА- антиген тест и кога треба да не загрижува?

  • Веднаш после првичниот преглед и ултразвук се прави и ПСА кај пациентот преку крвна анализа. Тоа значи простатичен специфичен антиген, тоа ни е неспецифичен туморски маркер кој може да не упати дека можеби се работи за некое малигно заболување на простатата, но истиот овој ПСА може да покаже високи вредности и при воспалителен процес на простатната жлезда. Така што може да има и енормни покачени вредности на ПСА а истото да не значи дека тоа е со сигурност карцином. Исто така има поспецифичен тест кој не упатува, но не е 100% сигурен дека е карцином на простатата, тој е ПХИ индексот кој сега се воведе и се работи во нашата земја, кој ни прави спореден сооднос на тотален и слободен (free) ПСА  на организмот.  За овој тест одлучува урологот кај кој пациенти треба да се направи. Практично, ПХИ- индекс не упатува дали кај пациентот треба да се напрови биопсија или не.

Дали биопсија е баук / пречка за пациентот да се појави на лекар?

  • Не, не е точно, затоа се работат сите овие предходни испитувања и треба правилно медицинска индикација да се одреди кои пациенти треба да се упатат и да се направи биопсија. Истата се прави од страна на уролозите и се прави под контрола на ехо, за да може точно да се види од кој дел треба да се земе ткиво. Се влегува во ректум со ректална сонда, простатата ја гледам на монитор, имам водич за биопсината игла, и земам најмалку од полиња ткиво од простатата која е долго понекогаш и до  2 цм а е тенко дури помалку од 1мм. Ткивото се праќа во патохистологија  и од 5-7 дена се добива дијагноза. Тогаш може да тврдиме со сигурност дали има или нема малигно заболување.

Кои се чекорите во лекувањето кога станува збор за зголемување на оваа жлезда а кои кога веќе ќе се најдат лошите клетки?

  • Месец ноември како кампања на машкото здравје е потсетник за машките да пуштат мустаќи и кога ќе се видат машките со мустаќи ќе се сетат дека треба да се појават на лекар. Целата оваа кампања е позитивна во раното откривање на карцином на простата. Рано откривање значи дека пациентот и ако е диагностициран со рак, карцином на простата, не значи дека нема спас, морам да потенцирам дека навремено откривање на карцином на простата денес е 100 % излечива болест. Карциномот на простатата треба да го откриеме кога е во првичните стадиуми бидејќи имаме можнсти, фактички со првичниот преглед на доаѓање на пациентот да се посомневаме дека кај тој пациент може да се работи за малигно заболување на простата, а целата процедура од првичниот преглед се до дијагноза со биопсија може да се заврши од 8-10 дена, по ова време ние би имале преавец како и што треба да направиме со лекувањето на пациентот. Доколку се открива малигно заболување на простата кај пациентот се третира со оперативно лекување (радикална простатоктомија) која може да се работи класично или лапароскопски. Радикална простатоктомија значи дека се вади  простатата во целост со нејзината капсула, семените везикули (мали жлезди кој се наоѓат во непосреден контакт со простатата) и се вадат линфните жлезди, оптураторните жлезди кој се наоѓат лево и десно од простатата. Тоа е комплетно вадење на тој систем. Дали се работи оперативно или лапараскопски, на крај целта е иста. На овој тип на лекување ги третираме пациентите до еден одреден стадиум од почетокот на болеста. Ако одиме во понатамошните повисоките стадиуми, тогаш пациентите не се третираат со хируршки третман, но веднаш морам да напоменам, да ги охрабрам дека овој тип на пациенти примаат хормонална терапија, еднаш месечно или на три месеци примат „Депона“ лек кој делува и помага во намалувањето на нивото на лачењето на тестостеронот во организмот, бидејќи тој е виновникот на напредување на болеста. Со намалување на нивото на тестостерон во организмот имаме „хемиска кастрација“, со тоа почнува самата простатна жлезда да атрофира и да се стави во хормонална контрола карциномот на простата кој вака можеме да го држиме со години а пациентот да биде во релативно добра кондиција и да има квалитетен живот. Во нашата денешница се бара лек кој реално и го имаме, да го задржиме нивото на тестостеронот во организмот, да го задржиме либидото, потенцијата кај пациентот а имаме одговор на простатната жлезда. Овој тип на лекарства се користат кај бенигнита простатна хиперлазија.

Дали грашат машките кои примаат стероиди со тестостерон бидејќи сакаат да имаат убаво машко тело, и до каков проблем може да се дојде?

  • Овој е еден голем проблем кој го имаме не само во нашата земја но и било каде во светот бидејќи во сите фитнес сали каде што одаат младите, како прво нема кој да ги упати на кој начин да ги користат сите овие препарати. Секогаш треба да се направи еден правилен баланс на препаратите кој ги користат, и за тоа обавезно да се консултираат со ендокринолог. Со внесување на тестостерон во организмот хипофизата како диригент на сите жлезди добива информација дека во организмот има презаситеност на тестостерон, дава наредба на тестисите да прекинат со лачење на тестостерон, и практично истите се исклучуваат од работа и при известно време на користење на тестостерон, почнува атрофија на тестисите тие веќе ја губаат нивната функција. Со тоа следува намелено либидо, импотенција и тука почнуваат и психичките проблеми кај овие пациенти. Затоа, апелирам до сите тие млади лица кој сакаат да имаат убаво тело пред се да се информираат, да се консултираат со стручно лице кој добро знае тоа да го работи а потоа да почнаат да користат било какви препарати за да имаат добро здравје.

Колку е присутна импотенцијата кај машките и како се открива?

  • Импотенција не е секогаш болест, таа може да биде и симптом за други заболувања. Затоа пациентите не треба да дојдат на превентивен преглед само заради мокрење или простата, треба да обрнаат внимание исто така и околу либидото и потентноста. Оваа е уште табу тема.  Сеуште никој не се осудува да го каже тоа кај докторот но сепак приватноста на овие интимни прегледи е загарантирана и останува само кај докторот, затоа пациентите треба да го кажаат тоа доколку го имаат како симптом бидејќи не е срамно. Нашата клиника е специјализирана за кардиоваскуларни болести покрај сите други дејности а број еден е за кардиоваскуланите заболувања, преку ова доста често и откриваме пациенти кој имаат кардиоваскуларни проблеми бидејќи кога почнуваат да страдаат долните крвни садови за добра потентност и ерекциона функција имаме веќе намалување на ерекциона функција, имаме пореметување и запушување на овие фини крвни садови, и тоа ни повлекува сомнеж дека можда истата состојба пациентот ја има и во коронарните садови. Ова може повеќе да биде како симптом за откривање на една битна состојба кај пациентот  и понекогаш може да побара итно да се реагира. Затоа бидете храбри и кажувајте ги вашите проблеми.